Надополнето: Канал 5, Сител, Kурир.мк и NetPress се повлекоа од Time.mk поради комерцијални причини

105 коментари 5 мин. читање

<Надополнето>И Курир.мк и NetPress им се приклучија на Kанал 5 и Сител и решија да се повлечат од Time.mk, односно NetPress реши да не дозволува на ниту еден агрегатор да им ја споделува содржината.

„Причината е едноставна. Некој сака да заработува пари на туѓ труд, и при тоа без регулирање на авторските права.“, пишува NetPress.com.mk.

</надополнување>

Двете телевизии Канал 5 и Сител вчера се повлекоа од агрегаторот за вести и најпопуларниот .мк сајт, Time.mk. Причината, велат двете страни, медиумите и агрегаторот, се пари. Ставовите околу посетите се поделени.

„Тиме.мк користи содржина без дозвола и заработува од неа, додека медиумите не добиваат ништо.“, вели директорот на Канал 5, Иван Мирчевски. „Што се однесува до посетите, Канал5.com.mk сега е попосетен сајт.“

Основачот на Time.mk, Игор Трајковски, ни потврди дека имало средби со двата медиуми и дека тие барале да им се плати за содржината. Еве што вели тој во својот Twitter фид:

Двата медиуми, Канал 5 и Сител, и забавниот портал ИдиВиди, сè уште се присутни на останатите два .мк агрегатори, Daily.mk и Буквар.мк. За првиот, г. Мирчевски од Канал 5 вели дека ќе дојде на дневен ред. Toj вели дека и Daily.mk немале дозвола да агрегираат нивна содржина, додека со Буквар.мк постои договор.

До Сител испративме имејл за објаснување зошто се повлекоа од Time.mk, на кој сè уште ни немаат одговорено. Не би не изненадило и тие да потврдат дека се работи за комерцијални причини.

Според комуникологот Сеад Џигал, одлуката на Канал 5 и Сител може да им наштети и на нив, и на другите веб сервиси.

Сите три агрегатори ги собираат на ист начин содржините од медиумите – преку RSS фид кој е јавно достапен на соодветните сајтови (*потоа ги анализираат преку свој софтвер). Eве го RSS фидот на Сител, еве го нa Канал 5. Јавниот RSS фид може да се додаде од корисниците во алатки – читачи на RSS канали, пример како Google Reader или FeedDemon, кој пласира реклами. Агрегаторите го прават тој процес автоматски, корисникот не мора сам да додава медиуми во RSS листата, и ги организираат локалните медиуми според категории и теми. Исто така, сите три .мк агрегатори користат горна рамка која што во еден период беше проблем за медиумите, кои уште од појавувањето на агрегаторите изразија незадоволствo бидејќи некој им ја агрегира содржината.

Што се однесува до посетите, Time.mk е најпосетуван .мк сајт, според Аlexa-mk. Според Google Analytics бележи околу 650.000 посети неделно. Конкурентниот Daily.mk е 31-ви според Alexa, а Буквар.мк сега е на 157-то место.

Токму поради статистикава на Тиме.мк, малку е чудно што новинарката на Сител, Славица Арсова, во твит рече дека посетите на сајтот на Сител кои стигаат од Time.mk се незабележителни. Според Alexa-mk, Сител е 10-от најпопуларен .мк сајт, а Канал 5 е на 12-то место.

@sead93 time.mk generira pomalku od 1% od posetite na sitel.com.mk.. Mojot fb profil im nosi povekr 19 hours ago via Twitter for iPhone ·  Reply ·  Retweet ·  Favorite · powered by @socialditto

Дали Time.mk, Daily.mk и Bukvar.mk треба да им плаќаат на медиуми или не, останува на нив. И на медиумите.

Делот кој што не е баш јасен е околу посетите. Функцијата (и услугата) која ја нудат агрегаторите е да им олеснат на читателите да дојдат до вести од повеќе извори, организирани и групирани по тема и категорија, наместо да посетуваат разни сајтови и да копаат по вести. Затоа и се толку популарни. Но, бидејќи агрегаторите прикажуваат само наслов, слика и краток воведен текст, очигледно е дека заинтересираните читатели ќе ја дочитаат веста на сајтот на медиумот. Односно, тоа се повеќе посети на сајтот на медиумите. Налик на друштвените мрежи, каде се линкаат вести, но наместо од автоматизираниот RSS роботи на агрегаторите, на мрежите корисниците се тие кои споделуваат. Читателите кои сакаат да читаат вести од само еден медиуми, јасно дека ќе ја посетуваат нивната страна, без да користат агрегатори и други сајтови.

Услугата која ја нудат агрегаторите им дозволува и на помалите медиуми да излезат пред публика и да презентираат вести. Ова значи поголема конкуренција која треба да ги мотивира медиумите да пласираат поквалитетни вести за да привлечат публика. Барем така е во теорија. И на запад.

*Ни беше посочено дека иако агрегаторите ги користат RSS фидовите да ги откријат најновите линкови, тие потоа користат свој софтвер да ја анализираат содржината од тој сат. Затоа и на агрегаторите може да се најде повеќе содржина од таа на RSS фид.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

105 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top