Ова е гостински текст на Бојан Кордалов, виш експерт за стратешки комуникации, јавни политики и дигитална трансформација/ВИ писменост. Тој има над 20 години искуство во областите на ЕУ видливост, односи со јавност и стратешки консалтинг. Во моментов, Бојан Кордалов е директор за креирање политики и комуникации во Европскиот Центар за Извонредност (ECE) во Брисел.

Повеќето луѓе го ажурираат своето CV или LinkedIn профил само кога им треба нова работа. И често, ваквиот пристап делува логично бидејќи сметаме дека нема потреба да инвестираме во подобрување на професионалното портфолио доколку не аплицираме на конкретно работно место. Но, вистината е дека, ако почнеме да работиме на зајакнување на професионалниот дигитален идентитет само кога очајно ни е потребна промена или ново работно место, тогаш веќе може да биде предоцна.
Во мојата децениска работа со студенти, млади професионалци, па дури и со поискусни експерти низ Европа, го забележувам истиот образец на однесување: во нашите кариери постојано се случуваат одредени напредоци, унапредувања или постигнувања, но многу малку навистина завршуваат во работната биографија или, пак, ги објавуваме на платформите што го обликуваат нашиот професионален идентитет. Успешно реализиран проект, победа на хакатон, волонтерска иницијатива или, пак, секојдневен предизвик кој успешно сте го надминале на работното место… И сето тоа често останува неискористено и избледува бидејќи не сме го запишале во нашата професионална биографија и дигитално портфолио.
И да, дел од дилемите кои најчесто сите не мачат, особено кога сме на почеток на нашата кариера се следните: како да препознаам што е релевантно за моето CV, дали оваа недела или месец навистина стекнав некоја нова вештина и која е таа, или, пак, како да најдам доволно време за да континуирано и конзистентно работам на подобрување на моето дигитално портфолио?
Затоа што денешниот начин на функционирање на пазарот на труд, кој сè повеќе е обликуван од страна на дигитални платформи и вештачка интелигенција, невидливоста нѐ чини многу пропуштени можности и прилики. Работодавачите и регрутерите во голема мера веќе користат системи засновани на клучни зборови и алгоритми управувани од ВИ за да ги пронајдат новите вработени. Ако вашите вештини и постигнувања во вашата кариера не се документирани и оптимизирани за овие системи, ризикувате да бидете буквално „невидливи“ на пазарот на трудот. Не затоа што немате знаења и вештини, или бидејќи немате што да покажете, туку затоа што дигиталниот запис за вашата компетентност едноставно не постои. Не заборавајте дека за да реално постоите или да бидете релевантни за регрутерите и менаџерите, денес е еднакво на тоа да бидете видливи онлајн!
Токму ова е причината зошто го креирав и успешно го тестирав A.I.M. моделот: едноставен, структуриран метод што ги претвора вашите активности во видливи, долгорочни постигнувања со помош на АИ. Тој означува Analyse-Integrate-Market или Анализирај-Интегрирај-Маркетирај.
АНАЛИЗИРАЈ – Дневник на постигнати резултати и напредоци
Првиот чекор со кој започнуваме е мошне едноставен: запишете што сте направиле и постигнале на професионален план. Тоа може да биде нова професионална улога на истото работно место, курс што во меѓувреме сте го завршиле, проект на кој сте се приклучиле и сте дале макар минимален придонес во неговото успешно реализирање или, пак, одредена активност во која сте волонтирале. Замислете го овој почетен дел како создавање дневник на вашето професионално патување. Клучот не е во совршенството на она што ќе го забележите дека сте го постигнале, туку во тоа да не заборавите или пропуштите и најситен детаљ.
Да бидеме реални, премногу често ја потценуваме вредноста на малите активности. На пример, учество на проектен состанок на работа или од далечина можеби не изгледа „вредно за CV“. Но, ако тој состанок придонел за обликување на регионална политика или влијаел макар и на интерните комуникациски стратегии, неговата вредност е многу поголема отколку што изгледа во моментот. Редовното и активно бележење значи дека подоцна можете да му се навратите и да ја извлечете неговата вистинска смисла и вредност за вашиот професионален дигитален идентитет.
ИНТЕГРИРАЈ – ВИ алатките знаат како да ги поврзат точките
Токму во вториот дел од A.I.M. моделот алатките на вештачката интелигенција ја прават предноста во ваша полза. Секако дека бележењето и водењето на професионален дневник е мошне важно, но во ера на ВИ не е доволно. Всушност, забележаните деловни напредоци и кариерни постигнувања е неопходно да се пресликаат во вештини, знаења и конкретни резултати. Токму тука ВИ алатките како ChatGPT можат да станат вашиот личен советник за кариера.
Ајде да земеме еден реален пример. Колега кој работи на ЕУ проекти за дигитализација и ВИ едноставно запишал: „именуван за консултант за дигитализација и комуникации во рамките на QUADRION.“ Добра белешка, но доста минимална.
Кога, покрај овој концизен фактографски опис, на ВИ алатката ѝ беа дадени повеќе детали, истата реченица веќе прерасна на следниов начин: „Унапреден во експерт за дигитализација и ЕУ стратешка комуникација, кој придонесува за меѓународна соработка во рамките на QUADRION за зајакнување на регионалната ВИ трансформација“. Одеднаш, нешто што изгледаше како сувопарно назначување на нова улога или уште една обврска плус на старото работно место, прерасна во јасно изразена и демонстрирана експертиза, вештини и влијание кое регрутерите и работодавците многу позитивно ќе го протолкуваат при изборот за вработување.
Ова е еден конкретен пример како нашата соработка со ВИ алатките го мултиплицира позитивниот ефект и дава резултати за нашата работа, продуктивност и деловен напредок: во секоја наша шема на изразување и опис на постигнатото, ВИ умешно ги преточува опишаните активности и кариерни постигнувања во применливи вештини и знаења. ВИ алатката, речиси со брзина на светлината, ги поврзува точките за што нам ни е потребно многу повеќе време да го постигнеме.
МАРКЕТИРАЈ – Направете ја вашата кариерна приказна видлива
Последниот чекор во овој A.I.M. модел е да ги поставиме дефинираните вештини, знаења и постигнувања онаму каде што имаат значење и придонес за нашата кариера: во нашето CV, на LinkedIn, како и преку друг тип на објави на социјалните медиуми и другите дигитални платформи. Секогаш треба да се потсетуваме дека маркетингот или т.н. себепромоција не е претерување. Тоа едноставно значи осигурување дека нашите реални вештини и достигнувања не се скриени на некој лист хартија или некаде зачувани како одамна заборавени е-пораки. Затоа што во овој исклучително динамичен свет, секое деловно постигнување може да биде заборавено после само неколку часа!
Замислете го вака: ако вашиот LinkedIn е статична визит-карта, ќе ве најдат само кога некој веќе го знае вашето име. Но, ако е редовно ажуриран запис за вашата експертиза, ќе се појавувате во пребарувања, препораки и можности што можеби дури и не сте ги очекувале.
Слично важи и за вашето CV: наместо статичен „лист хартија“ редовно следете и освежувајте го прикажувањето отсликано преку развојот на вашата кариера и постигнувања.
Зошто A.I.M. моделот денес е поважен од кога било?
A.I.M. моделот не значи вие да трошите часови на личен брендинг. Станува збор за посветување од само 15 минути, двапати неделно, за да се осигурате дека вашата професионална приказна е секогаш динамична и ажурирана. Поставете два потсетника во вашиот календар секоја неделно и третирајте ги сериозно како да се состаноци со клиент. Или како што тоа го правите со закажаните термини кај стоматолог или тренинг во теретана.
Со текот на времето, овој ритам создава конзистентност и редовна динамика. Ќе создадете извор на вештини и постигнувања што расте заедно со вашата кариера. И кога ќе дојде моментот, без разлика дали аплицирате за нова работна позиција, презентирате проект, или сте конкурирале за говорници на панел, вашата приказна веќе ќе биде напишана и подготвена за презентација и убедување.
Во ерата на ВИ, најпаметниот потег е да ѝ дозволите на вештачката интелигенција да работи за вас. Не за да го замени вашиот труд, туку да го засили!
Со ВИ алатките, живееме во свет каде што премногу талентирани луѓе остануваат невидливи затоа што ја потценуваат важноста на професионалното себепромовирање и обликување. Алатките сега се во нашите раце: речиси целосно бесплатни, достапни и поинтелигентни од кога било.
Нашиот личен избор е едноставен: да чекаме до следната голема промена во кариерата за да го ажурираме профилот, или да почнеме да целиме кон успех уште сега.
Ако ме прашате мене лично, оваа дилема воопшто не треба ни да постои!







