21 ден во Кина, 21 ден со Alipay и WeChat

0 коментари 7 мин. читање

Ова е гостински текст на Марјан Вучковиќ, во кој пишува за своето искуство од Кина и за тоа како суперапликациите создаваат дигитални екосистеми што стануваат дел од секојдневието.


Секој што се подготвува за патување во Кина веројатно ќе добие еден практичен совет: инсталирај Alipay и WeChat. Пред патувањето ја поврзав мојата Visa картичка со двете апликации. Знаев дека мобилните плаќања се широко распространети и дека без нив секојдневието може да биде прилично комплицирано, посебно за странец.

Она што не го очекував беше колку брзо ќе се навикнам на користењето на апликациите.

Во јуни и јули 2026 година, поминав 21 ден во Кина, посетувајќи ги Пекинг, Шиџијажуанг, Хангжу и Иву, како дел од меѓународна програма посветена на дигиталната економија, организирана од Универзитетот за економија и бизнис Хебеј и Министерството за Трговија на Кина, а во соработка со Амбасадата во Скопје.

Имав можност да разговарам со професори, претприемачи и луѓе кои директно работат на развој на нови технологии.

Но, дел од најинтересните сознанија не дојдоа од предавањата или посетите на компаниите. Дојдоа од обични секојдневни ситуации: плаќање во маркет, купување сувенири на тезга, изнајмување велосипед или користење такси услуги. Во многу од тие ситуации QR-кодот беше доволен за да ја завршам трансакцијата преку апликацијата.

По само неколку дена веќе не размислував за технологијата зад купувањето, превозот или нарачувањето храна и пијалаци. Користењето на апликацијата ми стана навика.

Кога апликацијата станува навика

Alipay и WeChat имаат различни почетоци. Alipay се развиваше околу дигиталните плаќања и довербата во електронската трговија, додека WeChat започна како комуникациска платформа и сѐ уште ја задржува таа важна социјална улога. QR-кодовите се користат и за поврзување со други корисници.

Денес нивните екосистеми опфаќаат многу повеќе од првичната намена.

Преку нив може да се пристапи до широк спектар услуги, без за секоја да се превзема посебна апликација. Тука важна улога имаат мини-апликациите: услуги и функционалности што се отвораат во рамките на постојната платформа, без класична инсталација.

Велосипеди од различни оператори во Пекинг, со можност за активирање преку Alipay и WeChat

За мене како корисник тоа значеше помалку чекори, За компаниите – пристап до веќе воспоставен дигитален канал преку кој може да комуницираат, да продаваат и да нудат услуги.

Се разбира, не сите услуги се достапни на ист начин за секој корисник. Дел од функционалностите се поврзани со локална идентификација, кинески банкарски сметки или домашни регулаторни барања. Дел нудат и биометриска верификација, која јас не ја користев, да бидам искрен.

Но во целата оваа приказна, најинтересен е принципот. Кога човек има апликација што секојдневно ја користи, многу полесно ќе прифати нова услуга во нејзини рамки отколку да започнува сосема нов дигитален однос со друга компанија. 

Добар пример беа велосипедите за изнајмување. Имаше велосипеди од различни оператори, препознатливи по бојата и моделот. Во мојот случај, и двата оператори овозможуваа активирање преку Alipay и WeChat, со скенирање QR-код. Иако велосипедите беа различни, начинот на користење ми беше веќе познат.

Е токму тука, започнува разликата помеѓу апликација и екосистем.

Зошто QR кодот е толку важен?

Од технолошка перспектива, QR-кодот не е некаква спектакуларна иновација. Постои со години и се користи насекаде низ светот. Но, во Кина видов колку голема промена може да направи една релативно едноставна технологија кога ќе стане широко прифатен стандард во секојдневното работење.

За мал трговец, можноста да прими дигитално плаќање преку QR-код може да биде  поедноставна од воведувањето посложена опрема. Сепак, видов и посебни терминали за скенирање QR-кодови кои поддржуваат и биометриска идентификација. Интересно беше што за корисникот процесот изгледаше сосема вообичаено.

Во насока на маркетингот и развојот на производи, често зборуваме за корисничкото искуство. Се анализираат интерфејси, број на кликови, регистрациски процеси и патека на корисникот. Но, понекогаш најдобриот показател за доброто корисничко искуство е тоа што корисникот воопшто не размислува за процесот.

Едноставно ја завршува работата.

Екосистемите имаат своја деловна логика.

Професионално, најинтересен ми беше деловниот модел зад оваа поврзаност. Кај нас и апликациите со повеќе услуги често остануваат претежно во рамки на производите и партнерствата на една компанија. Барем јас досега не сум сретнал домашна апликација со ширина на услуги како Alipay или WeChat, која на едно место поврзува купување, превоз, влезници за настани и услуги од многу различни даватели. Разликата не е само во бројот на функции, туку во обемот на поврзувањето.

Но, тој не функционира автоматски. Голем број регистрирани корисници не значи дека постои успешен екосистем. Важно е колку често луѓето ја користат платформата, дали услугите им се релевантни и дали партнерите имаат економска причина да останат дел од  неа.

Од деловна перспектива ова отвора интересни можности.

Компанијата што веќе има воспоставен однос со корисникот потенцијално има пониски трошоци за понуда на дополнителна услуга отколку компанија што мора да го привлече истиот корисник од почеток. Постојаната комуникација може да се искористи за продажба на сродни производи, програми за лојалност или услуги од партнери. Но, дополнителната продажба сама по себе не е доказ за успешен екосистем.

Ако корисникот не добива вистинска вредност, поврзувањето на производите може да се претвори во уште еден канал за рекламирање. Повеќе понуди, повеќе известувања и повеќе причини да ја исклучи апликацијата.

И финансиската логика мора да биде одржлива. Поголема активност може да создаде дополнителни приходи, но носи и трошоци за инфраструктура, безбедност, поддршка и управување со партнерите.

Вистинското прашање не е колку услуги можеме да додадеме, туку колкава вредност создава нивната поврзаност и за корисникот и за компаниите што учествуваат.

Зошто една апликација со многу функции не е екосистем?

Ова е прашање што често се отвора во разговори со колеги, пријатели и луѓе што користат различни дигитални услуги.

Компанија развива мобилна апликација. Прво овозможува пристап до основниот производ. Потоа  додава нова услуга, програма за лојалност, понуда од партнер, можност за купување и плаќање. На презентација, сето тоа изгледа како одличен дигитален екосистем. Но дали навистина е?

Во мојата работа, едно од поважните прашања секогаш било дали корисникот има природна причина да премине од една услуга кон друга. Поврзаниот екосистем бара повеќе работа зад екранот отколку на самиот екран. Потребни се услогласени процеси, јасни правила за користење податоци, интеграција меѓу партнерите и комерцијален модел во кој сите имаат интерес да создаваат вредност.

Во Кина, Alipay и WeChat покажуваат што може да се случи кога таквата поврзаност ќе достигне голем обем и ќе стане дел од навиките на луѓето.

Сепак, тоа не значи дека кинескиот модел може едноставно да се преслика кај нас.

Едноставност за корисникот, сложеност зад системот.

Моето искуство со Alipay беше претежно позитивно. Успешно ја поврзав Visa картичката и најголем дел од престојот плаќав без проблеми. Но, имаше и ситуации со побавен поврат на средства поради погрешна наплата, како и привремено безбедносно блокирање на плаќањата. Овие искуства ме потсетија дека едноставниот интерфејс не значи и едноставна инфраструктура.

Кинескиот платежен систем е изграден врз домашна мрежа од банки, платежни институции, картички и клириншки системи. За домашните корисници интеграцијата може да биде речиси незабележлива. Кога во процесот ќе влезе странска картичка, се вклучуваат и меѓународните картични мрежи, банката што ја издала картичката и дополнителните проверки.

Кина во последните години направи значителни чекори за да го олесни користењето на меѓународни картички во мобилните плаќања. Но, разликата помеѓу домашниот и странскиот корисник сѐ уште е важна.

Има и пошироко прашање. Колку е добро секојдневието на корисникот да зависи од една или две доминантни дигитални платформи?

Погодноста е очигледна. Но, со концентрација на услугите расте и зависноста од правилата на платформата, нејзината достапност, начинот на обработка на податоците и можноста корисникот да избере алтернатива.

Од перспектива на компаниите, истото важи и за трговците. Пристапот до голема корисничка база е огромна предност, но носи зависност од посредник што може да ги менува условите за учество.

Тоа е цената што не секогаш се гледа кога зборуваме за едноставноста на корисничкото искуство.

Што од ова има смисла во Македонија?

По враќањето од Кина, често размислував колку од она што го видов е применливо во Македонија и регионот.

Не мислам дека треба да градиме сопствен Alipay или WeChat. Ниту имаме ист пазар, исти навики, ниту ист институционален и технолошки контекст. Но, можеме да научиме нешто од начинот на кој се размислува за поврзувањето на услугите. 

Кај нас често развојот на дигитален производ започнува од тоа што компанијата сака да понуди. Имаме неколку производи, па се обидуваме да ги сместиме во една апликација и да најдеме начин корисниците да ги користат. Можеби треба почесто да примениме обратна логика.

Која потреба се повторува во секојдневието на корисникот? Кои услуги природно се надополнуваат? Што можеме да поедноставиме без да го принудуваме човекот да менува навики или да учи нов систем?

Потоа доаѓаат деловните прашања. Кој партнер може да ја испорача услугата подобро? Како се делат приходите и трошоците? Дали поврзаноста ја зголемува лојалноста затоа што носи вредност или затоа што го прави напуштањето на платформата потешко?

Тоа се различни деловни модели, со различни последици за корисниците.

После 21 ден користење на Alipay и запознавање со екосистемот на WeChat, најмногу ми остави впечаток колку малку внимание бараат од корисникот во ситуациите кога сѐфункционира како што треба.

А зад таа едноставност стојат години развој, професионални IT тимови, инфраструктура, партнерства и усогласени процеси.

Затоа, денес кога разгледувам нови апликации што се претставуваат како дигитален екосистем, помалку ме интересира колку функционалности има. Повеќе ме интересира дали тие функционалности имаат логична врска во животот на косрисникот.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед