Како холивудската дива Хеди Ламар придонесе во развојот на Wi-Fi

Avatar img-thumbnail img-circle

во Останато

Можеби на друштвените мрежи веќе сте го забележале ова меме:

Џек Дорси, Марк Закерберг и Стив Џобс се во горниот ред, секој со компаниите кои ги основале. Во долниот ред е актерката и иноваторка Хеди Ламар со порака „Јас го направив Wi-Fi”. Ако не сте запознаени со Ламар, и ја знаете само од фимовите (ако воопшто ја знаете од некаде) тогаш ова може да ве збуни, но Ламар освен што е холивудска супер ѕвезда е и иноватор, а дел од нејзините изуми имаат значителна примена во WiFi технологијата.

Која е Хеди Ламар

Хеди Ламар е родена на 9 ноември 1941 година во Виена. Родена е како Хедвиг Ева Марија Кислер. Со доаѓањето во Холивуд и потпишувањето на договор со MGM го променила името во Ламар. Во Холивуд, Ламар била една од најпопуларните актерки за време на 30-тите и 40-тите години. Глумела во Алжир, Бум Таун (Boom Town), Самсон и Далила и Белиот Товар (White Cargo). Во Бум Таун глумела заедно со Кларк Гејбл и Спенсер Трејси. За време на филмската кариера, верувала дека Холивуд ја потценува нејзината интелигенција и ѝ дава улоги исклучиво поради убавината.

Ниту приватниот живот на актерката не е едноставен. Се мажела шест пати, а нејзиниот прв сопруг е Фридрих Мандл, австриски производител на оружје кој им продавал оружје на нацистите. Ламар требала да ги забавува купувачите на оружје. Сепак ова не траело долго, нејзината омраза кон нацистите набрзо придонела да се разведат. Во 1937 година, по разводот се преселила во Лондон, а потоа и во Лос Анџелес.

Сликата на Хеди Ламар е инспирација за Catwomen во стриповите Бетмен.

Ако Хеди Ламар од некаде ви е позната, но сигурни сте дека тоа не се старите филмови, можеби ова ќе ве потсети: „Хеди Ламар е и оригиналното лого на Corel Draw 8!

Хеди Ламар на Corel DRAW 8 (Internet Archive)

Иновациите на Ламар

Сепак и покрај нејзината слика како гламурозна старлета, најголемиот придонес на Ламар за светот не е на филмското платно, туку во технологијата. Актерката за време на Втората светска војна во соработка со композиторот Џорџ Антајл изработи систем за трансмисија на радио-бранови со прескокнување на фреквенција (frequency-hopping spread spectrum technology).

Технологијата требала да го спречи пресретнувањето на радио сигналите, пред сѐ оние кои се користеле за наведување на торпеда во Втората светска војна. Идејата на Ламар и Антајл била да создадат метод со кој радио сигналот пренесуван меѓу контролната станица и торпедото би „скокал“ помеѓу различни фреквенции по предодредена шема. Ова ќе го направи тешко за непријателот да го открие и блокира сигналот бидејќи ќе треба да ја знае точната секвенца на фреквенциите за да го следи сигналот.

Инспирација за технологијата е начинот на работа на пијанола. Тоа се оние автоматски пијана кој често ги гледаме во вестерни, а музиката свири со помош на перфорирани хартиени ролни. Идејата била како што пијано ролната се движи за да свири различни ноти, така и механизмот за фреквентно скокање да се движи помеѓу различни фреквенции.

Ламар и Антајл го патентирале изумот во 1942 година под името „Таен комуникациски систем“. Американската морнарица првично ја отфрлила технологијата како премногу комплицирана и тешка за имплементација. Во 1960-тите години, концептот беше повторно разгледан и применет во безбедните воени комуникации. Во овој период патентот на Ламар и Антајл веќе бил истечен.

Откако беше усовршена и прифатена, технологијата за фреквентно скокање стана основа за развојот на неколку модерни комуникациски технологии. Во Wi-Fi и Bluetooth се користи за да се спречи мешањето на сигнали и да се одржи силна врска дури и во средини со многу уреди што работат на слични фреквенции. Безбедниот пренос на сигнали во системите за GPS е уште една примена на принципот на фреквентно скокање, помагајќи да се обезбеди точноста и отпорноста на навигациските сигнали на блокирање.

Покрај ова работела и на различни други проекти од подобар систем за сообраќајна сигнализација, флуоресцентни каивчиња за домашни миленичиња, до таблетка која може да ја претвори водата од обична вода во газиран сок со вкус.

Без признание до крајот на 20 век

Ламар и Џорџ Антајл не добија признание за придонесот во развојот на технологијата до 20-иот век. Во 1997 година за нивниот придонес во развојот на технологијата им беше доделена Electronic Frontier Foundation (EFF) Pioneer Award. Ламар е и прва жена добитник на BULBIE Gnass Spirit of Achievement Award од Invention Convention. Во 2014 година, постхумно беше внесена во Куќата на славни иноватори.             

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments