Сe повеќе фудбалски клубови и фудбалски федерации применуваат нови методи како што се фудбалска аналитика, технологија и статистика за да видат кои играчи имаат најдобри перформанси на теренот – и тука не секогаш се работи за бројот на постигнати голови, туку најважна е севкупната анализа на податоци. Бугарската компанија Ubitrack е една од пионерите во оваа област. Основана во 2017 година, компанијата користи технологии и решенија за автоматско извлекување податоци за да им помогне на фудбалските клубови во потрагата по играчи со најдобри перформанси.
Пред две години, компанијата пронашла можност на пазарот во спортската индустрија – пред се поради тоа што необработените податоци за перформансите се оскудни, неквалитетни и прилично скапи.
Компанијата потоа решила да започне со мисија да достави целосни, прецизни и сеопфатни податоци на пазарот. Користејќи алгоритми базирани на Computer Vision и Machine Learning, таа успеаала да го автоматизира процесот на извлекување податоци, правејќи ги извлечените податоци достапни за клубовите.
Врз основа на тие податоци, фудбалските клубови можат да ги проценат перформансите на нивните тимови и играчи, да ги идентификуваат областите што треба да се подобрат и исто така да ја анализираат конкуренцијата.
“Во моментов, собирањето податоци во спортот сè уште се врши претежно рачно. Поради тоа, ретко може да се добијат целосни податоци (а оние кои можат обично се најбогатите клубови во светот), а кога ги добиваат, податоците се со мала точност и фрагментирани. Порано работев како аналитичар во компанија која само оценуваше колку се опасни нападите на двата тима за време на натпревар во живо, и од прва рака знам колку може да бидат објективни таквите процеси”, објаснува генералниот директор и ко-основач на Ubitrack, Николај Ташев.
Во пракса, компанијата инсталира камери околу фудбалскиот терен, кој потоа извлекува податоци за перформансите за фудбалските тимови и нивните играчи. Со користење на овие методи, софтверот добива милиони записи на податоци, кои потоа се обработуваат и се доставуваат до клиентите.
“Со Ubitrack решивме дека со користење на компјутерска визија и машинско учење, можеме да го автоматизираме процесот на извлекување податоци така што можеме да обезбедиме податоци од натпреварите. Податоците се објективни и споредливи без разлика каде е имплементирана нашата технологија“, потенцира Ташев.
Според него, веќе станува и очигледно дека технологиите можат да помогнат и во подобрувањето на перформансите на регионалните тимови.
“Во последниве години гледаме како тимови како Лудогорец и ЦСКА1948 инвестираат во технологија за следење и аналитика. Овие тимови се претставија многу добро во изминатите неколку години“, вели Ташев.
На пример, доколку фудбалскиот тренер сака неговите играчи физички да се подобрат, неговите помошни тренери создаваат режим на вежбање. Информациите за перформансите потоа ќе потврдат дали режимот е ефективен или ако треба да има прилагодување. Тоа може да заштеди време, пари и да резултира со подобра позиција во лигата, објаснува тој.
„Имањето информации за спротивниот тим им овозможува на тренерите да подготват посилни такткити за нивните противници. На тој начин има поголема конкуренција која е и позабавна за фановите. Тоа дури може да доведе до тоа клубовите да се претстават подобро во европските натпреварувања“, вели Ташев.
Тука се и вистинските фудбалски скаути кои собираат податоци за фудбалските перформанси од натпреварите, и според многумина од нив, податоците и статистиките често се многу поверодостојни од самите фудбалски резултати, кога клубовите се во потрага по најдобрите играчи.
Самите скаути мораат да бидеме физички присутни на натпреварите, бидејќи секоја шанса за да се постигне гол на натпреварот е различна и поради тоа тие мора да дадат прецизни статистика околу она што се случува на теренот.
Според сето ова, ваквите методи можат особено да се покажат како корисни за фудбалските тимови од балканските земји, каде иако има потенцијал, сепак фудбалот не е толку развиен како во Западна Европа, и инвестициите во овој спорт се на значително пониско ниво.
Истовремено, растот на стартапите и спортските технолошки компании ќе доближи голем дел од овие услуги до регионот.
“Технологијата, во суштина, ги автоматизира и подобрува процесите. Поради тоа, неодамнешниот раст на спортските технолошки компании и одредени стартапи ќе ги донесе сите овие производи и услуги на пазарите кои во моментов не можат да си го дозволат сето она што го нудат светските компании. Регионите како Балканот сега можат да си дозволат алатки од светска класа и драстично да се подобрат во наредните години“, потенцира Ташев.