Во среда во ресторан МКЦ, со почеток во 20:30 часот, ќе се дознаат сите победници од вторите Twitter и Блогираме награди. Организирани од македонската блог платформа, Blogirame.mk, наградите се доделуваат на најсексите блогери, најдуховитите твитерџии, најдобрите блог постови, најдобрите тагови и твитови во #третасмена. Наградите се направени од корисниците за корисниците, што значи дека сите номинации и гласањето во сите 22 категории е направено токму од блогерите и твитерџиите, па можно е победниците да не бидат објективни и да ве изненадат.
Но, суштината на овие награди е да ја поврзат локалната заедница. Се работи за забавен настан на кој се прославуваат креативните достигнувања на блогерите и твитерџиите, кои, иако често едни исти луѓе, заедно со меѓусeбна поддршка стануваат се погласни и привлекуваат се поголема публика. Blogirame.mk со својата платформа за само две години успеа да го оживее блогот на македонската онлајн сцена, а блогерите ги искористија друштвените мрежи како алатка да ја споделат содржината, да отворат дискусија и да започнат нови постови.
Агендата на настанот вели дека ќе има стендап комедија, презентации за влијателноста на друштвените мрежи од Игор Трајковски, основач на Time.mk, и презентација од Медо Димоски, ко-основач на TweetsPie. По наградите ќе следи забава со „дискџокеј“. Минатогодишните победници на Twitter и Блогираме наградите може да ги видите тука.
.







