SuperFounders Skopje организира отворен настан за стартапите и сите кои сакаат да работат во стартапи. Поканети се студенти, невработени и вработени ентузијасти да се запознаат одблиску со македонската стартап сцена, и да разговараат со стартапите кои бараат мотивирани луѓе да им се приклучат во тимот. На настанот гостуваат и искусни претприемачи кои ќе делат совети за како да се стартува сопствен бизнис. Целодневниот настан е закажан за 15-ти февруари на Скопски саем, со почеток од 9:00 часот.
Добар дел од фокусот на SuperFounders Open Day ќе биде на Саeмот за стартап кариера каде македонски стартапи ќе бараат амбициозен кадар да им се приклучи. Работењето во стартапи може да даде поинаква перспектива од вообичаениот традиционален бизнис што се практикува во Македонија, бидејќи со стартапите работите се подинамични и се бара целосна посветеност во постојано учење на нови вештини. Ризикот во стартапите е голем, но тоа значи дека мора да бидете иновативни и креативни, што ја прави работата да биде повозбудлива.
„Како индустрија иновациите пружаат најголем потенцијал за раст не само на компаниите кои инвестираат во нив, но и на вработените во тие компании. Изминативе неколку години бројот на амбициозни стартапи се повеќе расте најмногу поттикнат од бранот на технолошки напредок, но и програмите за поддршка и промоција на такви стартапи“, вели Александар Тасев од SuperFounders кои имаат своја акцелераторска програма за да мотивираат креативни стартапи од Македонија да се изборат за своето место на регионалниот пазар.
Но, тој додава дека иако стартапите стануваат интересни за многу претприемачи, сепак сè уште се збунети околу потенцијалот на новите компании, пред сѐ како да ја одржат компанијата и како да креираат мотивиран тим. „Open Day ќе им помогне на стартапите и на кандидатите за вработување да се запознаат, со тенденција да се склучат вработувања или нови партнерства и да научат како заедно поефикасно да ги искористат можностите што ги пружа индустријата за технолошки иновации“.
Нa SuperFounders Open Day ќе гостуваат и искусни инвеститори и претприемачи, меѓу кои и специјалните гости Петрус Теуниш од Niras и Суреш Пател од Verdexus, кои ќе говорат за глобалните и локалните предизвици на стартапите, за глобалните трендови, но и ќе споделат практични совети како правни и економски аспекти за работење во стартап, за тимската култура и културата на иновации.
Настанот е отворен за сите кои се заинтересирани за стартап културата и иновации, како и за македонските стартапи кои сакаат да најдат нови членови за својот тим. Потребно е да се регистрирате тука.