Викендов во Скопје, во просториите на ФИНКИ се одржа првиот Alt Ctrl Game Jam. Натпреварoт беше наменет за сите кои сакаат да бидат креативни, и освен видеоигра, да креираат и алтернативни гејминг контролери кои ќе бидат поразлични од хардверот на кој сме навикнати. Настанот е организиран од тројца македонски ентузијасти – Кристијан Трајковски и Мартин Пупков од Dark-1 и Дајана Димовска од данското студио KnapNok Games, кои успеаја Alt Ctrl Game Jame да го направат интернационален настан со офлајн собири во Лондон, Копенхаген, Мелбурн, Монтреал…
На локалниот Alt Ctrl Game Jam учествуваа десетина гејминг ентузијасти поделени во два тима кои ги изработуваа своите игри, во Unity 3D и Construct 2, и креираа алтернативни контролери кои нема да ве остават рамнодушни. Едниот од тимовите работеше на 3Д-игра во која играчот управува со летот на два авиони. Тоа што всушност е импресивно е контролата на авионите. Секој од нив се контролира посебно и засега за тоа се користи тастатурата. Сепак за конечната верзија на играта контролер ќе бидат два паметни телефони кои ќе бидат закачени на дланките на играчот за да може со сензорите во телефоните да се управува со двата авиона истовремено, обидувајќи се да ги заобиколат препреките.
Вториот тим креираше нешто поинаква игра, односно креираа и надградија игра која првенствено беше замислена како игра за паметен телефон. Повторно контролерот кој го креираа ја прави играта поинаква и позабавна. Играта е едноставна, на средина на екранот е фиксиран протагонистот или „човече“ со четири раце кои ги користи за да ги спречи непријателите да стигнат до него. Во верзијата за паметен телфон рацете се активираат со притискање во аглите на дисплејот, иако за верзијата која ја направија за Alt Ctrl Game Jam, изработија контролер со четири команди, две се држат во рацете, а две се сместени во педали и се контролираат со нозете. Контролерот е изработен од стар гејмпад кој е расклопен и прелагоден за играта.
Доколку го посетивте Alt Ctrl Game Jam и бевте сведоци на ентузијазмот на организаторот и пред се на сите членови на тимовите, тогаш без сомневање знаете дека не смеете да го пропуштите следниот Alt Ctrl Game Jam. #mkwin