Новинар на Channel 4 Dispatches кој се инфилтрираше во ирската компанија CPL Resources вели дека компанијата нема исти правила за сите. CPL Resources е независна компанија која за Facebook модерира дел од содржините. Дел од спорните содржини се објавени на веб-сајтот на Channel4, а има и документарен филм. За потсетување, претходното истражување на Channel 4 го откри скандалот на Cambridge Analytica.
Различни правила за корисници од различен политички спектар и оставање простор за креирање профили на деца
Она што го покажува истражувањето е дека најголемата друштвена мрежа и нејзините подизведувачи не ги одржуваат ниту стандардите кои сами си ги поставуваат. Најголем дел од правилата кои се прекршени се однесуваат на графичко прикажување на насилство и злоупотреба на деца. Но, се прекршуваат и повеќе различни правила на друштвената мрежа. Пример, додека репортерот бил инфилтриран тврди дека добил упатство да ги игнорира профилите на корисници кои изгледаат дека се помлади од 13 години. Ова е едно од правилата на Facebook: „Деца помлади од 13 години не смеат да имаат профил на друштвената мрежа“. Правилото е во согласност со актот за онлајн заштита на децата донесен во 1998, објаснува Verge.
Дополнително, новинарката која работеше на приказната вели дека Facebook е значително потолерантен кон објавите на крајната десница. Друштвената мрежа им дозволува повеќе и пред да ја надминат границата на бришење. Ова секако се однесува и на говор на омраза и на повикување на насилство. Она што го покажува истражувањето е дека метриката по која се отстрануваат содржините е флексибилна и се менува. Еден од модераторите му рекол на инфилтрираниот новинар, „Ако премногу цензурира корисниците ќе го загубат интересот“.
Друштвената мрежа имаше брза реакција и побрза да издаде листа со нови правила за модераторите за содржина. За жал, како и во случајот со Cambridge Analytica се чини дека и ова е реакција на Facebook. Наместо да бидат проактивни и да ги решаваат проблемите пред да се појават, се чини дека Facebook единствено се јавува и затвора проблеми откако некој ќе ги открие. Дополнително, најверојатно добар дел од овие проблеми на друштвената мрежа и се познати од претходно, но досега не сме виделе никаква реакција.
„Ги сфаќаме овие грешки многу сериозно и благодарни сме им новинарите кои ни ги покажаа овие грешки. Работиме на откривање на она што се случило за да може да го спречиме повторувањето на исти грешки“.







