Најинтересните вести минатата недела, барем кога хардверот е во прашање, доаѓаат од Купертино. Apple го имаше годишното претставување на паметни телефони, часовници и слушалки. Mожевме да ги видиме iPhone 14 и 14 Plus, iPhone 14 Pro и Pro Max, Apple Watch Series 8, Apple Watch SE, Apple Watch Ultra и AirPods Pro.
Свои настани најавија Meta и Google, а Jeep ќе претстави 4 електрични возила…
Apple Watch Series 8
Веќе неколку верзии на Apple Watch паметниот часовник, фокусот на презентациите е многу повеќе на функционалностите, отколку на хардверот. Фокус се фитнес функционалностите кои ги овозможува часовникот и различни режими за вежби. Покрај ова, часовникот има повеќе сензори кои овозможуваат регистрање на падови, итни повици, Medical ID, следење на сонот, дневни циклуси и медитација. Сензорите во Apple Watch овозможуваат следење на работата на срцето, предупредувања за неправилна работа на срцето, количество на кислород во крвта. Најголем дел од функционалностите кои се присутни на Apple Watch 8, веќе се присутни на претходниот модел, па ова, со неколку исклучоци, не е преголема надградба.
Новитет, и фокус на новата генерација на часовници е женското здравје. Apple додаде нов попрецизен сензор за температура кој овозможува подетално следење на менструалниот циклус на жената. Благодарение на сензорот часовникот сега може да презентира податоци и за овулацијата.
Apple е заборави да потсети дека медицинските податоци на корисниците се криптирани и се чуваат единствено на часовникот на корисникот. Синхронизираните податоци на iCloud се заштитени со end-to-end енкрипција, и може да се споделуваат единствено со дозвола од корисникот.
Од оваа верзија Apple Watch ќе може да регистрира и потешки сообраќајни незгоди. Ова е слична функционалност како следењето на падови. Штом часовникот забележи сообраќајна незгода веднаш испраќа нотификации до контактите за итни случаи на корисникот.
Според Apple, батеријата на Apple Watch Series 8 може да издржи цел ден со едно полнење, што не е баш точно. Часовникот со едно полнење работи 18 часа, што веројатно е доволно за делот од денот кога сме активни, но презентациите на Apple во добар дел беа посветени на функционалноста на часовникот додека корисникот спие, па корисникот ќе треба да одлучи кога сака да го полни часовникот.
Часовникот е достапен во четири бои: midnight (темно сина), starlight (сребрено-златна), silver (сребрена) и product (црвена).
Заедно со часовникот Apple претстави куп ремчиња кои се премногу да се набројат.
Apple Watch SE
Apple Watch SE е влезниот модел на паметниот часовник на Apple. Станува збор за најевтиниот часовник кој ги нема сите функционалности, но има доволно за на корисникот да му го долови искуството на Apple Watch.
Дел од функционалностите кои не се отстранети се следењето на вежби и следењето на активности. Часовникот ја следи работата на срцето и испраќа нотификации за пребрза и пребавна работа на срцето. Тука се и испраќањето на пораки до службите за итни случаи и испраќање на нотификации во случај на сообраќајна незгода.
Цената нa Apple Watch SE е 250 долари за стандардниот модел и 300 долари за моделот со мобилна поддршка
Apple Watch Ultra
Apple Watch Ultra e нов модел на часовникот наменет за авантуристи кои имаат поспецифични потреби. Моделот треба да им овозможи на спортисти кои спортуваат на отворено повеќе различни функционалности. За разлика од претходните два модели часовникот не е наменет за сите, туку за корисници со многу специфични потреби.
Веројатно очекувано, ова е часовник кој е изработен од поцврст материјал. Ова се однесува и на телото на часовникот, но и на ремчето. Часовникот е изработен од титаниум, заштитното стакло е sapphire, а самиот часовник e најголем досега. Ultra моделот доаѓа со 2 звучници за погласна репродукција на звук и 3 микрофони за да овозможат добра комуникација на отворено. Еден од заклучоците кој е заеднички за најголем дел од првите прегледи е дека Ultra е преголем часовник. Димензиите на часовникот се 49 х 44 х 14,4 mm со што е најголем часовник на Apple досега.
Корисниците ќе може да го користат часовникот 36 часа помеѓу полнењето или 60 часа работа со оптимизираниот начин на работа.
Часовникот доаѓа со dual-frequency GPS решение кое е подобро за лоцирање во региони каде прецизното лоцирање е проблематично за стандардниот GPS.
За овој часовник Apple во целост ја редизајнира апликацијата компас. Сега наместо стандарден компас апликацијата доаѓа со многу попрецизни мерења и креира мапа со точки на интерес, па ако корисникот се загуби само треба да одбере некоја од точките и да ги следи чекорите за назад.
Apple Watch Ultra може да се користи и како компјутер за нуркање. Часовникот е водоотпорен, со сертификат EN13319 за подводни компјутери. Mоже да се користи до длабочина од 40 метри. Апликацијата за нуркање е изработена од Huish Outdoors и ги мери сите значајни параметри. Планерот пресметува длабочина и време, ги интегрира параметрите како клима и осека, температура на вода и податоци како прегледност и подводни струи.
Цената на Ultra е превисока за стандардните корисници, но за сите кои имаат потреба од фитнес компјутер, цената од 900 долари е во ранг со конкуренцијата.
iPhone 14 и iPhone 14 Plus
Оваа година Apple претстави два стандардни модели на iPhone – iPhone 14 и iPhone 14 Plus. Големината на телефоните е 6,1-инчи и 6,7-инчи; Доаѓаат со Super Retina XDR дисплеј со OLED технологија. Двата модели доаѓаат во 5 бои midnight, starlight, сина, виолетова и црвена.
Интересно овој пат за оваа серија нема нов процесор. Телефоните доаѓаат со A15 Bionic – процесор кој беше претставен со iPhone 13 Pro. Ова е првпат да видиме нова серија телефони со процесор од претходната генерација. А15 секако е моќен процесор и Apple тврди дека се двапати побрзи од конкуренцијата.
Предната камера на телефонот е 12 MP, f1.5 и има стабилизација на слика од сензорот (sensor based). За првпат на предната камера има и автоматско фокусирање на повеќе точки што ќе овозможи остра слика во секоја точка. Apple ветува дека новиот, поголем сензор, 49% подобро регистрира светлина во услови кога нема доволно светлина.
Emergency SOS е новитет кој Apple го додаде на двата модели. Ова е функционалност за комуникација во итни случаи кога нема покриеност од базна станица. Emergency SOS овозможува директно поврзување на iPhone со сателит за комуникација и испраќање на пораки за помош.
iPhone 14 и iPhone 14 Plus чинат 800 и 900 долари. Претпродажбата започнува на 9 септември, стандардниот модел започнува со испорака на 16-ти септември, а 14 Plus на 7-ми октомври.
iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max
Најмоќниот модел во оваа генерација e iPhone 14 Pro. Телефонот доаѓа во две големини и четири бои „space black“, „silver“, „gold“ и „deep purple“. iPhone 14 Pro е со 6,1-инчен екран, а iPhone 14 Pro Max е со 6,7-инчен екран. Моделите доаѓаат сo 128GB, 256GB, 516GB или 1TB флеш диск.
Промени има кај забецот на телефонот. Ако се надевате дека забецот не постои, за жал ќе мора да ве разочараме. Забецот е тука, но сега има и име – „Dynamic Island“. Apple со повеќе интеракции се обидува, и успева, да го скрие темното место на дисплејот. Средината на „островот“ е секогаш празна, но од страните нотификациите прикажуваат корисни информации.
Веројатно најголемото изненадување по претставувањето на стандардните модели доаѓа со процесорот. Pro и Pro Max доаѓаат со нов A16 Bionic процесор. Ова е поместување од праксата на Apple – сите уреди од една генерација да доаѓаат со нов процесор. Наместо тоа, сега компанијата во премиум моделите го претстави новиот чип. Ако им веруваме на Apple, А16 Bionic е фокусиран на енергетска ефикасност, дисплејот и камера. Овој процесор е токму делот кој недостасувал за да може да ги имплементираат „Dynamic Island“.
Значителен напредок има и кај камерите. Кај Pro моделите Apple се збогува со 12 MP сензор кој сега е заменет со 48MP. Како и во стандардните модели, и тука има предности кај фотографирањето во услови на намалена светлина.
Почетната цена на Pro моделот е 1000 долари, а на Pro Max моделот 1100 долари. Претпродажбата започнува на 9-ти септември, а испораките започнуваат на 16-ти септември.
Google Pixel презентации на 6-ти октомври
Google објави дека на 6-ти октомври ќе ни ги претстави новите Pixel паметни телефони и часовници. Компанијата на Google I/O веќе навести дека ќе може да видиме Pixel 7 и Pixel 7 Pro телефон и Pixel паметен часовник . Сега само ги очекуваме хардверските спецификации и цената. Дополнително, овој пат малку повеќе не интересира како ќе изгледа и функционира паметниот часовник, отколку телефонот.
Настанот започнува во 4 попладне и ќе може да се следи онлајн. Ова ќе биде прва презентација на Google со физичко присуство по 2 години.
Jeep најави 4 нови електрични возила до 2025
Еден од производителите кој не нѐ навикнале на електрични возила – Jeep, оваа недела излезе со изненадување. Производителот вети 4 нови модели до 2025, и тоа, сите ќе бидат електрични, и ќе бидат достапни во продажба во САД и Европа. Jeep си постави и цел до 2030, 100 проценти од возилата продадени во Европа да бидат (BEVs). За САД оваа бројка е пониска и Jeep до 2030 ќе се обиде да дојде до 50% електрични возила.

Новите возила кои ги најави компанијата се: Jeep Recon, Wagoneer, Jeep Avenger. Jeep Recon ќе го почекаме до следната година, а неговото производство ќе започне во 2024 година. Wagoneer ќе биде теренско возило за кое производителот ветува дека ќе може да помине 640 километри со едно полнење на батеријата; ќе доаѓа со 600 коњски сили и ќе забрзува од 0 до 100 километри (60 милји) за 3,5 секунди. Avenger SUV е возило кое е првенствено дизајнирано за Европа; ќе започне со продажба во 2025. Радиусот на движење на Avenger ќе биде 400 километри со едно полнење на батеријата. Возилото своето деби ќе го има на 17-ти октомври на Саемот за автомобили во Париз.
Connect најавен за 11-ти октомври
Meta го најави својот настан на кој очекуваме да видиме и хардвер за 11-ти октомври. Еден од уредите кои ги очекуваме е сетот за виртуелна реалност познат како „Project Cambria“. Марк Закерберг во подкастот на Џо Роган веќе најави дека во октомври ќе го претстават новиот сет за виртуелна реалност и неговите можности.

Засега листа на говорници и детали за настанот нема, но според веб-страницата може да ги очекуваме наскоро.
Connect ќе биде пренесуван онлајн на facebook-страницата на Reality Labs.