Телефонот и YouTube се двата први чекори за сите филмомани. Првото ви треба за да ја овековечите вашата визија, а второто за масовно да ја дистрибуирате. Почетничкиот продукт обично е домашно видео од таква продукција на која само мама може да се гордее. Токму поради тоа, потребно е да го направите и третиот чекор, а тоа е му вметнете холивудски шмек кој ќе го ревитализира целото видео и ќе го истакне на професионално ниво. За остварување на таквата цел, потребна ви е соодветна алатка за уредување видео материјали. Ние ископавме шест.
Adobe Premiere Elements 2018
Низ многу кругови се зборува за тоа дека алатката на Adobe е за уредување видеа она што е Хичкок за неизвесност во филмовите. Adobe Premiere Elements 2018 се поставува како совршенство кое често се имитира, но никогаш не може да биде засенето. Програмот се одликува со два режими на работа. Во поглед на функционалноста, и Quick и Expert се идентични. Разликата е во тоа што Quick режимот е пријателски настроен за почетниците и наликува на набилдана верзија на Windows Movie Maker. Expert, од друга страна, нуди комплексна временска лента која е замислена за напредните корисници. Независно од режимот и вашите претходни познавања, Adobe Premiere Elements 2018 е крајно едноставен за користење, со самообјаснувачки опции кои значително ја олеснуваат работата, особено во поглед на отстранување одредени делови од видеото или пак во делење едно видео на повеќе делови. Не треба да се грижите ни за покомплицираните операции бидејќи на располагање имате и чекор-по-чекор објаснувања во видео форма, каде до најситни детали се објаснува имплементацијата и на основните и на напредните ефекти. Adobe Premiere Elements 2018 се покажа одличен и во поглед на „чистење“ на видеото од тресење или слаба осветленост.
Pinnacle Studio 21.5 Ultimate
Програма која нема да ве разочара ни во поглед на колекцијата од алатки и филтри, ни во поглед на нивната едноставна изведба. На располагање имате бројни ефекти кои се вметнуваат преку фати-пушти методата, како и дополнителни специјални ефекти кои можат целосно да го трансформираат вашето домашно видео. Интересно е тоа што, со Pinnacle Studio 21.5 Ultimate можете да одбележувате клипови за идно навраќање, како и да го делите екранот на паметни начини. Во случај да не можете да ја купите Ultimate едицијата, на располагање имате и поевтина верзија. Pinnacle’s Plus e верзија нуди сличен пакет од специјални ефекти, а и ви дозволува уредување во висока дефиниција (HD).
CyberLink PowerDirector 16 Ultimate
Кажете што сакате за претходните две алатки, но генералното мислење е дека ако Premiere е првенствено за почетници, Pinnacle се стреми да ги задоволи поискусните корисници. CyberLink PowerDirector 16 е елегантно решение кое сака дел и од двата света и нуди интересни компромиси и за почетниците и за професионалците. Секоја акција во CyberLink PowerDirector 16 се смета како соба (room), со што добивате малку поинтересна перспектива за уредувачкиот процес така што скокате од соба на соба, постојано имплементирајќи ефекти, комбинирајќи аудио извори и прилепувајќи поглавја во стилот на добрите денови нa DVD владеењето. Единствениот проблем кој почетниците би можеле да го искусат е константната потреба за слепо кликање низ менијата, затоа што не е секогаш очигледно која опција каде се наоѓа. Ова, меѓутоа, е проблем кој се искоренува по почетното запознавање со програмот. Со CyberLink PowerDirector 16 имате на располагање и можност да се втурнете во уредување на филмови од 360 степени, како и да складирате на облак, до 25GB.
Magix Movie Edit Pro Plus
Ова е програм кој е изграден на концептот топло-ладно. Уредувањето е едноставно, но нема премногу ефекти. Корисничкиот интерфејс е во практична Windows 8 околина, но некои од ефектите треба дополнително да се преземат, а некои и дополнително да се платат. Програмот има поддршка за 4К филмови во 360 степени, но не и флексибилната контрола која е сеприсутна кај ривалите. Како и да е, Magix Movie Edit Pro Plus највеќе се препорачува за препознавање на сцените во видеото, цепкање на долги видеа во неколку помали, како и групна конверзија во некој друг формат. Згора на ова, програмот се одликува со исклучително моќни можности за оптимизација.
Corel VideoStudio Ultimate 2018
Corel VideoStudio Ultimate 2018 нема да освои награди за љубов на прв поглед, но доколку сте трпеливи и му се приближите со волја за експериментирање, тогаш би можеле пријатно да бидете изненадени од овој модерен уредувач. Една од најсветлите точки е можноста за live screen capture, особено доколку цените вашето ремек дело да не биде прошарано со водени жигови, како кај бесплатна алтернатива. Дополнителни бонуси се поддршките за уредување во 360 степени, како и снимање со повеќе камери. За многумина, предност е тоа што има бројни опции за кои се бара дополнително плаќање кај некои други софтверски решенија, но знае да фрустрира со барањето да се експериментира. За жал, онлајн туторијалите не се толку корисни колку што се прикажуваат.
Vegas Movie Studio 15 Platinum
Нема никакво сомневање во моќта на оваа алатка, но скоро секој елемент е пропратен со чудна изведба. Временската лента е чиста, но е далеку од интуитивна, а повеќето акции не се кријат зад визуелни икони, туку зад текстуални јазичиња. Уште почудно, одредени елементи се фаќаат и спуштаат директно во временската лента, а одредени елементи мора да се спуштат или во соодветен pop-up прозорец или во специјализиран оддел, со што сметаме дека непотребно се комплицира работата со ваквата побарувачка.
Која алатка да користите?
Сите од шесте програми не се бесплатни и за нивно користење потребно е да платите сума пари која знае да биде предизвик за нашите стандарди. Сите шест програми имаат одредени предности, но кога ќе се земат неколку клучни фактори во предвид, како изборот на алатките и нивната комплексност и употреба, нашиот совет е да одите или со Adobe Premiere Elements 2018, кој е одличен за почетници, или да одите со Pinnacle Studio 21.5 Ultimate, кој е, пак, посоодветен за понапредните корисници. Пред да направите каква било финансиска посвета, погрижете се да ги проверите или пробните верзии или да одгледате неколку видеа на YouTube.