Интервју со Зорица Коцева креатор на македонски хуманоиден робот

Зорица Коцева е млада, 24-годишна инженерка од Радовиш, наскоро магистер по Интелигентни системи и биоинформатика на ФИНКИ. Работи како софтверски инженер, поточно како бекенд и инженер за вештачка интелигенција и машинско учење. Најчесто престојува во Скопје, надвор од работното време е и уметник, има нормален приватен живот како секоја млада личност исполнет со забава, активности и нов ден – нови авантури. Сепак она што е најинтересно за Коцева е дека е креатор на хуманоиден робот направен во Македонија.

Станува збор за хуманоиден робот со висина од над 185 сантиметри и тежина од 30 килограми. Оваа тежина се однесува исклучиво на надворешната конструкција, а секој дополнителен елемент од тркалца до мотори и електроника дополнително ја зголемува тежина на роботот. Она што е уште поимпресивно е дека барем досега на роботот работи сама и е соло проект.

Што те инспирираше да го направиш хуманоиден робот?

Во трета година се сретнав со предметот Роботика каде дополнително ја разгоре желбата во мене да креирам робот. Во текот на студиите, постојано ми излегуваа разни реклами и видеа од областа на технологијата и си мислев, како би било кога сите работи би се вклопиле во едно нешто за да може да ни служи како помош во иднина искористувајќи ги новите технологии со моите идеи. Балансирам со се што правам, добро го организирам времето, така што паралелно си течеше и работата со роботот.  

Што го поттикна твојот интерес во роботиката и како започна твојот пат на ова поле?

Ќе ми останат во сеќавање и ќе ги памтам првите почетоци и миговите како малечка кога се врткав околу татко ми и со него гледав како се отвораат и поправаат апарати и разна електроника. Секој еден уред ми беше интересен и често знаеше да преовладува љубопитството за да го расклопам и да видам што има внатре, исто како што секоја жичка спојува нешто – така и мене ми надоаѓаа идеи за да склопам и направам нешто со сопствени раце.

Со самите истражувања околу роботиката навлегував во иновативни теми и трендови, видеа и компании ширум светот кои се занимаваат со роботски пронајдоци и технологии, не само Boston Dynamics, овде може да ги спомнам и Festo како една водечка компанија во сферата на роботските пронајдоци. На тој начин и подлабоко се запознавав и почнав да создавам конекција со роботиката од оваа област.

Можеш ли да ни го опишеш роботот кој го креираше? Кои се негови клучни карактеристики и што може да прави? 

Роботот има конструкција односно скелет на човек, висок е над 185 сантиметри. Само надворешната конструкција е тешка околу 30 килограми. Тежината дополнително се зголемува со моторите и електрониката и уредите кои се додаваат како таблет, две камери, многу сензори со различна примена. 

Со понатамошни унапредувања и развиток, ќе може да зборува, да ги движи рацете и со помош на тркалца да прави лесни поместувања со нозете.

Ќе може да препознава лица, звук и говор, да држи предмети и да пружи помош, да асистира во многу области за кои ќе биде дообучен. 

Што користевте за развој на роботот?

Од хардверски аспект се користат два микроконтролери кои се програмираат на околини соодветни за развој на фукнционалности и соодветен код и логика за секој дел од телото посебно, но и во зависност од потребите и поместувањата. Постојат и библиотеки за програмирање робот, Python функции за Arduino, Robot оперативен систем, MyRobotLab, IDE, SDK, интегрирани околини посебни за визуелна работа во симулациски режим и други.

Кои ти беа најголемите предизвици во развојот и како ги надмина?

Уште на самиот почеток планирав во текот на факултетските денови дел по дел, да го почнам роботот. Меѓутоа, немаше можности за реализација на моите идеи и одлучив, кога ќе биде погоден момент да го почнам како нешто приватно, надвор од образовниот процес. На оваа одлука влијаеа многу фактори, се соочив со разни погледи и мислења од страна на компетентни личности поврзани со областа. На некои интервјуа кога ќе спомнев за идејата им звучеше дека не е возможно да се направи, дека е научна фантастика да го имаме.

Подоцна го пријавив како труд на конкурс на УКИМ и го одобрија. За да го почнам, благодарност ќе изразам до проф. д-р Чукалиев и УКИМ за 3Д-принтерот кои ми овозможија да го користам.

Секако, во тек на изработка и како што си течеше процесот полека добивав позитивни мислења од многу мал дел на луѓе кои навистина беа воодушевени и им се допаѓаше и дел по дел, се појави светлина од темниот тунел полн со предизвици низ кој неуморно патував. Токму тоа ми беше како поттик дека на крај ќе има позитивен ефект од целата приказна и дека убавите моменти ќе ги надвладеат претходните.  И еве сум денес, поминувајќи покрај и над сите препреки, дека секој може да ја реализира сопствената замисла со стимул и верба во себе.

Колку време траеше целиот процес од концепт до готов робот?

Уште кога го замислив и веќе штом бев решена да го правам, почнав со исцртување на некои делови и пребарување на интернет за некои постоечки форми. Некаде околу година и половина ми беше потребно за готова надворешна конструкција, почнувајќи од тоа да забележувам на страна што ќе ми користи како еден вид документација, собирање материјал, набавка на ПЛА филамент, подготовка на моделите за печатење на 3Д-принтерот, мали корекции на истите и зашрафување и склопување на деловите. Секако постојат и работи на кои беше потребна корекција, замена на делови кои се заглавиле или биле исфрлени од принтерот и со тоа се забавуваше и процесот.

Составен од стотици делови, во зависност од нивната големина и сложеност, секој индивидуален дел се печатеше од неколку минути до неколку денови, процес кој траеше најголем дел од изработката на роботот за кој водев  евиденција. Има многу работи кои влијаат врз одвивањето на овој долгометражен процес бидејќи е постојано во фаза на доусовршување. Во тек е додавање на електроника и постепено тестирање на функционалностите. 

Дали некои конкретни технолошки достигнувања или иновации одиграа клучна улога во проектот?

Човечките роботи самите по себе претставуваат врвни примери на технолошки достигнувања и иновации.

Да почнам од надворешната градба. Лесни, но издржливи материјали како напредни пластики, филамент ПЛА, влакна и посебни жици. Граден е од бел филамент кој се топи на 200-220 степени целзиусови, секој дел внатрешно пополнет за да ја имаме посакуваната цврстина. Моторика и актуатори кои се развиени за да овозможат природни и фини движења на екстремитетите на роботите. Околу паметниот дел, софтверска архитектура ќе се развива на ROS (Robot Operating System), тоа е популарна платформа која обезбедува алатки и библиотеки за развој на роботски апликации.

Технологијата напредува брзо со што сега имаме напредни контролни вградени системи како на пример специјализирани микроконтролери и чипови кои управуваат со различни функции на роботите. Напредни сензори и камери LIDAR и RADAR кои користат ласери и радиобранови за мапирање на околината во 3Д и детектирање на пречки. Оптички сензори и камери со висока резолуција ни обезбедуваат визуелни податоци за идентификација и анализа на предмети и луѓе. Симултана локализација и мапирање овозможува на роботите да создадат мапа на непозната околина и да се позиционираат во неа во реално време. Интеракција со корисник, човек-робот интерфејс, гласовно управување да можат роботите да разбираат и реагираат на гласовни команди. Хаптичка повратна врска која ни овозможува роботите да имитираат чувство на допир и сила во комбинација со сензори и некои материјали за кои ќе зборуваме во иднина. Во однос на работењето, ќе поставам енергетски системи како литиум-јонски батерии со висока густина на енергија која овозможува подолга автономија и дополнителна варијанта на вградено безжично полнење, технологии кои овозможуваат лесно и брзо полнење на батериите на роботите и работа со електрониката.

Што значи за вас тоа што создадовте хуманоиден робот во Македонија?

Од големо значење е не само за мене туку и за цела Македонија. Претставува ѕвезда водилка за понатамошни дострели и еден огромен проект кој сакав да го имам зад мене. Издигнувањето и давањето особини како на човек е процес на кој е потребен труд и посветеност, тестирање и доусовршување за секој нов пронајдок. 

Колку ти беше важна поддршката и ресурсите на заедницата за развојот на роботот?

Роботот сѐ уште се развива и ќе се развива во иднина бидејќи секогаш ќе има нови функционалности кои ќе биде интересно да се пробаат и да се имплементираат во пракса. Поддршката е секогаш добредојдена. Ќе ми биде мило доколку и на заедницата, исто како и мене, и претставува задоволство што ќе постои нешто од општа корист. Мене искрено ме исполнува кога ќе го видам самиот робот знаејќи што сѐ може да ни прикаже.

Кои се некои потенцијални практични примени на хуманоидниот робот?

Хуманоидните односно човечки роботи имаат широк спектар на практични примени во различни индустрии и области. Демонстрираат палета на можности кои хуманоидните роботи ги носат, од подобрување на квалитетот на живот до зголемување на ефикасноста и безбедноста во различни индустрии и општествени сфери. Дополнително примените ја истакнуваат важноста и потенцијалот на хуманоидните роботи да направат значајни промени во секојдневниот живот, индустријата и технологијата. Потребно е да ја тргнеме помислата дека се штетни и дека можат да ги заменат луѓето, и наместо тоа да се фокусираме дека тие можат да ги заменат потенцијалните опасни и рутински задачи и да ја зголемат ефикасноста и иновациите во различни области.

Имам соработка со многу институции. Најпрво, секако под надзор, планирам да го пуштам во образовниот процес и медицината, меѓутоа со тек на време нема да изостанува и од други области. Горните и долните екстремитети на роботот ќе можат да се вадат и да служат како помагала за луѓе со ампутирани екстремитети. Некои од најзначајните примени вклучува медицинска нега и здравство, како асистенција во болници: помош при транспорт на неопходни медицински материјали, лекови, течности до пациенти. Рехабилитација за поддршка на пациенти во процесот на физикална терапија, асистенција на постари лица: помагање во секојдневните активности и обезбедување на надзор и безбедност. Во образованието како помош на наставници и тутори за обезбедување на интерактивно учење при едукативни активности. Домашна помош и поддршка за некои секојдневни задачи, како рекламен материјал за забава, помош при музички, спортски настани, во наука како помош на асистенти во лаборатории и истражување непристапни терени. Виртуелна комуникација, придружници и друштво за луѓе кои живеат сами, обезбедувајќи разговор и интеракција, грижа, надзор и забава во контролирани услови. Телеприсуство односно далечинско управување, роботи кои овозможуваат луѓето да бидат „присутни“ на оддалечени локации преку роботско тело.


Дали имаш планови за понатамошен развој или идни проекти во роботиката?

Во моментов, самиот робот вклучува сложени подпроекти кои секогаш ќе бидат во фаза на понатамошно усовршување како и нови трендови со кои ќе бидеме во тек. Имам некоја замисла за развој на иден проект меѓутоа се во свое време, не ми е планиран за во блиска иднина.


Кои совети би им ги дала на младите луѓе или аспиранти „роботичари“ кои сакаат да ги следат вашите стапки?

Секоја идеја која ќе им падне на памет да не ја ставаат под тепих. Секогаш ќе постојат пречки, проблеми и дупки во општеството кои ќе биде потребно да ги надминат. Буквално никогаш да не се откажуваат од замислата без оглед на тоа колку време и труд е потребно да се вложи. После колкав период и да се случи, ќе вреди.

За самата роботика се потребни широк дијапазон на познавања од различни области од математика, физика, електроника, програмирање, но и општо од секојдневниот свет.

Дали има нешто друго што би сакала да го споделиш за роботот или твоето искуство што не го опфативме?

Како иницијаторка на роботиката во Македонија (Robotics in Macedonia), креирав група за заедно да ги разгледаме можностите и тестираме работите на роботот. Секој кој што е заинтересиран и сака, може да се приклучи на заедницата и со тоа да активираме работи кои досега не се случиле кај нас, а постојат во светот.

Убаво е да придонесеме за подобри иновативни трендови, да ги привлекуваме и применуваме и овде. Наесен интересно ќе биде и кога сите ќе имаат можност да го видат во живо, сега за сега барем така имам замислено.


Надополнување: По објавата на тексот во Facebook-коментар ни беше посочено дека не станува збор за прв хуманоиден робот во Македонија; по ова направена е корекција во текстот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments