Хардвер од минатата недела: Galaxy Z Flip 6 and Fold 6, Airpods со камери, Јапонија се збогува со дискетите

Во овој период од годината нема премногу хардвер вести. Големите презентации на производителите се поминати и до есента нема да има премногу интересни новости. За да не биде без никакви вести се погрижи Samsung кој ги претстави новите Galaxy Z Flip 6 и Fold 6 телефони, а некои неофицијални вести од Apple велат дека од 2026 година AirPods ќе доаѓаат со камери. За крај Јапонскиот национален институт за информациски и комуникациски технологии постави нов рекорд во брзина на интернет.

Galaxy Z Flip 6 и Fold 6 телефони на Samsung „протекоа“

Веќе вообичаено за популарните производители најголем дел од телефоните немаат „тајни“ на денот на претставување. Оваа недела тоа е случај со Galaxy Z Fold 6 и Galaxy Z Flip 6. Најголем дел од спецификациите на телефонот протекоа пред официјалното претставување кое треба да биде на 10 јули.

Samsung Galaxy Z Flip 6 доаѓа со 50 MP камера, батерија со поголем капацитет и како и секое поново парче хардвер со куп вештачка интелигенција. Досегашните модели на Z Flip доаѓаа со 12 MP камера, па новата 50 MP камера која доаѓа со 12 MP широкоаголен сензор е голема надградба. Дополнително, има мала надградба на батеријата која сега е 4000 mAh, скок од 3700 mAh колку што беше претходно. Ова ќе овозможи 20 часа прегледување на интернет, 23 часа видео или 68 часа слушање на музика.

Image by Samsung

Ако ви се допаѓаат новите функционалности овозможени од вештачка интелигенција тогаш ќе ви се допаднат дел од надградбите на телефонот, иако за подетални информации ќе треба да почекате. Она што протече е дека Z Flip 6 ќе доаѓа со вештачка интелигенција која ќе овозможи симултан превод. Оваа функционалност ќе им овозможува на корисниците да го користат телефонот како преведувач. Згодно кај  Flip телефоните е дека имаат екран на двете страни, па сопственикот на телефонот и соговорникот ќе имаат посебен екран за да го прочитаат преводот. Ќе биде поинтересно да видиме колку е добар преводот, но за тоа ќе треба да причекаме до првите прегледи.

Кај Fold 6 нема премногу промени. Телефонот ќе доаѓа со нешто поголем преден дисплеј и новитет ќе бидат новите функционалности овозможени од вештачката интелигенција.

Јапонија се збогува со флопи дискетите

Оваа недела јапонската влада објави дека се збогува со флопи дискетите. Конечното збогување доаѓа 20 години по периодот на најголема употреба на дискетите.

„Ја добивме војната на флопи дисковите на 28 јуни!“ вели министерот за дигитална трансформација во јапонската влада Таро Коно во изјава за Reuters.

„Пензионирањето“ на дискетите започна во 2022 година и не беше едноставно. Околу 1900 процедури на јапонската влада користеа флопи дискови и тие требаше да се прилагодат. Министерот Коно сега ќе може да се фокусира на замена на останатата застарена технологија како CD, факс машини и мини дискови.

Photo by hosein zanbori on Unsplash

Нов рекорд за брзина на Интернет 402 000 000 Mbps

Истражувачите од Националниот институт за информациски и комуникациски технологии од Јапонија поставија нов рекорд за брзина на интернет. За рекордот не е користена никаква специјална инфраструктура. Користени се оптички кабли и засилувачи кои се достапни во продажба. Новиот рекорд е 402 Tbps или 50,25 TB/s што е околу 25 отсто побрзо од претходниот максимален проток кој беше поставен во октомври 2023.

Брзината е постигната откако сигналот беше испрати низ 1505 канали низ оптички кабел со должина 50 километри. „Трикот“ е во користењето на 6 видови на засилувачи и еквилајзер за оптичко засилување што овозможи користење на опсег од 37 THz, објасни Fudzila.

Photo by Compare Fibre on Unsplash

Astro на Amazon сепак нема да има деловна верзија

Едвај осум месеци откако Amazon најави дека роботот Astro ќе добие деловна верзија која ќе може да патролира низ магацините се одлучи да ја прекине Astro for Business програмата. Одлуката е донесена за да му овозможи на тимот за роботика да се фокусира на домашниот модел на Astro.

Деловниот модел требаше да овозможи на компаниите да го користат Astro за патрола во помалите магацини со простор до 500m2. Сепак користењето на роботот беше пропратено со куп други преплати. Покрај роботот кој чини 2350 долари, потребна беше и месечна претплата за Astro Secure која чини 60 долари и претплата за Ring Protect Pro која чини дополнителни 20 долари.

Деловните корисници ќе добијат поврат на средствата за роботот и дополнителен надоместок кој ќе може да го користат за следното решение.

Засега нема потврда зошто деловниот модел е откажан, а верзијата за корисници и натаму е достапна единствено со покана. Цената на корисничката верзија на Astro е 1600 долари.

AirPods од 2026 ќе доаѓаат со камери

Од 2026 година AirPods слушалките на Apple ќе имаат и камери, пренесе 9to5Mac. Веста доаѓа од Минг-чи Куо кој вообичаено е одлично информиран кога Apple е во прашање. Засега очекувањата се овие модели на AirPods да се користат со Apple Vision Pro и идните модели на сетот за виртуелна реалност.

Според експертите IR-камерите кои ќе се користат со слушалките ќе овозможат подобро управување со гестикулациите.

Употребата на AirPods сo Vision Pro е интересна, но веројатно Apple планира и нови функционалности кои би можеле да ги направат уште поатрактивни. Слушалките во комбинација со вештачка интелигенција би можеле да се користат како помошно средство за лицата со оштетен вид. Секако за потенцијалните нови примени ќе дознаеме во иднина.

Photo by TheRegisti on Unsplash

Новата генерација на Intel процесори без поддршка за DDR4

Следната генерација на Arrow Lake процесори од Intel повеќе нема да има поддршка за DDR4 меморија и ќе работи исклучиво со DDR5. Веста доаѓа од интерен слајд за презентација во кој се гледа дека процесорите ќе користат dual-channel DDR5 меморија. Со новиот процесор доаѓа и нов сокет (читај нова плоча) па наместо LGA1700 чипот ќе биде LGA1851.

За разлика од Intel, AMD од поодамна нема поддршка за DDR4 меморија. Ова беше една од предностите на Intel бидејќи надградбите беа поевтини. Корисниците можеа да купат поевтини матични плочи, а и да ја искористат меморијата која веќе ја поседуваа, пишува Digital Trends.

Покрај ова од слајдот може да видиме и дека новиот процесор ќе има 20 PCIe 5.0  магистрали – 16 се за графичката картичка, а четири се за дискот. Новите процесори на Intel ќе пристигнат оваа година, а повеќе детали веројатно ќе слушнеме на 24 септември на Innovation конференцијата на Intel.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments