Bonus Card е виртуелен паричник за картичките за попуст. За оваа македонска апликација ги запознавме нашите читатели тука, а авторите Јоцо и Богдан беа повеќе од љубезни за краток разговор за нивната компанија, интереси и популарноста на нивниот најнов продукт.
За SwarmTix Inc
Кажете нѝ на кратко за SwarmTix Inc, од кого е составен тимот, колку време постои, каде е седиштето и дали сте работеле на некои претходни проекти?
Прво би сакале да Ви се заблагодариме за ова интервју. Swarmtix е компанија која што е регистрирана во Соединетите Американски држави и стои позади голем проект којшто е развиван повеќе од 2 години. За проектот swarmtix, можете да погледнете повеќе на swarmtix.com. Станува збор за платформа која ви овозможува да креирате настани, да си направите карти за креираниот настан и истите да ги продавате на интернет. Компанијата постои 2 години, со самото лансирање на проектот и компанијата беше создадена. Тимот е составен од Богдан, Јоцо, Бранкица и Билјана.
Колку е тешко да се биде развивач во Македонија?
Да се биде развивач не е воопшто тешко. Тешкиот дел е кога треба да излеземе на странски пазар. Бидејќи нашата работа е вреднувана на нашево поднебје.
Кои се најдобрите моменти поврзани со професијата?
Моментот кога клиентот не може да се начуди колку си му го олеснил животот :) Исто така слободата која што ни ја дава интернетот како развивач и можноста да постигнеме што сакаме на глобално ниво, без разлика каде се наоѓаме.
Која е вашата омилена книга, филм и игра?
Богдан: Книги: 7 Habits of highly effective people од Stephen Covey и The miracle morning од Hal Elrod. Филм: The Pursuit of Happyness и Man on fire. Кога играв последен пат игри омилена ми беше Fifa 2000 :)
Јоцо: Омилени книги – Breaktrough Advertising и Pitch Anything, Омилен филм – Lie To Me (серијал), игра – кога играв порано и јас игри омилена ми беше Cossacks.
За Bonus Card
На кратко за Bonus Card, зошто би ја инсталирале? :)
Директно кажано, за да си го олесните и подобрите шопинг животот. :) Првичната идеја за Bonus Card беше да направиме виртуелен паричник каде што луѓето ќе можат да ги додадат, чуваат и носат со себе постојано картичките за попуст. Ова директно влијае на нивните џебови. Од една страна поради тоа што паричниците ќе се ослободат од пластичните картички за попуст, а од друга страна, имајќи ги картичките постојано во телефон, ќе можат луѓето да заштедат повеќе пари при пазарувањето.
Од каде интересот за ваква алатка?
Јоцо: Од мака. :) Гледав како некој период се собираа сѐ повеќе и повеќе картички дома. Фрустрирачки беше што кога ќе отидевме некаде да купуваме нешто секогаш имаше моменти во коишто јас мислам дека сопругата ја носи картичката, таа мисли дека јас сум ја земал картичката… На крајот на Декември (2018та) купував вино и земав и од таму клуб картичка, бидејќи видов сочни попусти на вино за членови. Кога ја ставив картицата во фиока и видов уште 15на други…
Решив да му пишам на Богдан за идејата да направиме нешто околу ова.
Алатката делува доста стабилна, колку беше тешко да се постигне таквото нешто?
Со добар код, се добива добра стабилност :)
Кој дел од алатката се покажа како најпроблематичен за осмислување?
Најпроблематичен беше модулот со скенирање на картичките. Не заради комплексноста, повеќе заради компатибилноста со сите уреди.
Дaли и какви начини на финансирање планирате за Bonus Card?
Имаме неколку идеи за финансирање. Една од нив е да помогнеме на компании што немаат програма за лојалност да можат лесно, брзо и дигитално да лансираат и секако да им помогнеме со промотивните активности.
Колку се запознаени продавниците со вашата алатка и дали имате наидено на поддршка од нив?
Во овој дел работите одат чекор по чекор. Интересно е тоа што сѐ повеќе и повеќе компании ни пристапуваат и бараат проактивно да бидат вклучени во BonusCard. Има и такви што отворено и директно побараа нивното присуство во BonusCard апликацијата да биде отстрането. Искрено се надеваме дека во блиска иднина ќе го променат ставот и дека сепак ќе им овозможат на нивните клиенти да имаат подобро шопинг искуство.
Планирате ли да ја приспособите Bonus Card за територии надвор од Македонија?
Да, се разбира. Веќе имаме план за приспособување на BonusCard во три или четири други држави.
Кои се вашите идни планови за Bonus Card? Има ли одредени елементи со кои би сакале да ја проширите алатката?
Да имаме цела листа од работи што чекаат да бидат имплементирани. Она што е можеби интересно во сево ова е што најголемиот број на предлози на листата доаѓаат од корисниците. Уште во старт воспоставивме директен и неформален контакт со луѓето што ја симнаа апликацијата и дневно добиваме по 15на емаил пораки со предлози и барања за нови работи во апликацијата.
Најновата карактеристика е што веќе секој корисник може самостојно да внесе картица што ја нема на листата. Да избере име, бои и секако да го скенира баркодот.
Она што сепак сакаме да го задржиме е едноставноста на апликацијата. Затоа сме внимателни и не брзаме со нови, големи промени.
Слушнавме дека веќе напорно работите на iOS верзијата, кога би можеле да ја очекуваме?
Во моментот BonusCard ја има во Андроид и iOS верзија.
Кажете нѝ за апликација што навистина би сакале да ја направите, независно од пречките?
Ух :) Имаме тооолку многу идеи. Јас (Јоцо) можеби би осмислил апликација којашто овозможува брзо откривање и дијагностицирање на одредени болести во човековото тело.
Совет за моментните или идните девелопери на софтвер од или во Македонија?
Не започнувајте со пишување на код додека не ја валидизирате идејата. Во превод, прво соберете публика од потенцијални корисници за она што сакате да го направите.
Направете 100, 200 или 1000 луѓе прво да кренат рака (виртуелно) за она што сакате да го направите, па потоа развивајте го софтверот. Ние го направивме ова со BonusCard.
Ви благодариме многу!
Со нетрпение го следиме понатамошниот развој на апликацијата. Нашите паричници се повеќе од благодарни!