Интервју со биткоин ентузијаст: Mакедонците до сега само читаа за биткоини, сега ќе видат како се користат

Наскоро ќе се оддржи првиот биткоин настан во Скопје. Закажан за 24-ти април, на настанот се повикани сите ентузијасти кои сакаат да видат како функционира новата дигитална валута, која за некои е пионерска технологија од рангот на Интернетот, а за други е небезбедна забава која не може да ги замени парите. Сепак, на настанот нема да чуете критики за валутата, туку ќе се зборува повеќе за нејзиниот потенцијал, и како да може да платите со биткоини во локалното кафуле или продавница. Оптимизмот дека и во Македонија ќе се користат биткоините пред се доаѓа од организаторот на настанот, Андреј Шевченко, биткоин ентузијаст која ја добива својата плата во биткоини. Со него разговаравме за деталите околу оваа валута чија вредност во последната година дена скокна од десетина на моментално 470 долари. Во организацијата на настанот помогнаа и основачот на Ambio.me, Митко Цабевски и Александар Тасев oд Akota.

„Пред извесно време требаше да испратам пари од Полска во Македонија за лични сметки. Кога испратив сума од 300 евра, банката ми наплати провизија од 10%. 30 евра за обична трансакција на која и требаа 3 дена да стигне до сметката во македонска банка. Доколку сакате побрзо да ги добиете парите, Western Union ќе ви наплати уште поголема провизија. Исто е и кога испраќате пари надвор од Македонија“, вели Андреј. „Една биткоин трансакција е верификувана од ‘рударите’ после 10 минути, што значи дека веќе по 1 час добиените биткоини може да ги потрошите. Наместо 10 или повеќе проценти за провизија на трансфер, преку биткоин трансакција ќе платите помалку од 1%. Ова ги вклучува трошоците за верификација од ‘рударите’ и провизијата за повлекување на пари од маркети како Bitstamp“.

Една од причините зошто зборуваме толку за биткоините, покрај што се добра технологија, е што тие ги намалуваат трошоците за интернационални трансакции. Тоа може да биде голема придобивка за малите и средни бизниси кои работат со странство, вели Андреј, кој работи како маркетинг менаџер за стартапот El Passion, една од првите софтверски компании во Полска која прима биткоини. El Passion ги прифати биткоините за да си ја олесни наплатата, но и да покаже интерес во новите технологии, во еден вид ПР за таргетирана група на софтверски професионалци. Слично на нив, и македонскиот стартап CodeWell ги прифати биткоините за да може да привлече нова група клиенти.

„Јас 100% од платата ја земав во биткоини“, вели Андреј. „Компанијата [El Passion] ме исплати со размена на полски злоти преку биткоин маркет. Во секојдневниот живот користам биткоини најчесто кога одам во ресторани кои примаат биткоини. Бидејќи сите мои колеги се запознаени со биткоин најчесто кога нарачуваме јадење си плаќаме меѓусебно. Не можете да му платите на другарот со PayPal доколку нема сметка, или со кредитна картичка веднаш. Со биткоин трансакцијата трае неколку секунди и продолжувате со јадење“.

(Андреј ги троши своите биткоини во полските ресторани, и се надева дека ќе може и во македонските)

Биткоините се децентрализирана дигитална валута креирана од мистериозниот Сатоши Накамото, кој испрограмира точно 21 милиони биткоини. Моментално во опсег се околу половина, и секој ден се „ископуваат“ се повеќе, но системот е направен така да го отежни откривањето на нови биткоини, кои во суштина се долги кодови. Колку повеќе биткоини има, толку повеќе време и моќни машини се потребни да ги решат математичките проблеми потребни да се ископаат. Тоа е технологијата зад биткоините што ги интересира само гиковите, но биткоините имаат импликации и во секојдневниот живот бидејќи ги олеснуваат трансакциите и ја намалуваат моќта на банките.

„Биткоин ја отстранува и потребата од посредник при трансакција. Никој не го поседува и не го контролира, но секој може да учествува во неговото развивање. Обично кога ќе им спомнам на луѓето за Биткоин, првата работа што ја кажуваат е “Ех, па многу пари е 1 биткоин”. Не мора да купите цел биткоин. 1 биткоин е делив на 8 децимали. Биткоини може да купите и за 10 денари“.

Но, колку и да се корисни, или барем да веруваме дека ќе бидат, засега биткоините не може да ги користите како замена за пари. Барем не во Македонија, Кина, Финска и во други земји кои се обидуваат да ги оданочат дигиталните валути. Гувернерот на Народна Банка, Никола Богов, неодамна изјави дека биткоините се контроверзни, ризични и незаконско бидејќи „законското средство за плаќање во готовина е денарот“. Но, според Андреј, неофицијалната забрана на биткоините доаѓа поради неразбирањето на технологијата и начинот како таа може да се користи. Интересно, во регионов блиску до Македонија се наоѓаат два огромни биткоин маркети.

„Биткоин апликациите за паметните телефони ги поддржуваат сите валути, па така сумата при трансфер се испраќа во еквивалент на валутата која ја користите, во нашиот случај денари. Курсот се презема според просечната вредност на биткоин на светскиот пазар. Според ова, трансакцијата содржи денари. Ако со секоја фискална сметка се плаќа и ДДВ, не гледам причина зошто биткоин e незаконски во Македонија.

Околу Биткоин во регионот, Словенија го има најголемиот светски Биткоин маркет – Bitstamp. Србија веќе го прифати биткоин и има неколку ресторани каде може да трошите биткоини, додека во Бугарија се наоѓа седиштето на вториот по големина биткоин маркет BTC-E“, објаснува Андреј.

Toj верува дека биткоините ќе се користат и во Македонија. Веќе има апликации кои може македонските ресторани да ги користат за да наплатат во биткоини, со провизија од 0%, во споредба со стандардните 2 до 3 проценти кај процесорите за кредитни картички или банките.

„Во Македонија сите го чекаат PayPal, но PayPal не го решава проблемот на e-трговијата со странство. За да креирате биткоин паричник на Android паметен телефон треба само да инсталирате апликација. Дали ова можете да го направите со PayPal или друга технологија?“, oбјаснува Андреј. „Ако немате компјутер или паметен телефон, биткоин паричник може да направите и од хартија. На него постојат два QR кода: едниот е јавен и него го користите кога сакате да примите биткоини. Другиот е приватен и не треба да го покажувате јавно – него го користите кога сакате да располагате со тие биткоини“.

Наједноставно кажано, вели Андреј, биткоините ќе ја поедностават е-трговијата со тоа што ќе понудат поголема анонимност, безбедност, платежна слобода и помали трошоци.

„Кај биткоин, криптографијата го контролира создавањето и трансферот на пари. Трансакциите се одвиваат преку познатиот и широко користен peer-to-peer протокол. За да го запрете биткоин, ќе треба да го исклучите целиот интернет“.

[youtube]EA0LkCkvUeU[/youtube]

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk