Интервју со Андреј Шевченко, продукт маркетинг менаџер во полскиот Syncano

во Интервјуа, ИТ.МК

Без разлика дали сте во Полска или во Македонија, работата со стартап никогаш не е здодевна, вели Андреј Шевченко, продукт маркетинг менаџер во Syncano. „Работата е динамична и од вас се очекува да ја чувствувате компанијата како своја и да придонесете во севкупниот развој, независно од позицијата“, вели тој.

Андреј е во Полска веќе три години. Во Македонија го знаевме како основач на порталот 365.com.mk, и како маркетер во Студио Модерна. Во Полска продолжи работејќи во софтверска компанија која беше купена од друга поголема. „Со продажбата, мојата мисија заврши и одлучив да барам нови предизвици. Еве веќе една година како работам во Syncano“, вели тој.

„Менувањето на работната околина не е лесно, особено кога доаѓате во земја каде не го знаете јазикот. Полскиот е најверојатно еден од најтешките јазици со кои сум се сретнал. На прва, звучи како да слушате расипано радио бидејќи имаат многу ш,џ,ч во изговорот. Меѓутоа штом го научите јазикот на средината во која работите, ја снемува онаа бариера помеѓу локалци и странци, а луѓето го ценат тоа што сте се потрудиле да се интегрирате“.

Канцелариите на Syncano со поглед на Варшава

Канцелариите на Syncano со поглед на Варшава

Syncano е можеби малку поинакво искуство за Андреј. Се работи за технички стартап за софтверски инженери, поточно serverless платформа за креирање апликации. Syncano нуди backend опции во облакот и поврзување на API-ја со различни функционалности, користејќи модуларен концепт наречен Syncano Sockets со кој програмерите можат да си ги автоматизираат апликации до некој степен. Идејата е програмерите да заштедат време при креирањето на апликации, со тоа што Syncano ќе го олесни бекенд процесот и ќе се погрижи за управувањето со сервери и безбедноста.

Седиштето на стартапот е во Варшава каде е сместен поголемиот дел од тимот од 25 вработени, но имаат канцеларии во Њујорк и Осло. Syncano е основан во 2011-та година и веќе имаат 40.000 програмери кои ја користат платформата.

„Кога работите во стартап со 25 луѓе и сакате да го освоите светот, вашите обврски ги надминуваат сите вештини што ги имате. Тоа носи нови предизвици кои треба да ги прифатите како дел од организираниот хаос во еден стартап. Структурата е рамна и никој никому не му е шеф. Постојат задачи кои треба да ги исполните со поставени метрики, и од вас се очекува директно да креирате вредност за компанијата“, вели Андреј.

„Структурата која ја имаме во компанијата овозможува секој да има свои поставени цели и задачи. Поради сложеноста на Syncano платформата, тие задачи најчесто се испреплетуваат, па работам со луѓе од различни сектори како поддршка, инжинеринг, дизајн итн. Мислам дека од голема помош ми беше познавањето на agile методологиите, концептот за MVP (минимален остварлив продукт), lean методологијата како и различни техники за приоритизирање на обврските“.

Teжок е стартапскиот живот. Тимот на Syncano.

Teжок е стартапскиот живот. Тимот на Syncano.

Го прашавме Андреј што може од неговото искуство да им препорача на македонските стартапи за кои вели дека ги следи, и дека го радува тоа што има локални стартапи кои се обидуваат да привлечат глобални клиенти. Одговорот беше дека секој професионалец мора да продолжи да се надградува и да учи.

Според Андреј, културните разлики никогаш нема да ви бидат проблем да се адаптирате, бидејќи со малку труд може лесно да се вклопите во било која средина. Тоа што е најважно е дека треба да продолжите со учењето на нови вештини.

„Без разлика во која индустрија сте, образованието не завршува со факултетот. Работата ви носи знаење и искуство, но со време тоа добива одредена рутина. Она што можам да го видам тука е дека луѓето на возраст од 20-35 години кои работат во ИТ индустријата, вложуваат во себе преку онлајн курсеви, одење на конференции, хакатони, митапи итн. Подобрите компании имаат свои интерни хакатони каде 2-3 дена во годината целиот тим работи на свои лични проекти. Многу од нив (како и со 20% на Гугл) завршуваат како компаниски продукти. Во повеќето компании ќе добиете и Kindle при првиот ден на работа и буџет за книги кои би сакале да ги прочитате“.

За Полска Андреј вели дека е една од земјите со најголем раст во интернет индустријата во Европа. Земјата има огромен пазар од 38 милиони жители, напредни интернет сервиси и финансиски продукти; има добар културен живот и добри можности за работа. Затоа е разблирливо што засега не помислува да ја напушти Варшава. „Сè додека се чувствувам добро тука, не гледам причина зошто би сакал да го менувам расположението :)“, вели тој.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments