Собранието со 61 глас „за“ го изгласа Законот за медиуми чија цел наводно е да стави ред во медиуската сфера, од воведување на уредувачки структури до јавно објавување на инвеститорите и цензура на несоодветната содржина. Но, новиот закон, кој според многу здруженија е контроверзен и направен да се контролираат медиумите, нема да ги опфати „електронските публикации“, односно интернет порталите. За нив, вели ИТ министерот Иво Ивановски, ќе се дискутира преку други предлог-амандмани во следните месеци.
„Во Законот за медиуми по договореното со претставниците на ЗНМ комплетно ќе се изостават електронските публикации, електронските портали. За печатените медиуми ќе остане само обврската за импресум и обврската за транспарентност во работењето и онаа која се однесува на заштита на малолетни лица од порнографски содржини“, вели минисерот.
Во своето соопштение Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) вели дека се договориле со Владата интернет просторот да „остане неконтролиран од државата, како единствен простор во кој се уште се негува плурализам на медиумите“. ЗНМ вели дека останува на ставот дека нема потреба од Закон за медиуми, иако Владата е решена да го воведе, но и дека се избориле за „драстично намалени оврски за печатените медиуми само на потребата за објавување на импресум и сопственичка структура, и заштита од порнографија“.
Интернет медиумите за сега ќе бидат изоставени од регулатива. Ова можеби најмногу им одговара на про-владините и про-опозициските медиумии кои имаат што да изгубат. Овие медиуми не ги потпишуваа своите автори, чeсто немаат импресум, ниту пак ги откриваат своите инвеститори, односно сопственици. Тие податоци не се објавени бидејќи ангажираните медиуми се претставуваат како независни и објективни пред публиката. Ако веќе мора да има закон, тогаш изоставувањето на интернет порталите, или „електронските публикации“ како што беа дефинирани во претходните нацрти, можеби е и најдобро решение додека не се најде соодветна дефиниција и опис кој ќе биде ставен во контекст на иновативната ИТ индустрија. Пример, немаше јасна дефиниција за блоговите, за кои се уште не се знае дали се „електронски публикации“ или не. Иако ИТ министерот Ивановски рече дека се изоставени блоговите, форумите и друштвените мрежи, сепак подоцна додаде и дека штом започнат да заработуваат тие се медиуми кои треба да бидат регулирани со законот. Ова може да биде проблематично посебно ако ги земеме во обзир можностите на платформите за блогирање, и трендот да се огласува на блоговите и форумите. Денес е можно и да креирате медиум само преку Facebook, или само преку мобилна апликација, кои не беа споменати во нацртите. Недефинирањето на овие сервиси претставува ограничување на иновацијата бидејќи еден блог или апликација ќе има проблеми да прерасне во медиумски сервис.
Интернет-просторот во Македонија можеби и треба да се регулира до некоја мерка. Има премногу крадење на содржина, премногу несоодветна содржина, и премногу намалени стандарди во јавното комуницирање. Но таа регулација е на тенка линија која води кон цензура од страна на новата Агенција за медиуми, која е предвидена со новиот закон. Засега се чини борбата се води помеѓу традиционалните медиуми и властите. Едните бараат независност и самостојна регулација, како слобода на изразување и поголеми права за новинарите и уредниците, а другите, пак, сакаат поголема контрола во медиумската сфера, од ставање огромни одговорности во рацете на уредниците до крута структура на медиумите која ќе можат полесно да ја казнат.
„ЗНМ останува на ставот нема никава потреба за дефинирање на професијата новинар и за нас тое е заобиколен начин за лиценцирање на новинарите. Доколку владата смета дека тое е во интерес на новинарите, тогаш препорачуваме да се дефинира и професијата политичар“, вели здружението.
Законот можете да го преземете од овде:
http://www.sobranie.mk/ext/materialdetails.aspx?I…