Оригиналната Tomb Raider датира уште од 1996 година и иако играта беше вистински хит на времето, сега е добра само за две работи: носталгично присетување или увид за тоа каков бил гејмплејот или графиката во деведесеттите.
Модерот XProger последниве неколку месеци вложил време и енергија за римејк на енџинот и рекреација на играта директно преку вашиот прелистувач. За жал, во моментот имате на располагање само едно ниво, односно City of Vilcamba, но и со едно ниво, првичните авантури се интересни за искусување, особено кога ќе земете во предвид дека нема FPS ограничување, што не е случајот со оригиналната игра, која беше заклучена на 30 фрејмови во секунда.
Повеќе информации за OpenLara проектот можете да најдете на специјализираниот форум, а за да ја проверите играта директно од вашиот прелистувач кликнете тука.
Од 1996 па до денес излегоа осумнаесет игри со симпатична Британка, а полека се работи и на најновиот филм со преубавата Алисија Викендер. Од неодамна, впивателите на содржини од големото платно добија увид и во првите официјални слики за филмот Tomb Raider.