Незадоволни од тоа што не добиваат пари за својата содржина, без разлика на колку посети добиваат, .мк медиумите им објавија војна на агрегаторите.
Првин Канал 5, Сител и ИдиВиди се повлекоа од Time.mk. Ден подоцна и Курир.мк побара 5.000 евра месечно од агрегаторот за вести за својата содржина. Подолу е твит од основачот на Time.mk, Игор Трајковски, кој објави писмо од Курир.мк.
Eve gi i Kurir, 5000 eur / mesechno :) twitpic.com/8hy531
— Igor Traikovsky (@mkrobot) February 10, 2012
NetPress, пак, објави писмо на својот сајт дека ќе забрани агрегаторите на вести да им презимаат содржина.
„Вестите на Нетпрес, почитувани читатели, повеќе нема да можете да ги најдете на македонските њус агрегатори. Ова е деловен чекор на кој се одлучи менаџерскиот тим на Нетпрес. Нема никаква позадина во случајов. Причината е едноставна. Некој сака да заработува пари на туѓ труд, и при тоа без регулирање на авторските права.“, пишува NetPress.com.mk.
Интересно во целата ситуација е што сите медиуми кои се спротиставија на агрегаторите на вести, се повлекоа само од Time.mk. Тие сè уште се присутни како извори на другите два .мк агрегатори Daily.mk и Bukvar.mk.
Претходно пишувавме дека агрегаторите на вести им се трн во око на македонските медиуми уште од нивното појавување. Имаше договори меѓу нив, поставување на стандарди меѓу порталите и медиумите за преземање содржина, но никогаш не стана збор за дали и колку посети агрегаторите на вести им донесуваат на медиумите. Ниту пак за дали агрегаторите за вести ги надополнуваат македонскиот медиуми така што им даваат избор и пообјективни вести на читателите од повеќе извори.
Ставот дека посетите од агрегаторите не им се важни на медиумите можеби се објаснува најубаво од NetPress кои велат дека нив им е важна само верната публика.
„Нас воопшто не нé засега читаноста. Во изминативе пет години, колку што постои Нетпрес, успеавме да се избориме за една многу пристојна бројка на верни читатели, од кои сме презадоволни. Па според тоа, оценивме дека со нашата одлука за ваков деловен чекор, Нетпрес нема да претрпи никаква загуба, туку ќе има само добивка.”
Од друга страна, агрегаторите за вести за само две-три години станаа моќни сајтови кои го привлекоа вниманието и на публиката, но и на огласувачите. Факт е дека тие заработуваат со промовирање на туѓа содржина, иако тоа го прават со свој сопствен алгоритам.
Според Дарко Булдиоски од Комуникации.нет и New Media MK, агрегаторите нудат додадена вредност налик на таа што ја нудат и консултантските куќи за анализа на јавни податоци.
„Сервисот за тоа си наплаќа, т.е си развива бизнис модел за да може да живее. Исто како што би купиле некоја анализа на податоци од некоја консултантска куќа. Може податоците да се јавно достапни, но вие плаќате за начинот на нивната обработка и ставање во контекст.“,вели тој. „Факт е дека боли кога вие самите не успевате да направите пари од својата содржина а некој друг прави затоа што сфатил како функционира интернетов, но што е тука е. Да не ни беше целиов медиумски систем толку пореметен може и ќе пишев, има време ќе научат и ќе заработуваат, ама со насокава која ја фатиле, не сум сигурен дека можам да го помислам тоа.“
Медиумите се тие кои си ја одредуваат судбината на својата содржина. Првин според квалитет, потоа според тоа за кого ја пишуваат. Но, влијанието на Time.mk, кој е најпопуларен .мк сајт, не треба да се игнорира. Ќе биде интересно да се види дали посетите на медиумите кои се повлекоа ќе порасне или ќе изгубат посетители.
Во моментов два дена по повлекувањето статистиките на Alexa-mk, сајтот за рангирање, изгледаат вака:
Еве како Time.mk нема влијание на посетеноста на сајтот на Сител. twitter.com/GoceMitevski/s…
— Goce Mitevski (@GoceMitevski) February 10, 2012
Еве како Time.mk нема влијание на посетеноста на сајтот на Канал 5. twitter.com/GoceMitevski/s…
— Goce Mitevski (@GoceMitevski) February 10, 2012
Коментари
16 коментари
Коментарите се затворени.