Facebook е најновата компанија која се приклучи на гигантите кои имаат платформи за видеоигри во облакот. Видеоигрите ќе бидат достапни за корисниците на десктоп и на Android апликациите, но не и за iOS. Причината за ова се ограничувањата кои ги воведува Apple за iOS AppStore.
Google и Microsoft веќе ги претставија своите платформи за гејминг во облакот, а и Amazon веќе има своја платформа „Luna“. За разлика од најголем дел од овие платформи, Facebook Gaming ќе биде бесплатен и барем засега игрите се бесплатни.
Во бета фаза се достапни 5 Android игри. Првите ентузијасти ќе може да ги изиграат:
- Asphalt 9: Legends
- Mobile Legends: Adventure
- PGA TOUR Golf Shootout
- Solitaire: Arthur’s Tale
- WWE SuperCard
Во следните неколку недели ќе пристигне и Dirt Bike Unchained. Во овие бета тестови понудените игри нема да зависат од интернет врската. Но веќе во првата половина на 2021 Facebook ќе додаде нови игри и нови жанрови. Со ова ќе започне и монетаризацијата на платформата.

Засега во прва фаза тестовите се ограничени на САД и тоа само на некои делови. Калифорнија, Тексас, Масачусетс, Њујорк, Њу Џерси, Конектикат, Роуд Ајланд, Делавер, Пенсилванија, Мериленд, Вашингтон, Д.Ц, Вирџинија и Западна Вирџинија, се првите држави во САД каде ќе може да се поиграат игрите. Во следните месеци ќе започне покривањето на остатокот на САД и потоа остатокот на светот.
Ова не е прв влез на најголемата друштвена мрежа во гејмингот. Игри како FarmVille должат голем дел од популарноста на Facebook. Сепак со облакот Facebook ќе може да понуди и посериозни игри. Една од предностите кои се споменати ќе биде можноста од тестирање на игрите кои ќе бидат рекламирани директно во прелистувач или во апликацијата.
Бесплатните игри веројатно нема да му донесат заработка на Facebook. Сепак целта на Facebook и не е да заработи од продажба на видеоигри, туку да ги задржи своите корисници подолго на платформата.