Не помина ни еден месец од излегувањето на SCUM, а играта веќе успеа да биде продадена во над еден милион примероци.
Во чест на ваквото достигнување, студијата Gamepires и Croteam решија да ги наградат сите играчи со златен пиштол – DEagle .50.

Сите оние кои, пак, имаат купено Supporter Pack ќе добијат и ексклузивен часовник кој, моментно, само покажува колку е часот, но ќе има дополнителни функции во иднина.

Паралелно со ова, студијата зад играта исфрлија и мала закрпа која, меѓу другото, воведува сребрени верзии на пиштолите DEagle .50 и .357. Овие пиштоли се кријат некаде низ отворениот свет. Покрај ова, закрпата балансира неколку проблеми со перформансите и исправа дел од попроблематичните багови.
За увид во целата закрпа, кликнете на следниот линк.
И покрај изненадувачката популарност на SCUM, многумина не се задоволни од моментната верзија во која се наоѓа играта и од скоро 15 000 рецензии, само 66% се позитивни. Како причина за негативните рецензии првенствено се наведуваат лошата оптимизираност на енџинот, хакери, неефикасен систем против мамење, и немање доволно содржини, поради што играта станува здодевна по десетици часа играње. Сите овие забелешки би требало да бидат исправени, затоа што SCUM е игра на која сѐ уште се работи. Како дел од раниот пристап на Steam, SCUM се препорачува само за оние играчи кои се спремни привремено да се носат со ваквите недостатоци.







