По се изгледа ниту оваа недела нема да имаме можност да слушнеме премногу интересни хардвер вести. Некакви шпекулации за Google 2024 настанот и второто успешно имплантирање на чипот од Neuralink е сѐ што слушнавме до сега. Добра вест е дека следната недела се одржува Made by Google и очекуваме да видиме нов интересен хардвер.
Чипот на Neuralink успешно имплантиран во втор пациент
Одлична вест оваа недела дојде од компанијата Neuralink. Компанијата на Елон Маск која работи на подобар интерфејс помеѓу луѓето и машините објави дека и втор пациент го доби чипот на Neuralink, и барем засега изгледа дека операцијата е успешна. Новиот имплант има 400 активни електроди од 1024 имплантирани на пациентот.
„Не сакам да баксузирам, но засега изгледа дека сѐ е екстремно добро. Има многу сигнали, многу електроди. Работи многу добро.“, вели Елон Маск.
Уредот кој го видовме кај претходниот пациент, Нолан Арбо му овозможуваше да игрa видео игри, да користи интернет и електронски уреди, преку чипот. Пациентот успеа да управува со глувчето, да игра Civilization VI и шах на компјутерот.
Поради проблемите кои се појавија со повлекување на електродите кај Арбо, кај вториот пациент електродите ќе бидат поставени подлабоко, што ќе го спречи нивното движење.
На поткастот на Лекс Фридман дознавме дека Neuralink веќе има понуди од 1000 волонтери кои се подготвени за операцијата за имплантирање на чипот. Планот на стартапот е до крајот на 2024 година да „вградат“ чипови во уште осум пациенти.
Тeenage Еngineering направи семплер со средновековен изглед и звуци
Teenage Engineering претстави нов семплер со кој ја продолжуваат традицијата на интересни, но и многу чудни уреди. EP-1320 е наследник на нивниот популарен семплер EP-133 K.O. II. Секако има илјадници семплери, но она што го прави EP-1320 единствен, е изборот на звуци. Семплерот е фокусиран на средновековни звуци, клопот на коњи, грегоријанско пеење, животни од фармите, па дури и вистински змејови! Секако овие звуци нема да бидат комплетни без средновековни селани што врескаат.
Цената на уредот е иста како на 133 KO II и чини 200 долари.
Ryzen 9000 се поевтини од претходната генерација
Производителот AMD ги објави цените на новите чипови од 9000 серијата. Мало, но добредојдено изненадување е што тие се малку поевтини од претходната генерација, што секако е одлична вест за купувачите. Цената на најмоќниот процесор од серијата – Ryzen 9 9950X е 649 американски долари. Останатите се помеѓу 20 и 50 долари поевтини од претходната генерација. Пониската цена е дополнително изненадување, ако имаме предвид дека најголемиот конкурент на компанијата Intel има сериозни проблеми со своите чипови.
Новите процесори не само што се поевтини, туку ќе бидат и значително побрзи од чиповите кои ги менуваат.
Уште една добра вест е дека и серијата 9000 ќе биде компатибилна со AM5 матичните плочи, па сите кои веќе имаат ваква плоча нема да имаат потреба од дополнително инвестирање.
Новиот Mac Mini може да биде со димензии на Apple TV
Новиот Mac Mini уред би можел да биде со димензии како Apple TV. Компјутерот ќе биде претставен оваа година и ќе доаѓа со M4 чип, вели Verge. Очекувањата се дека Apple ќе ја следи праксата од 2023 кога претстави две верзии од Mac Mini; една со стандарден M2 чип и уште една со M2 Pro верзија. Новиот модел ќе доаѓа со М4 и М4 Pro чипови.
Моделот со стандардниот М4 процесор би можел да се појави и порано, но M4 Pro верзијата нема да биде подготвена пред октомври.
Ако има промена во изгледот ова ќе биде прва по навистина долго време. На прва е тешко да се забележи разлика помеѓу моделот од 2012 година, и моделот од 2023 година.
Google претстави редизајн на Nest
Уште пред Made by Google конференцијата во август Google ja претстави новата генерација на термостати Nest. Она што веднаш паѓа во очи е дека уредот сега е поголем, поубав и покорисен. Google овозможи прилагодување на податоците што термостатот ги прикажува. На „лицето“ на екранот може да се прилагодат боите, да се промени во некоја слика, или само да се прикаже часовник.
Новата функционалност е овозможена од поголемиот дисплеј кој сега е 60 отсто поголем отколку што беше на претходната генерација.
Убавината на уредот не е занемарлива, но она што е поважно е дека новиот модел на термостат сега е и покорисен. Благодарение на вештачката интелигенција може да се оптимизира енергетската ефикасност. Уредот ги следи навиките на корисникот за греење и ладење, и може автоматски да ја приспособи температурата за да заштеди пари и да одржува удобност. Дополнително, безжичните сензори за температура обезбедуваат прецизни отчитувања од различни простории, овозможувајќи попрецизна контрола на температурата.
Цената на новиот Nest е 280 долари, а дополнителните сензори чинат од 40 долари за еден сензор до 100 долари за 3 сензори во пакет.
Збогум Chromecast добредојде Google TV Streamer
Google се збогува со Chromecast уредите кои сега ќе ги замени со нов апарат наречен TV Streamer. Новиот уред не само што е сет-топ бокс туку истовремено е и центар за управување со паметниот дом.
Очекувано, TV Streamer е надградба на Chromecast. Доаѓа со побрз процесор, повеќе RAM меморија и повеќе простор. Според бројките кои ги сподели Google, TV Streamer доаѓа со 22 отсто побрз процесор во однос на Chromecast, 4GB RAM и 32 GB простор. Благодарение на надградбите уредот може да стрима на максимална резолуција од 4K/60fps.
Интеграцијата со вештачка интелигенција овозможува уредот да може да препорача и содржини за корисниците, да генерира пократки резимеа од содржината, или да креира визуелни искуства.
Цената на апаратот е 100 долари и ќе започне да се продава од 24 септември.
Made by Google на 13 август
Како што веќе пишавме: на 13 август Google ќе го одржи Made by Google настанот. Нема премногу податоци за она што може да го очекуваме на настанот, но има некои работи кои се поверојатни од другите, а за некои протекоа податоци кои ги прават речиси сигурни.
Pixel 9 телефони
Очекуваме барем 3 нови модели вклучувајќи ги Pixel 9, Pixel 9 Pro и Pixel 9 Pro XL со надградба на камерите, побрз процесор и сателитски пораки.
Pixel 9 Pro Fold
Нов телефон со флексибилен дисплеј кој ќе биде со поголем екран и помало забележување на линијата на превиткување.
Android 15
Нова надградба на оперативниот систем. Очекуваме куп нови функционалности овозможени од вештачката интелигенција.
Pixel Watch 3
Според информациите кои неофицијално протекоа ќе има две големини (41mm и 45mm) со посветол дисплеј и подобрено траење на батеријата.
Pixel Buds Pro 2
Нова верзија на слушалки кои ќе доаѓаат со повеќе промени во дизајнот, хардверот, но и со повисока цена.
Веќе оваа недела Google ги објави новите Nest Learning Thermostat и Google TV Streamer, па очекуваме дека настанот првенствено ќе се фокусира на линијата Pixel уреди.