Благодарение на Computex оваа недела можевме да видиме куп најави за хардвер. Имаше речиси сè, нови процесори, SSD дискови, лаптоп компјутери и графички картички. Computex е еден од најголемите сами за информациска технологија, се одржува од 2000-та година во Тајпеи. Оваа година настанот се одржа од 23 до 27 мај.
AMD Ryzen 7000
Една од најинтересните презентации на годинешниот Computex беше најавата за новиот процесор на AMD. Ryzen 7000 ќе биде супер моќен процесор и може да го очекуваме оваа година.
Новите процесори се изработени со оптимизираниот 5nm процес на TSMC. Технологијата досега се користеше за производство на процесори за телефони на Apple и Huawei, а за првпат ќе биде користена за десктоп процесор.
Најдобриот модел на Ryzen 7000 ќе доаѓа со 16 Zen 4 јадра. Од она што го видовме на претставувањето, процесорот работи на над 5GHz, а на презентација на Ghostwire: Tokio надмина 5,5GHz. Веројатно ова ќе биде процесорот кој на крајот на годината треба да биде конкуренција на Intel, кој со Core i9-12900KS засега е на врвот.
Она што може да ги израдува фановите на AMD, но и фановите на добар хардвер е дека Zen4 на „single core“ процеси има 15 отсто подобри перформанси во однос на претходната Zen3 генерација.
За процесорот ќе биде потребна и нова плоча и нов сокет. AMD работи на 3 нови чипови за следната генерација X670E, X670 и B650. Плочите ќе доаѓаат со поддршка за PCIe 5.0 и DDR5.
Mendocino – Zen 2 APU со RDNA 2 графичка
Ryzen 7000 не е единствена надградба која AMD ја претстави минатата недела. Производителот ги најави и процесорите Mendocino кои ќе бидат иднината на мобилните APU. Процесорот ќе биде наменет за лаптопите кои се поевтини и интересни за поголем број купувачи.
Mendocino ќе доаѓа со Zen 2 микроархитектура и RDNA 2 интегрирана графичка. Процесорот доаѓа со поддршка за LPDDR5 меморија. Што се однесува до бројот на јадра Mendocino ќе доаѓа со максимум 4 физички и 8 виртуелни јадра. Компанијата ветува дека батериите на лаптопот ќе може да работат најмалку 10 часа без да треба да се наполнат.
Цената на лаптоп компјутерите кои ќе доаѓаат со новиот процесор ќе биде помеѓу 400 и 700 долари.
Apacer и Zadak ги најавија првите PCIe Gen 5 SSD дискови за домашни корисници
Apacer и Zadak најавија нови SSD дискови. Ова ќе биде прва серија на PCIe Gen 5 дискови наменети за домашни корисници. Дисковите се супербрзи и може да достигнат брзини од 13000MB/s при читање, и 12000MB/s при пишување. Тоа што ова се првите компании кои претставуваат SSD 5.0 за поширока употреба е мало изненадување, но двете компании влегоа во заедничко партнерство за развој на дискот
PCIe Gen 5 NVMe SSD доаѓа во две речиси идентични варијанти од Apacer и Zadak. Дисковите се со M.2 форма и поддршка за NVMe 2.0 стандард, а идентичен е и дизајнот на алуминиумскиот ладилник. Добра вест е дека нема потреба од активно ладење, па нема потреба од вентилатор. Дисковите дури доаѓаат со иста 5 годишна гаранција. Единствена разлика е што моделот на Zadak има две варијанти една со ултратенок ладилник од графен и стандардната со ладилник од алуминиум.
Прв гејминг лаптоп од Corsair
Производителот кој е попознат по кулери, тастатури, напојување, Corsair го претстави својот прв гејминг лаптоп Corsair Voyager. Лаптопот беше дел од презентацијата на AMD на Computex. Процесорот и графичката доаѓаат од AMD и барем засега нема целосни, официјални информации за хардверот.
Она што го знаеме е дека Voyager доаѓа со 16-инчен QHD+ екран со резолуција 2560х1600 и рефреш 240Hz. Лаптопот доаѓа со најновиот 8-јадрен AMD Ryzen 6000 процесор и RX 6000 графичка картичка. Меморијата е DDR5, а дискот е M.2 NMVe SSD.
Цената засега е непозната, но може да го очекуваме веќе во следните месеци.
Канада ќе ја гради 5G мрежата без Huawei и ZTE
Канада забрани учество на Huawei и ZTE во изградбата на својата 5G мрежа. Официјална причина за исклучување на двете кинески компании е „поголема безбедност за Канаѓаните“. Huawei ја карактеризира одлуката на властите во Онтарио како политичка, а веќе неколку држави претходно донесоа слична одлука. Huawei не може да учествува во градењето на мрежата во Велика Британија, САД, Австралија и Нов Зеланд.
Петте држави се членки на „Five Eyes“ – партнерството за споделување на информации, јави BBC. Со оглед на тоа дека Канада е последна од петте држави која се откажа од услугите на кинеските компании, одлуката не е изненадување.
Huawei потсети дека досега немало ниту еден инцидент со нивната мрежна и информациска опрема и додаде:
„Забраната за користење на нашата опрема и услуги ќе доведе до значителни економски загуби во Канада и ќе ја поскапи комуникацијата за канадските потрошувачи“.
Pixel Foldable одложен до 2023
Иако не е официјално Google работи на модел на Pixel телефоните кој ќе доаѓа со флексибилен екран. Шпекулациите за Pixel Foldable започнаа откако во апликацијата за камерата беше пронајден „flag“ isPixel2022Foldable.
Оригиналниот план за лансирање на овој уред бил заедно со Android 12L, но според информациите кои ги сподели theElec, планот е променет. Ова е вторпат телефонот да биде одложен. Засега нема никакви информации за хардверот, па дури ниту за изгледот на телефонот. Единствен податок со кој се шпекулира е дека Pixel Foldable ќе доаѓа со два екрани. Флексибилниот ќе биде на „внатрешната“ страна и ќе има дијагонала од 7,57-инчи; Помалиот екран ќе биде на надворешната страна и ќе биде со дијагонала 5,78-инчи.
Кога, па дури и дали воопшто ќе го видиме телефонот, барем засега е непознато. Еден од најинтересните проекти кој Google ги најави модуларниот телефон Project Ara, иако беше во развој неколку години наеднаш беше прекинат. Се надеваме дека тоа нема да биде случај и со Foldable.