Кога се работи за создавање анимирани музички видеа постојат бројни предизвици. Дури и да сакате поедноставни анимации, потребни се одредени технички познавања, и, секако, талент за цртање, односно анимација. Токму поради тоа, многумина се одлучуваат за статичко музичко видео, пропратено од само една слика.
Vibetoon не прави чуда при создавање анимирани музички видеа, но знае да допринесе до поинтересен финален продукт со впечатливи анимации за време на видеото.
Преку онлајн алатката можете да создавате ваши ликови и со истите да се поставите на најразлични локации и да изведувате најразлични активности додека трае музичкото видео.
При создавањето лик, имате на располагање машки и женски пол и бројни опции за уредување на телото, лицето и облеката, како би можеле да дојдете најблиску до вашата замисла. Потоа, избирате некоја од понудените сцени, односно локации на кои правите најразлични активности, како миксање, свирење гитара и ред други работи. Како за крај, ја поставувате вашата музика и вајбате со новите анимации.

Веќе е во план проширување на арсеналот од нова облека, сцени, анимаци и дополнителни механики за поквалитетен финален производ.