Љубителите на хардвер веројатно веќе се свесни дека оваа недела немаше баш што многу да видат. Речиси да немаше вести за нови уреди, а немаше баш многу вести ниту од хардвер индустријата. Најголем дел од вестите се гласини, а Samsung за 26-ти јуни најави настан во кој ќе презентира уреди со еластичен екран.
Apple Vison Pro за малку ќе доаѓаше со прстен контролер
Пред да се одлучат за контрола со гласовни команди и гестикулации, инженерите на Apple размислувале на својот уред за проширена и виртуелна реалност Apple Vision Pro, да му додадат и контролер.
За време на развојот, Apple тестирал различни контролери. Во рана фаза на развојот на уредот, компанијата тестирала контролери за други сетови за виртуелна реалност, на пример од HTC. Една од идеите била контролерот да се носи на прстот. Сепак, на крај, инженерите заклучиле дека гестикулациите и гласовните команди функционираат, и се многу поелегантно решение.
Производителот засега не размислува за креирање на сопствен контролер, но ќе има поддршка за влезни уреди, вклучувајќи уреди од трети производители.
Samsung ќе претстави нови уреди на 26-ти јули
Јужнокорејскиот производител на електроника – Samsung најави дека на 26-ти јули ќе ни ги претстави следните уреди со флексибилен екран. Настанот е најавен под мотото „Join the flip side“ заедно со слика на телефон кој се преклопува.
Очекувањата се дека на настанот ќе ги видиме Galaxy Z Flip 5 и Z Fold 5. Покрај ова, можеби компанијата ќе го искористи настанот да ги претстави и Galaxy Watch 6 и Galaxy Tab S9 таблет компјутерот.
За телефоните со еластичен екран на Samsung, ова е прво претставување откако Google и OnePlus излегоа со свои уреди на пазарот.
Ако ве интересира како ќе изгледаат уредите, добра вест е дека благодарение на WinFuture веќе може да го видиме изгледот на телефоните, но и на таблет компјутерот. Новите телефони речиси и не се разликуваат од претходните модели, иако без сомневање има разлики кои компанијата ќе ни ги претстави на 26-ти.
Новите AirPods со нови функционалности
Apple подолго време го промовира Apple Watch како фитнес, но и како додаток кој може да се користи за да се надгледува здравјето на корисникот. Сега компанијата сака да го направи истото и со AirPods.
Новата генерација на слушалки ќе има нови функционалности кои ќе ги направаат слушалките уред за детекција на оштетен слух и додаток за здравје. Покрај функционалноста како помагало за лицата со оштетен слух, AirPods ќе имаат и функционалност со која ќе ја следат температурата. Температурата ќе се мери од ушниот канал, што е поточен податок од температурата на зглобот, која ја мери Apple Watch. Со помош на овие податоци ќе се следат плодните денови на жените, но и потенцијални настинки и болести.
Apple веќе поодамна најави функции слични на слушно помагало. На пример Conversation Boost и Live Listen, но тие сè уште немаат дозвола од регулаторите. Американската Администрација за храна и лекови ги олесни правилата за производство на слушни помагала, овозможувајќи продажба без лекарски рецепти и прегледи. Новите функционалности кои ќе бидат достапни на AirPods ќе овозможат тестови за слушање.
Најавените функционалности ќе бидат достапни најрано за една година, пренесе Bloomberg.
OnePlus го престави Nord 3
OnePlus го претстави својот нов уред во средната класа, телефонот Nord 3. Уредот доаѓа со 6,7-инчен AMOLED екран со резолуција 2772 x 1240, рефреш од 120Hz, и густина на пиксели 390ppi.
Покрај надградбата на екранот, надградба има речиси на секој дел од хардверот. Уредот доаѓа со MediaTek Dimensity 9000 процесор; максимум 16GB RAM и 256GB флеш диск.
Главната камера на телефонот е 50MP, а во модулот се достапни и 8MP широко-аголна камера и 2MP макро-камера. Предната камера е 16 MP. Батеријата на телефонот е 5000mAh.
Претпродажбата започна на 5-ти јули. Најевтиниот модел доаѓа со 8GB RAM и 128GB флеш-диск и чини 450 долари. За 550 долари се достапни 16GB RAM и 256GB простор.