Starship Troopers e sci-fi филм од 1997 година. На времето, филмот беше лошо оценет од критичарите и се користеше секоја прилика да се плука по него, но, со текот на времето, филмското остварување успеја да си собере култни следбеници. Starship Troopers: Extermination е видео игра направена во духот на филмот. Со оглед на тоа дека е дел од раниот пристап на Steam, моментно она што има да понуди е гол минимум и останува да се види дали со текот на времето ќе воведе доволно свежи идеи и механики за да привлече и задржи доволен број гејмери.
Како за почеток на она што се планира да биде едногодишно развивање на играта, Starship Troopers: Extermination нуди ко-оп акција во прво лице за до 16 играчи. Поставувајќи се на предните борбени линии на опасни планети, вашата задача е да ставите крај на џиновските вонземни пајаци користејќи најразлични огнени оружја, но и градејќи најразлични структури од офанзивен и дефанзивен карактер.

Се соочувате со пет типа на непријатели, во една или друга форма на извитоперени вонземни пајаци. Некои од нив живееат за лични и блиски пресметки, додека други се од артилериски тип и ве гаѓаат од далеку. Во запрепастувачки огромна бројка пајаците или се движат во зиг-заг тактики или летаат над вас, се со цел да го опкружат вашиот тим и да ве спречат во исполнување на вашите мисии. Таквите swarm-ерски тактики не само што го ограничуваат вашето движење туку и се сунгер за вашите куршуми. Како резултат, никогаш не можете вистински да се опуштите и да издвоите лесна победа, дури и кога одлично се координирате со тимот.

На располагање имате три уникатни класи. Hunter класата се препорачува за брзо движење низ теренот и користење џет пак. Bastion класата е одлична за масовно напаѓање на непријателот и поставување штит за одбрана и попрецизно ликвидирање на сите закани. За крај, Operator-от се смета како една од најважните и најценетите класи затоа што ги лечи останатите членови од тимот и им пружа поддршка за ефикасно напредување. На секоја од класите им се одредуваат соодветни оружја, но и utility механизми како способност за поставување муниција на полето, направа за одбележување на непријателите, мини, кит за автоматско лечење и слично.

Од друга страна, имате само една мапа и едни исти цели кои, за жал, за брзо време стануваат монотони. Па така, целите се движат од обезбедување на одредени зони (како зони со рафинерии или зони за слетување), собирање и дислоцирање ресурси од една до друга зона и слични fetch квестови додека се ориентирате кон главната база. На целите им пристапувате од различни точки на мапата и на почетокот би можеле да помислите дека варијабилноста е поголема, но се работи за оптичка теренска илузија и сите еднолични мисии се одвиваат на една поголема мапа. Авторите се свесни за овие забелешки затоа што постојано се споменуваат помеѓу членовите од заедницата, но константно се потенцира дека играта е во ран пристап и дека допрва ќе се внесе свежина со нови мапи и цели.
Како одличен бонус во сево ова е и можност за градење база, подигање ѕидини, кули, бункери и ред други работи со цел да се подобро справите со нападите кои доаѓаат од сите страни. Градењето е едноставно, но потребна е комуникација помеѓу членовите затоа што лесно може да ви биде срушено тоа што сте го направиле од друг играч. Еднаш штом се наближи крајот доаѓате до еуфоричен хаос каде бројката на непријателите значително се зголемува, а вие треба тактички да се повлекувате се додека не стигнете до зоната за полетување и да пробате да извлечете жива глава. Навистина не е лесно, секој се бори за својот живот, врескањето одекнува низ микрофоните, се моли за помош која никако да се понуди затоа што во тие последни минути ризикот за помагање на друг играч е исклучително голем.

Во поглед на графичка оптимизација, движењата и анимациите се флуидни, а фрејмовите солидни. Доколку имате i5 процесор и графичка 1060 или појако од тоа, нема да имате проблеми со уживање на играта на повисока графика. Одредени замрзнувања беа ретки и само во ситуации кога видикот беше преплавен од непријатели. Паралелно на ова, музичката подлога е апсолутно маестрална и одлично ја доловува атмосферата од култниот филм.

Она што сакаме да кажеме е дека може да се најде незаборавна забава во Starship Troopers: Extermination, особено доколку започнете партија со пријателите или пак се паднете во ок тим. Мора да напоменеме дека Starship Troopers: Extermination нема соло мод и ова е чистокрвна ко-оп игра каде е важно да се комуницира со тимот за брза и ефикасна победа. Дополнително, многу во играта допрво ќе биде внесено и потребно е да бидете трпеливи и спремни на компромиси и нема да најдете нешто надвор од она што го пишавме во горните редови. Она што има е доволно како за почеток, но пробајте да го форсирате низ неколку денови и ризикувате почетната еуфорија да премине досада.
А, ако играта не е за вас, а филмот сеуште не сте го гледале, нели мислите дека е редно време да му пружите шанса? :) И после 25 години специјалните ефекти и понатаму се за пофалба.