Хардвер од минатата недела: Lemur 2, Moto Rizr, Nokia G22, Ryzen 7950X3D…

Без разлика дали ве интересираат паметни телефони, дронови, процесори, oваа недела изобилува со куп интересни хардвер вести. Неделава во Барселона се одржи Mobile World Congress. Иако настанот веќе ја нема привлечноста од пред неколку години, сѐ уште може да ги видиме трендовите во индустријата.

Nokia G22

Паметните телефони на Nokia одамна не е се произведуваат од истоимениот производител. Сопственик на брендот сега е финската компанијата HMD Global, а телефоните се произведуваат во Кина. Nokia беше најголем производител на телефони до 2012 година.

Оваа година на MWC компанијата го претстави G22, евтин телефон кој сопствениците може сами да го поправат. За поправките, HMD Global се здружи со iFixit кој ќе ги продава алатките и упатствата за поправање.

Дел од поправките кои се едноставни и може да ги направат и сопствениците се промена на поклопецот, батеријата, приклучокот за полнење, па дури и екранот.

Image: Nokia

Хардверот на Nokia G22 нема да воодушеви никого, но сепак станува збор за телефон кој според најавата ќе се продава за 180 долари.

Телефонот доаѓа со 6,52-инчен HD+ екран со резолуција 1200х720 и 90Hz рефреш. Процесорот е осум-јадрен Unisoc T606; има 4GB меморија и 64 GB диск со можност за проширување со microSD до 2TB. Главната камера е 50MP, ƒ/1.8, а на телефонот има две дополнителни Macro и Depth камери со резолуција од 2 MP. Капацитетот на батеријата е 5050mAh и со едно полнење може да работи до 3 дена.

Хардверот секако нема да биде главна причина зошто некој го купува телефонот, но сите кои веруваат дека треба да можат сами да си ги поправаат телефоните, нема да најадат подобар нов телефон.

Moto Rizr

Moto Rizr е нов концепт телефон од Motorola. Компанијата телефонот го претстави во октомври, но сега веќе имаме повеќе детали. Rizр е телефон со флексибилен подвижен екран. Екранот вообичаено ја покрива целата предна страна на телефонот, како кај сите телефони. Сепак може да се повлече надолу, преку долниот раб и да се префрли до половината на задниот дел на телефонот. Ова овозможува екранот да нема никаков забец или дупче за камерата. Наместо тоа камерата е скриена под екранот и се открива со замотувањето на екранот надолу.

Телефонот може да детектира колку е отворен екранот и да ја прилагоди содржината на отворениот дел од екранот. Самиот екран е 6,5-инчен, но целиот телефон е само 5-инчен. Жртвата е направена кај дебелината, па уредот е подебел од она на што сме навикнати. Благодарение на ова телефонот е со најмали димензии, а сепак има дисплеј како нормален паметен телефон.

Што се однесува до потенцијалните проблеми, не е премногу тешко да се замислат оштетувањата на уредот, без разлика дали се на екранот или на шините по кои се движи екранот. Дополнително бидејќи телефонот е со помали димензии нема премногу простор за батерија со поголем капацитет, па Moto Rizr веројатно ќе доаѓа со батерија со помал капацитет.

300W полнење од Xiaomi

Кинескиот производител на паметни телефони Xiaomi претстави 300W полнач за паметни телефони.  Демонстрацијата на технологијата овозможува полнење на батеријата на телефонот за само 5 минути.

Во претставувањето е искористен Redmi Note 12 Pro+ модел со модифицирана батерија со капацитет 4100mAh. Батеријата се наполни до 20% за речиси минута, а до 50% беа потребни 2 минути и 12 секунди.

Lemur 2 нов дрон од Brinc

Lemur 2 е нов дрон од производителот Brinc. За разлика од останатите дронови кои често се наменети за разонода, или во најдобар случај за снимање видео или фотографирање, Lemur 2 е треба да овозможи безбедна работа од далечина. Еден од потенцијалните корисници на дронот е полицијата.

Lemur 2 е делумно автономен дрон. Доаѓа со LIDAR сензори со чија помош се креираат мапи на локациите, дури и за локации на затворено. Дронот автономно може да избегнува објекти или препреки.

Ова е благодарение на куп сензори кои се додадени во оваа верзија на дронот. Камери, сензори за гледање во темница, термални камери, LIDAR, микрофони и звучници се дел од опремата на Lemur 2, пренесе TechCrunch.

Микрофонот и звучниците кои се инсталирани овозможуваат двонасочна комуникација од безбедно растојание.

Ryzen 9 7959X3D најбрз гејминг процесор на AMD

Оваа недела беа објавени првите бенчмарк тестови на Ryzen 9 7950XD3. AMD од претходно најавуваше дека ова ќе биде најбрзиот гејминг процесор, а тестовите само го потврдија ова. Со оглед на тоа дека сепак станува збор за „гејминг пресметка“ Ryzen 9 7950X3D и Nvidia GeForce RTX 3090 беа тестирани на неколку популарни видеоигри. Резултатите од тестовите покажуваат дека вo просек процесорот на AMD има 11% подобри перформанси од Core i9-13900K. За некои од игрите како Assassin’s Creed Valhalla  перформансите се дури 35 отсто повисоки. Секако постојат разлики од игра до игра, а во некои од игрите, на пример Star Control  процесорот на Intel има подобри резултати.

Сите тестови се направени на резолуција 1080p (1920×1080) со максимум на графичките нагодувања. Покрај споменатите игри тестирани беа и Far Cry 5, Shadow of the Tomb Raider и Metro Exodus.

Ако ве интересираат повеќе информации, може да ги погледнете резултатите од сите тестови на Tom’s Hardware.

Dell ги претстави надградбите на XPS 15 и XPS 17

Ако последниве години сте барале солиден Windows лаптоп без сомневање сте налетале на XPS серијата на Dell. Уредите се едни од подобрите, но и поубавите лаптопи на пазарот. За  XPS 15 и XPS 17 ова е прва надградба по повеќе години. За жал со новиот хардвер има и нова цена, која за најголем дел од корисниците ќе биде превисока.

Почетните модели на двата уреди доаѓаат со Core i5-13500H. Најмоќните модели доаѓаат со Intel Core i9-13900H и максимални 64GB DDR5-4800 RAM меморија. Што се однесува до дисковите корисникот може да одбере помеѓу 512GB и 4TB SSD диск. Покрај ова ограничување при купувањето, двата компјутери поддржуваат 8TB дискови. Уредите во почеток ќе доаѓаат со OLED екрани. XPS 17 има екран со резолуција 3840 x 2400, а екранот на XPS 15 е со резолуција 3456 x 2160. Подоцна Dell ќе претстави нови модели, со полоши, но и поевтини екрани.

Image: Dell

Разлика постои при изборот на графичките картички. XPS 15 доаѓа со Nvidia GeForce RTX 4050 или GeForce RTX 4070. XPS 17 доаѓа со графички картички кои започнуваат со RTX 4050, а „завршуваат“ со RTX 4080. Подоцна XPS 15 ќе добие нов модел кој ќе доаѓа со Arc A370M на Intel.

Сумата која купувачите ќе треба да ја платат за овие уреди е исклучително висока. XPS 15 започнува од 2,950 долари за моделот со Intel Core i9, Nvidia GeForce RTX 4070, 32GB DDR5, 1TB SSD и OLED екран. Цената на XPS 17 со истите спецификации ќе биде 3,400 долари.

Започнуваат тестовите на рускиот процесор Baikal

Компанија ќерка на државната руска компанија за нуклеарна енергија започнува со првите тестови со компјутери со руските процесори „Baikal“, пренесе Tom’s Hardware.

Image: Baikal Electronics

Компјутерите со процесорот Baikal се произведени од компанијата Delta Computers. Станува збор за мини компјутери кои доаѓаат со Astra Linux. Моделот на процесор кој е искористен во овие компјутери е Baikal-M1. Остатокот од хардвер е 64GB DDR4 RAM и 16TB хард-диск и SSD.

Baikal M1 доаѓа со осум Arm Cortex-A57 јадра,  8MB L3 кеш меморија и 8 Arm Mali-T628 графички процесори. Процесорот е најмногу интересен бидејќи треба да покаже како Русија се справува со санкциите кои забрануваат извоз на процесори и технологија во Русија и Белорусија.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments