Без сомневање една од најдобрите компании основани во Македонија без која не може да започне приказната за успешни компании е Grouper. Со одлична локализација на постоечкиот модел, Grouper без сомневање е една од топ 3 стартап приказни во Македонија. Оваа приказна наскоро ќе стане и малку поголема, откако компанијата најави дека наскоро започнува со работа на пазарот во Косово.
Grouper Kosovo за граѓаните на Косово ќе биде достапен наскоро, а со тоа ќе пристигнат и најголемите попусти и најдобрите промоции што ќе можат да ги уживат и граѓаните и бизнисите во Косово.
Ова секако е одлична прилика да и поставиме неколку прашања на Нина Ангеловска, коосновач и директор на Grouper.
Зошто за следна дестинација го одбравте токму Косово?
Одлуката беше спонтана и се случи многу “природно”. Всушност не тргнавме ние во потрага и евалуирање на околните пазари, туку во текот на претходната година многу потенцијални партнери ни пристапија со идејата за ширење на Grouper, а најголем дел од нив беа за лансирање на Grouper на пазарот во Косоово. Оттаму бевме поттикнати да научиме повеќе за пазарот и да ја донесеме одлуката.
Колкав предизвик е влегувањето на нов пазар? Кои очекувате да бидат најголеми предизвици?
Grouper Kosovo e франшиза на Grouper.mk. Креирањето на франшиза на Grouper беше ново искуство за нас од кое многу научивме во изминатите неколку месеци. Во изминатиот период главните предизвици за тимот на Grouper беа подготвувањето на секој аспект од бизниот за новиот пазар (преточување на нашето, знаење, искуство и know-how на нов тим, подготвување на платформата за новиот пазар, подготовка на стратегија и сл.). Партнерот кој ќе ја продолжи Grouper приказната на новата територија има веќе искуство и познавање на локалниот пазар, што сметам дека е многу важно за успехот на бизнис од ваков тип, а уште повеќе при почетоците.
Предизвиците очекуваме да бидат слични како тука, когнитивни бариери на населението, преференција за плаќање во готово, ниски дигитални вештини… Сепак јас сметам дека попустите и овој бизнис модел на групно купување е најдобриот двигател за развој на е-трговијата во земја во развој. Се надеваме дека Grouper Kosovo ќе успее да го постигне, па и надмине она што Grouper го направи на македонскиот пазар.
Според ваша проценка, каква е ситуацијата со е-трговијата на пазарот во Косово во споредба со Македонија?
Од досегашните сознанија би рекла дека ситуацијата со е-трговијата во Косово денес е како што беше во Македонија во времето кога ние започнувавме, односно недоволно развиена, но со голем потенцијал за раст. Паралелата ја правам земајќи ги предвид и фактичките податоци како платежни системи, понуда на пазарот, користење на платежни картички и сл., но исто така и писхолошко-когнитивни фактори како навики за онлајн купување, преференции за плаќање во готово и сл. Сепак растот на оваа индустрија во Косово очекувам дека ќе се движи со многу побрзо темпо споредено со темпото на раст во Македонија во изминатите 8 години.
Според најновите податоци од Eurostat (2018) за прoцент од интернет корисниците кои направиле онлајн нарачка во последните 12 месеци, Косово се наоаѓа на претпоследното место (25%), потоа Романија (26%), па Македонија (31%). На последно место се наоѓа Црна Гора (16%), каде всушност пред неколку години учествувавме во лансирањето на сајт за групни попусти двајќи know-how на локалната компанија.
Може ли да направите споредба на положбата во која беше Групер со отворање во Македонија, во споредба со положбата во која сте сега пред отворање на Групер Косово?
Grouper се позиционираше како првиот македонски сајт за групни попусти. Бевме млади и не толку искусни ама полни со желба и ентузијазам за да успееме и да ја промениме е-трговијата во земјата. Постојаното учење, многу напорна работа и пасијата на целиот тим не донесе онаму каде што сме денес, лидери на пазарот на е-трговија во Македонија, а сега и сопственици на франшиза. Франшизата ја гледам како преточување на сѐ што знаеме и умееме и пренесување на тим кој треба да го реплицира тоа на друг пазар под наше менторство, преземајќи ризик и справувајќи се со предизвиците кои ќе стојат на патот.