Конкуренцијата кај вештачката интелигенција само што започнува. ChatGPT ги покажа можностите на сервисите кои наместо листи на линкови кои можеби содржат одговори, дават одговори. Дел од анализите дури предвидуваа дека сервисот ќе го истисне Google oд пребарувањето. Сепак најпопуларниот пребарувач во светот не е без сопствени адути кога вештачката интелигенција е во прашање.
Во обраќањето до инвеститорите директорот на Google, Сундар Пичај откри дека пребарувачот многу скоро ќе додаде вештачка интелигенција.
Компанијата веќе започнала со тестови на некои од функционалностите. Претходно ставот на компанијата беше дека додавање на вештачката интелигенција во пребарувачот е преголем ризик за репутацијата.
LaMDA на Google има слични можности како и ChatGPT, но Google досега не ги комерцијализира можностите на вештачката интелигенција. Дел од вработените во компанијата го поставиле прашањето „Дали ова е пропуштена можност за Google?“. Ставот на Сундар Пичај и директорот на одделот зa вештачка интелигенција на Google, Џеф Дин, тогаш бил дека ако нешто тргне погрешно ризикот е преголем, бидејќи корисниците мора да имаат доверба во одговорите кои ги добиваат од Google.
Одговорот на Google на ChatGPT е, или барем ќе биде, четботот „Apprentice Bard“, но и нови функционалности кај пребарувањето кои ќе овозможат давање одговори на прашања. Сепак Google нема веднаш да издаде конкурент на ChatGPT. Во прво време ќе бидат објавени „лабораториски“-функционалности, бета функционалности, и постепен раст понатаму.
„Ова навистина решава некои од потребите на луѓето, но исто така е важно да се сфати дека овие модели имаат специфични проблеми“, вели Џеф Дин за ChatGPT.
Во меѓувреме ChatGPT стигна до 100 милиони корисници
Во јануари ChatGPT имал 590 милиони посети од над 100 милиони различни корисници. Ова е досега незабележан раст за апликација, пренесе Guardian. За да стигне до 100 милиони корисниците на ChatGPT му беа потребни едвај 2 месеци. За споредба, TikTok стигна до 100 милиони корисници по 9 месеци, а на Instagram му беа потребни над 2 години.
„Во 20 години интернет простор, не се сеќаваме на побрз раст на кориснички сервис“, велат аналитичарите од UBS.
Оваа недела ChatGPT ја претстави ChatGPT Plus претплатата. За 20 долари претплатниците ќе имаат пристап до ChatGPT дури и кога оптоварувањето е преголемо. Претплатата ќе овозможи и побрзо да добиваат одговори, и ќе имаат и приоритет до новите функционалности и надградби.