Само среќниците кои успеаја да ги купат првите прототипи на Glass за 1.500 долари ќе експериментираат со очилата со проширена реалност. Другите заинтересирани ќе треба да почекаат до 2014-та година, вели претседателот на бордот на Google, Ерик Шмит во радио интервју за BBC. Ова е спротивно на првата најава од Google дека уредите ќе бидат достапни до крајот на оваа година за околу илјада долари. Сепак, според г. Шмит, се работи за неконвенционален уред кој треба да се тестира првин од програмерите за да се креираат апликации и содржина за секојдневните корисници.
„Ќе има илјадници Google Glass кои ќе се користат од програмерите во следниве неколку месеци, и потоа соодветно со нивниот фидбек, ќе направиме некои промени во продуктот, кој најверојатно е година и нешто далеку од нас“, вели г. Шмит.
Сепак функционалноста на Glass не е единствената која треба да се тестира. Новата проширена реалност претставува нов општествен преседан кој се коси со приватноста која сакаме да ја имаме. Во САД веќе има неколку локали кои забрануваат влез со Google Glass заради приватноста на своите клиенти.
„Факт е дека мора да развиеме ново општествено однесување. Очигледно е дека не е соодветно да се носат овие наочари во ситуации каде е забрането снимањето. Компании како Google имаат висока одговорност да ги заштитат нашите информации, но и одговорност да разберат што правиме, како го правиме тоа и да се однесуваат соодветно според нормите.“







