При крајот на овој месец на Скопскиот саем започнуваат саемите ТЕХНОМА и МАКИНОВА, а за време на нивното оддржување, поточно на 19-ти октомври, како најава за економскиот самит на организацијата Македонија 2025, ќе се одржи финалето на Get in the Ring и Startup Europe Awards. Настаните се организирани од страна на Националниот центар за развој на иновации и претриемачко учење (НЦРИПУ) и Македонија 2025.
“Во изминатите години, Get in the Ring прерасна од локален настан за презентација на бизнис идеи, во глобален натпревар за стартапи, во чија организација учествуваат повеќе од 130 партнерски организации. Оваа година, петтиот по ред натпревар ќе привлече финалисти од преку 100 земји. Во финалето за GITR2016-Macedonia имаат право на учество сите старт-апи што не се постари од 5 години, кои имаат иновативна идеја, сакаат да го развијат својот бизнис и бараат инвеститори, односно партнери за својот бизнис. Get in the Ring е познат по уникатниот формат на натпреварување, каде што два стартапи буквално се соочуваат во боксерски ринг.” велат организаторите во своето ПР соопштение.
Главната награда е присуство на светското финале, кое сѐ уште се чека потврда дали ќе се случува во Њујорк или Сингапур, со платени патни трошоци.

Вториот пак натпревар наменет за стартапи, Startup Europe Awards 2016, е малку поофицијален од Get In The Ring.
“Натпреварот Startup Europe Awards 2016, кој е организиран од страна на Finnova во соработка со Startup Europe, ги избира и наградува локалните претприемачи кои се движечка сила за претприемачката култура во Европа. Овој натпревар се стреми да придонесе кон градењето на интегриран европски екосистем кој ги обединува локалните претприемачки екосистеми во европски Стартап континент. На ниво на Европска комисија натпреварот ќе се одржи во следните категории: Екологија, Информациски и Комуникациски Технологии, Енергија, Туризам, Паметни градови, Креативни индустрии и Водата во одржливите системи.”
Наградените стартапи во Startup Europe Awards ќе добијат учество на европското финале, менторска програма во Брисел (за фондови, тренинзи, лобирање и сл.) и видео со презентација за секој од наградените стартапи снимено од Finnova.
Жирито кое ќе одлучува во натпреварите е составено од од 13 бизнисмени, генерално членови на разни бордови на Македонија 2025, меѓу кои Живко Мукаетов (Алкалоид), Роберт Арсов (Guggenheim Securities), Крис Павловски (Rumble), Дејан Калиников (SEAF), Петар Спасески (HATCH), Димитар Митров (АМЦ) и други…
Пријавувањето за двата натпревари е до 14 октомври 2016 на следниот линк: www.getinthering.co/macedonia (истата пријава важи и за двата натпревари)







