“За 16 недели ќе научиш како да создаваш веб страни и апликации. Вештините со кои ќе се здобиеш ќе ти овозможат да се вработиш како почетник во најдобрите ИТ компании во Македонија или да развиеш сопствен бизнис.” е ветувањето дадено од страна на Brainster и GSIX за нивната 16 неделна академија за програмери која ќе започне на 15-ти октомври и на која ќе учествуваат само одбрани 10-тина кандидати.
Разменивме неколку збора со Петар Ниновски од Brainster и Теди Пејоски од GSIX околу обуките и нивната замисла зад нив…
За кого е наменета обуката? Дали е потребно претходно знаење по програмирање?
Обуката е наменета за сите оние кои што сакаат да стекнат практични вештини во делот на програмирање, и идеално би било доколку имаат предзнаења од таа област. За сите оние кои што прв пат ќе се сретнат со програмирање, имаме подготвено специјална програма каде што преку онлајн курсеви ќе се стремиме да им го доближиме програмирањето и начинот на размислување.
Дали мислите дека 16 недели се доволни за некој да стекне реално знаење за да направи корисна веб апликација и да постане full-stack програмер?
Нашата главна цел, по завршување на обуката, е, да учесниците продолжат во насока на програмирање и креирање софтверски продукти. 16 недели се доволни за да се покријат сите аспекти при развој на еден софтверски продукт, со тоа што сметаме дека, кога учесниците ќе почнат да размислуваат во насока на решавање на софтверски проблеми, ќе продолжат индивидуално да се усовршуваат во таа насока.
Што подразбирате под изработката на реална веб апликација? Дали можете да ни откриете повеќе за што точно станува збор бидејќи преку ПР текстовите промовирате лансирање на краен продукт?
Она што до сега е присутно на пазарот, е најчесто базирано на теорија, и многу ретко учесниците имаат можност да работат на реални проблеми. Практичното најчесто се сведува на задачи кои што немаат реална примена по завршување на обуката.
Идејата на Codepreneurs е дека со работа на реален продукт и решавање на реален проблем, учесниците дирекно ќе се соочат со реалните предизвици со кои што би се соочиле подоцна во нивнаат кариера. Токму затоа сакаме да поставиме цел, да се изработи одреден продукт и тоа се лансира со што сметаме дека таквиот пристап ќе придонесе и за поголема мотивација и сатисфакција кај учесниците.
Кои ќе бидат ментори и предавачи на академијата?
Бидејќи обуката опфаќа повеќе сегменти од делот на развој на софтвер но и од делот на развој на продукт, менторите и предавачите се луѓе со долгогодишно искуство и експертиза во најразлични области. Од експерти во делот на корисничко искуство, до програмери кои што во својата кариера развивале продукти кои се користат од милиони корисници низ цел свет.
Исто така ќе имаме и експерти надвор од Македонија чии имиња за сега ги оставаме во тајност =) .
Како ќе се одвива селекцијата? Колку чини академијата и дали постои можност за стипендија?
Селекцијата на кандидатите се вирши во процес на интервјуа. При селекција на кандидатите најмногу внимававме на нивната способност за решавање на проблеми, причината зошто се пријавуваат на академијата како и тоа дали учесниците ќе можат во овој период од 4 месеци да се посветат на академијата. Цената на академијата изнесува 1000 евра по учесник со што обезбедивме и неколку стипендии.
Доколку сте заинтересирани за академијата Brainster & Codepreneurs пријавете се на следниов линк.