Гејминг предлози: BALL x PIT, Adrenaline Rampage, Game Feeder Pack, Escape from Duckov и Shape of Dreams

во гејминг

BALL x PIT: Иновативна комбинација на жанрови

BALL x PIT е нова игра која успешно спојува неколку популарни жанрови поврзани со преживување, градење на база и roguelite елементи, сето тоа завиткано во класична механика на кршење плочки кои паѓаат кон дното на екранот. Како резултат, добивате една од најосвежувачки roguelite игри кои дефинитивно би требало да ја проверите, чисто за да видите на кој начин се комбинирани овие уникатни концепти.

Приказната во BALL x PIT започнува по мистериозен настан што го уништил градот Бабилон, оставајќи зад себе само огромна јама исполнета со чудовишта и богатства. Вие ја преземаат улогата на ловци на богатство кои се осмелуваат да навлезат во длабочините, соочувајќи се, притоа, со орди на непријатели.

Во BALL x PIT користите топчиња кои се одбиваат од ѕидови и непријатели. Клучниот елемент во оваа позната формула е воведување на системот за фузија на топчиња. Ваквиот систем ви дозволува да експериментирате со над 60 различни видови топчиња. Со нивно комбинирање, се создаваат стотици можни синергии и моќни комбинации, што го прави секое пробивање низ дупката уникатно искуство.

Покрај борбата, значаен дел од играта е и обновата на новиот Бабилон. Имено, можете да изградите над 70 различни објекти кои обезбедуваат бонуси, отклучуваат нови херои и дополнителни засилувања. Во текот на авантурата, ќе сретнете и други херои кои можете да ги регрутирате. Секој од нив, меѓутоа, се одликува со уникатни и надградливи способности кои значително го менуваат стилот на игра.

BALL x PIT користи шарен и динамичен графички стил кој потсетува на модернизирани пиксел-арт игри. Ефектите се експлозивни и јасни, што ја прави акцијата лесна за следење дури и кога екранот е преполн со непријатели и проектили. Секој регион се одликува со засебен визуелен идентитет и уникатни опасности. Музиката е енергична и адреналинска, додека звучните ефекти од ударите, експлозиите и фузиите на топчињата се исклучително задоволувачки.

Roguelite елементите во BALL x PIT, како што се случајните топчиња и распоредот на нивоата, обезбедуваат огромна вредност за преигрување, принудувајќи ве постојано да се прилагодувате и да експериментирате со нови тактики. Системот за градење на база, пак нуди чувство на траен напредок што ги поврзува сите ваши обиди, давајќи им цел дури и на неуспешните мисии. Оваа комбинација на краткорочна акција и долгорочно планирање создава зависен циклус кој ги наградува и брзите рефлекси и стратешкото размислување. Токму поради оваа повеќеслојност, играта нуди нешто за секого – од љубителите на брза акција до оние кои уживаат во внимателно планирање и оптимизација.

Adrenaline Rampage: Интензивна акција во темна научно-фантастична иднина

Adrenaline Rampage е нова игра која влегува во жанрот на платформерски roguelite игри, сместена во мрачен научно-фантастичен свет. Во неа, ја преземате улогата на војник кој се бори против орди на техно-зомби низ футуристички вселенски град. Опремени со арсенал до пет оружја, целта е да се преживее, да се елиминираат моќните непријатели и постојано да се напредува низ предизвиците.

Слој на стратегија и долгорочно планирање.

Играта успешно комбинира елементи од два популарни жанра: платформер и Bullet Heaven. Оваа комбинација резултира со динамично искуство каде што прецизното движење и скокање се исто толку важни колку и избегнувањето на огромен број проектили и непријатели. Нивоата се процедурално генерирани, а секој лик има свој сет на оружја и вештини. Оружјата, пак, можат да се надградат во супериорни еволуции. Постои и централна база во која, откако ќе ја отклучите , ќе можете да ја надградувате користејќи енергија собрана од поразените техно-зомби.

Adrenaline Rampage нуди темна и атмосферска естетика, карактеристична за сајберпанк и научно-фантастичните светови. Дизајнот на непријателите, особено на босовите е очекувано детален и застрашувачки, додека околините на вселенскиот град се исполнети со неонски светла и индустриски структури. Звучните ефекти на оружјата, експлозиите и непријателите се подеднакво впечатливи, збогатувајќи го чувството на агресивна борба.

Adrenaline Rampage се одликува со интелигентното спојување на платформер механики со хаотичната акција на Bullet Heaven жанрот, создава уникатно искуство кое бара и брзи рефлекси и тактичко позиционирање. Згора на ова, можноста за отклучување нови ликови, надградба на вештини, развивање на оружја во моќни еволуции и собирање на артефакти кои предизвикуваат мутации, нуди постојано чувство на напредок. Топла препорака за сите оние кои уживаат во вакви наслови. Нема да наидете на ништо ново, но, тоа што ќе го најдете знае да биде многу забавно.

theHunter: Call of the Wild: Тактичко подобрување

Game Feeder Pack, како додаток за познатата theHunter: Call of the Wild, воведува нова механика која го менува начинот на кој пристапувате кон ловот. Наместо пасивно следење, проширувањето овозможува проактивно „управување“ со дивиот свет преку поставување на хранилки. За тоа колку ќе сте успешни, ќе зависи од стратешкото позиционирање и правилниот избор на мамка.

Пакетот вклучува три различни типа на хранилки, секоја со уникатни механики и стратешка намена.

The Box Feeder е дизајнирана за селективен лов. Конструкцијата, која функционира на принцип на гравитација, е наменета првенствено за привлекување елени, додека ги одвраќа поголемите животните. Иако е подигната за да ја заштити храната од штетници, хранилката е, сепак, ранлива на напади од мечки, кои можат целосно да ја уништат.

The Post Feeder претставува сигурна, долгорочна опција. Опремена со соларна технологија, таа автоматски ја дистрибуира храната во одредени интервали. Цврстата метална конструкција е отпорна на напади од мечки, елиминирајќи го ризикот присутен кај првичната конструкција, поставувајќи се како идеален тип за воспоставување на постојана точка за хранење без потреба од постојан надзор.

The Bait Barrel Feeder служи за сосема поинаква цел затоа што е дизајнирана за максимална издржливост и е практично неуништлива. Направена од цврст челик, наменета е да ги издржи нај-агресивните животни, како мечки и диви свињи. Примарна употреба е да биде еден вид диверзија и да ги држи опасните животни зафатени, штитејќи ги другите, поселективни хранилки кои се во близина. За да успее да ги привлече покрупните и поагресивните животни, користи специфични мамки како кисела каша и остатоци од месо.

Додатокот ја префрла динамиката од едноставно реагирање на околината кон активно планирање и создавање на сопствени зони за лов. Доколку уживате во трпелив и тактички пристап, Game Feeder Pack нуди алатки кои го наградуваат знаењето за однесувањето на животните и долгорочното стратешко размислување.

Escape from Duckov: Преживување на поразличен начин

Escape from Duckov ви нуди PVE искуство кое ве става во еден необичен свет населен со, па, патки! Иако звучи комично, механиките за преживување на кои ќе наидете тука знаа да бидат исклучително предизвикувачки. Имено, започнувате со минимална опрема, со основна цел да истражувате, да собирате ресурси и, на крајот на денот, да извлечете жива глава. Влечејќи инспирација од extraction игрите, неуспехот да се извлечете навреме резултира со губење на сè што сте собрале во таа мисија.

Играта се одвива на пет различни мапи, а секој raid е, подразбирливо, дизајниран да биде непредвидлив. Ресирсите што ќе ги соберете ги враќате во скривалиштето, кое исто така служи како база и може континуирано да се надградува. Постои и длабок систем за crafting, каде навидум бескорисните материјали можат да се претворат во вредна опрема, доколку знаете што работите.

Со арсенал од над 50 оружја, кои се движат од висококвалитетни огнени оружја до обични дрвени стапови, имате голема флексибилност во поглед на вашиот стил. Можете да навлегувате во директна борба, снајперско решетање од далечина или тивко поставување заседи. Широкиот систем за модификација дозволува детално прилагодување на оружјата. Притоа, собирате и нацрти за да отклучите подобри предмети и ги развивате вашите вештини преку разгрането дрво од вештини.

Escape from Duckov се одликува со уникатен спој на механики и успешно ја комбинира длабоката PVE прогресија и комплексно прилагодување на опремата. Се надеваме дека сте спремни да започнете предизвик создаден за играчи кои уживаат во методичното градење и лик и база во еден непредвидлив и опасен свет на патките.

Shape of Dreams: забавен rogulite

Shape of Dreams е акциски roguelite наслов кој ве носи во надреален, постојано променлив свет. Чедото на Lizard Smoothie се одликува со брза борба во реално време, која влече инспирација од hack-and-slash игрите, истовремено вклучувајќи и стратешки тимски елементи, особено кога се игра во кооперативен режим.

Секој ран нуди уникатно искуство, бидејќи нивоата и предизвиците се процедурално генерирани. Пред рановите можете да избирате од осум достапни Travelers, од кои секој нуди фундаментално различен пристап кон борбата и сопствено дрво на вештини. Со над 150 различни надградби, модификатори и артефакти, можностите за креирање на специфични комбинации се огромни. Shape of Dreams активно поттикнува експериментирање, бидејќи не постои една доминантна стратегија што гарантира победа.

Како што напоменавме Shape of Dreams вреди да се игра поради неговата длабока вредност на преигрување, нешто што се должи на големиот број на уникатни ликови, осумте различни светови и системот на процедурално генерирање. Нема да бидете разочарани ни доколку сакате да навлезете во играка како соло играч, искуството одлично се прилагодува, независно од тоа дали сте сами или со уште тројца пријатели.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments