Интервју со Гораст Цветковски за GDR 2025: „Почетокот“ на една креативна револуција што ги надмина сите очекувања

Македонската гејминг сцена го доживеа својот „Почеток“. Првата Game Dev Rev 2025 (GDR 2025) конференција беше најавена амбициозно како „креативна револуција“, а судејќи според реакциите – таа револуција не само што се случи, туку и грмна погласно од очекуваното. По стивнувањето на импресиите, разговаравме со еден од главните организатори, Гораст Цветковски, за тоа како е да се постави камен-темелник на настан што има потенцијал да ја стави Македонија на глобалната гејм-дев мапа.

Кога еден настан ќе заврши, првото мерило за успех е секогаш чувството кај присутните. Game Dev Rev 2025 беше најавена со темата „Почетокот“, сугерирајќи нов бран во домашната креативна индустрија. Го прашавме Гораст дали смета дека успеале да го поттикнат тој нов почеток и кои се неговите најсилни импресии.

„Очекував дека ќе биде добро. Дека ќе дојдат умерен број на луѓе, дека ќе биде убав настан,“ признава Гораст. „За среќа очекувањата беа надминати. Дојдоа дупло повеќе луѓе отколку што очекував – 350 регистрирани и голем број кои дојдоа на лице место.

Тој додава дека, иако е пристрасен да го фали сопствениот настан, коментарите од сите страни говорат сами за себе. „Можам да ги искоментирам коментарите и пофалбите од учесниците, спикерите, посетителите и луѓето од официјалните владини и невладини институции дека GDR25 е еден од најдобрите настани посветен на креативната ингурстија, особено на индустријата за развивање на игри и дека задолжително треба да се случи и догодина. Можам да заклучам дека сите учесници во настанот без разлика дали биле спонзор, спикер, посетител, инди изложувач или партнер беа максимално застапени и максимално го искористија потенцијалот што го донесе оваа конференција.

Спикерите сè уште постираат на социјални мрежи за своите импресии кои се секогаш во суперлативи. Во затворените групи на конференции кои се случуваат, сите странци кои беа дојдени го препорачуваат GDR како задолжителна дестинација за следната година.

Финансиите како „најтежок бос“ и поддршката што изненади

Секако, организирањето на прва конференција од ваков калибар носи уникатни предизвици. Гораст не крие со што се соочиле.

„Во нашиот случај финансиите беа најтешкиот бос,“ вели тој. „Иронијата е што низ годините направивме контакти со луѓе кои се мастермајнди и легенди во гејминг индустријата, луѓе кои ни се многу блиски и кои со еден мејл ќе прифатат да дојдат, но поголем дел се од Америка и Јапонија, а мкнење од таму чини многу. Како тазе организиран настан некаде влеговме во дупка, некаде пак излезе дека премногу сме алоцирале, но на крајот излезе сè како што треба.“

Покрај финансиите, вториот страв бил техничкиот дел и просторот. „На крајот излезе дека е најепското нешто. Беспрекорно и прецизно. Јас ги сакам дечките од МНТ затоа што е тоа мојата матична куќа, но кога видов како се даваат и го осеќаат овој настан како нивни, во истиот момент пораснаа уште 100 пати во моите очи. Волонтерите беа топ-ноч. Спремни и брзи.“

За среќа, тимот не бил сам. Настанот имаше поддршка од Асоцијацијата (MGI), како и од Министерството за култура и туризам. Прашавме колку беше тешко да се убедат овие институции да застанат зад индустрија која кај нас сè уште се смета за релативно нова.

Иницијатори на конференцијата беа MGI, Indum Play и Sindex. Потоа во организација се вклучија и Base42. Корот кој работеше на организацијата беа 3-4 луѓе,“ објаснува Гораст. „Иницијално прво добивме поддршка од Western Balkans Fund кои финансираа проект кој последната активност беше токму на GDR25. Министерство за култура и туризам даде скоро максимум од она кое беше можно да се додели на организација како MGI. И процесот (на мое изненадување) беше многу лесен и гладок. Излезе конкурсот, аплициравме, после некое време добивме потврден одговор. Толку. После тоа нè водеа чекор по чекор за сите документи. Се надевам дека и другите проекти кои добија поддршка ќе имаат исто толку лесен пат.“

Спој на искуство и младост: Публика и иницијативи

Првичните очекувања на организаторите биле меѓу 250 и 300 учесници. Како што веќе спомена Гораст, бројката беше надмината со над 350 посетители. Но, каков беше соодносот на публиката?

„Балансот беше 50-50,“ вели тој. „Имаше многу, за жал не сите, луѓе од македонските студија, но имаше добар одзив и на студенти и средношколци. Особено ме радува фактот што неколку професори од други градови од Македонија, самоиницијативно се организираа и заедно со свои ученици дојдоа за да слушаат предавања, да ги видат игрите и да се запознаат со други работници во секторот. Тоа е бесценето нешто!“

За да се поттикне присуството на младите, организаторите воведоа иновативен модел каде компаниите можеа да купат и донираат студентски билети. Го прашавме Гораст колку беше успешен овој модел.

„За жал оваа иницијатива пропадна или што би се рекло во гејмерски јазик беше DoA – Dead on Arrival,“ искрен е тој. „Но, тоа не нè спречи на сите едукативни установи, без разлика дали државни или приватни да им понудиме бесплатни билети, сè со цел за дојдат. Иако иницијално билетот за нив беше со 50% попуст, сепак за да им го олесниме и тој момент за и тоа да не им е пречка, направивме сè за да видат и чујат нешто ново и да се осетат како е да се биде граѓанин на софистицирана земја… бар на еден ден!

Срцето на настанот: Инди зоната и врвните предавања

Еден од столбовите на GDR 2025 беше „Indie Zone Showcase“, каде над 30 студија ги изложија своите игри. Реакциите, според Гораст, биле спектакуларни.

„Неверојатен успех. 10/10. Атмосферата која владееше меѓу инди студијата не може да се опише ниту со текст, ниту со фотографии ниту со песна ниту со видео… едноставно требаше да се присуствува таму. Моментите кога гледате како колеги од соседните земји си ги тестираат игрите на своите колеги од Македонија, а потоа разговараат и даваат фидбек… е благодет на душата! Пак ќе кажам – 10/10!“

Покрај инди зоната, програмата беше исполнета со врвни говорници и панели. Го прашавме кој момент остави најсилен впечаток и најдобро ја пренесе пораката на „Почетокот“.

„Од прашалникот кој го пративме до посетителите уште наредниот ден, излегува дека сите предавања кои ги посетиле им биле врвни. Секој си нашол тоа што сака да слуша. Некој повеќе сака бизнис, продукција и паблишинг. Други пак техничките предавања им биле врв. Јас на пример мотивациските говаранции на Кејт, Илари и Кеи ги голтнав лесно како тулумба. Имаше од сè по нешто, за секој по нешто, а сето тоа спакувано под мотото „Почеток“!“

Поглед кон иднината: Што по „Почетокот“?

Финалната цел е повеќе од јасна: да се постави Македонија на глобалната гејминг мапа! Првото издание беше огромен успех, но што научи тимот од ова искуство и што ќе примени следната година за да го зголеми меѓународното присуство?

„Прво, да се почне уште одма со подготовки за следниот,“ заклучува Гораст, откривајќи ги следните чекори. „Да се направи листа од 50 спикери која потоа ќе се сведе на 20. Малите технички проблеми секако ќе се решат.

Тој исто така истакна една клучна лекција во однос на бизнис страната: „Да не бидеме толку скромни во однос на барањето на спонзори. Овој пат јас лично бев не доволно сигурен и не сакав да го „пре-продадам“ настанот, а да тој да не донесе резултат па спонзорите да се незадоволни. Тоа не се случи… и искрено, ми олесни.“

Со вака поставени темели, надминати очекувања и јасна визија за иднината, Game Dev Rev 2025 дефинитивно го оправда своето мото. Ова беше многу повеќе од настан, поставувајќи темели за еден исклучително моќен „Почеток“ – почеток на една погласна, похрабра и поприсутна македонска гејм-дев сцена.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments