Развиена од AdHoc Studio, тим составен од ветерани и клучни девелопери зад култните класици како Tales from the Borderlands и The Wolf Among Us, играта се позиционира како суперхеројска комедија од работното место. Наместо да летате низ облакодери, вие ќе управувате со хаосот од вашето биро и ќе барате начини да се справите со хаосот кој ќе го прави вашиот тим од неискусни херои. Доколку бевте фанови на Telltale игрите тогаш Dispatch е, без сомневање, задолжителна лектира за вас, претствавувајќи го најдоброто од таквите авантури. Првите две епизоди се веќе достапни, нудејќи уникатен спој на наративна авантура водена од избори и лесни стратешки елементи.

Приказната ве става во улога на Роберт Робертсон, „херојот“ познат како Mecha Man. По катастрофална битка, неговиот моќен мека е уништен, а неговата херојска кариера е ставена на пауза. Сосема случајно, Роберт завршува како диспечер во центар за суперхерои. Иронично, не како херој, туку како административец на други херои.
Неговата задача е да раководи со дисфункционален тим од поранешни супернегативци кои сега се на програма за рехабилитација. Оваа наративна основа се користи како плодна почва за хумор, додека вие сте принудени да балансирате меѓу канцелариска политика, комплицирани лични односи и тајната мисија за обнова на сопствениот мека, се со цел одново да можете да го правите тоа што го правите најдобро. Мора да признаеме, концептот е исклучително свеж и веднаш се издвојува од клишеата на жанрот, фокусирајќи се на секојдневните, банални проблеми на луѓето со натприродни моќи.

Избори и последици
Како што напоменавме, Dispatch се одликува со механиките кои го направија претходното студио на дел од авторите (Telltale Games) познато: изборите и нивните последици. Секоја одлука, без разлика дали е тоа лежерен разговор во просторијата за одмор или критична одлука за време на криза, влијае на развојот на приказната. Овие избори ги обликуваат вашите односи со колегите, ја одредуваат нивната лојалност и ве водат по различни наративни патеки.
Но, Dispatch е многу повеќе од само наративен филм маскиран во CYA игра, успешно додавајќи и стратешки слој. Имено, преку мапа од градот, ги анализирате итните случаи низ Лос Анџелес и одлучуваат кој херој (или тим) да го испратите. Секој херој има свои уникатни вештини, но и свои недостатоци кои произлегуваат од личниот емоционален багаж. Испраќањето на вистинскиот (или погрешниот) херој на мисија носи ризици и награди, а вашите тактички одлуки можат да имаат долгорочни последици за тимот и за градот. Покрај тоа, постои и систем за надградба на вештините на хероите, што додава уште еден слој на менаџмент. Сите овие елементи се мајсторски осмислени и даваат посебна димензија која, се надеваме, дополнително ќе се разработува низ понатамошните шест епизоди.

Графиката, односно анимациите се прекрасно изведени и допринесуваат до едно од најдобрите анимирани искуства на кои сме некогхаш биле изложени, до тој степен да буквално се давевме во експресивните лица и начинот на кои ликовите стапуваат во интеракција – како да гледате цртан филм со висока продукциска вредност. Онаму каде што подеднакво блеска е аудиодизајнот, поточно, гласовната глума. AdHoc Studio собра импресивна ѕвездена екипа, вклучувајќи ги Арон Пол (Breaking Bad), Лора Бејли (The Last of Us II), Метју Мерсер (Critical Role) и Џефри Рајт (Westworld), како и голем број познати интернет личности. Оваа инвестиција во врвни гласовни таленти се има погрижено квалитетот на дијалозите и изведбата ќе бидат централен столб на искуството, што е од клучно значење за успешна наративна комедија.

Dispatch е структурирана како телевизиска серија, со епизоди кои се објавуваат периодично. Според креативниот директор, Ник Херман, целта е да се создаде нешто што луѓето можат да го играат, гледаат и да разговараат за него заедно. Овој модел поттикнува создавање на заедница каде фановите ќе можат да споделуваат теории, да ги споредуваат своите избори и да дебатираат за хаотичните исходи што ги предизвикале.Пристапот има за цел да го продолжи животниот век на играта надвор од самото играње, претворајќи ја во заедничко искуство, слично на исчекувањето на следната епизода од омилената серија, што, рака на срце, многу ни се допаѓа. Со Dispatch видовме колку всушност ни недостасуваше форматот од Telltale Games.

Dispatch e мошне ветувачки наслов за љубителите на вакви авантури. Ја препорачуваме играта на сите оние кои уживаа во делата на Telltale Games, како и на оние кои бараат нешто поразлично од вообичаените суперхеројски авантури. Комбинацијата од канцелариска комедија, значајни наративни избори и лесен стратешки менаџмент создава уникатен пакет. Ако повеќе ги цените остроумните дијалози, развојот на ликовите и последиците од вашите одлуки отколку бескрајната акција, Dispatch дефинитивно заслужува да се најде на вашиот радар бидејќи се поставува како амбициозен обид да се истражи што значи да се биде херој кога не носите наметка, туку седите зад монитор.








