Утре ќе има шести по ред Funky Coworking Friday. Секој петок во Јавна соба од 12 до 16:00 часот има coworking дружење помеѓу стартапи, претприемачи, дизајнери, програмери и куп други креативци кои сакаат да ги сменат канцелариите за поoпуштено место за работа. Funky Coworking Friday е настан организиран од Емир Слезовиќ и Петар Ниновски, кои сакаат да создадат coworking заедница која ќе соработува меѓу себе за да направат кул локални продукти. Можеби тука ќе најдат нов тим, некој добар совет или инвеститор кој ќе вложи во таа идеја.

Иако отидов на Funky Friday решен да ги завршам дневните обврски, се најдов во coworking средина во која ми беше тешко да бидам продуктивен. Но, тоа не беше лоша работа. Напротив. Продуктивноста ја заменив со корисни разговари со луѓето што се таму. Тој петок во Јавна соба веќе имаше околу 25 луѓе што дојдоа да соработуваат; некои работeа сами, но повеќето беа отворени да разговараат и да споделат професионални совети. На мое изненадување, одеднаш се појавија околу осум луѓе кои беа испратени од корпоративниот Neocom да бараат инспирација во coworking простор помеѓу фриленсери и стартапи.
„Разликата со Funky Coworking Friday е што тука може да се поврзувате со други“, вели Емир. „Funky Friday не е вообичаен простор кој го изнајмуваш и доаѓаш да завршиш секојдневна работа, туку coworking настан на кој доаѓаш да работиш, но и да запознаеш интересни луѓе, да се поврзеш со нив. За вистински продуктивна работа ти е потребно простор за тебе, или навика да можеш да работиш во гужва. Но, тука доаѓаш за да се запознаеш со заедницата“.

Заедничките работни простори се тренд во светот, и тренд во Македонија. Веќе има неколку вакви простори што се изнајмуваат, иако повеќето функционираат како стартап инкубатори. Меѓу првите се Yes инкубатор, тука се NewMan’s Business, но има и неколку нови како Coffice кој се отвори пред осум месеци, и HUB Skopje кој стартуваше во февруари. Сите овие места изнајмуват простори за професионалци на кои им е потребно место да работат, наместо да седат во канцеларија или дома.
Но, Funky Friday има понаква агенда. Бесплатен е, и иако трае само неколку часа во петок, предноста е што секој може да дојде да види што е всушност coworking. „Coworking културата не е изградена во Македонија. Нема доволно свест и знаење за што се работи“, вели Емир. Затоа на Емир и на Петар им е важно да креираат заедница со coworking култура, иако не го отфрлаат планот во иднина да најдат посоодветен простор кој, како и сите други, ќе го изнајмуваат. Но, првин е потребно да се запознаат луѓето за концептот на соработка.
Се гледаме на 6тиот @FunkyCoworking Friday во @JavnaSoba. https://t.co/cr5Ao0zCe9 pic.twitter.com/rrmhc1iqPj
— Funky Coworking (@FunkyCoworking) February 24, 2016







