WeWork е aмерикански стартап основан во 2010-та година кој сега е проценет дека вреди неверојатни 1,5 милијарди долари. Компанијата себеси се нарекува „платформа за креатори“, бидејќи им изнајмува канцеларии на претприемачи, програмери и креативци. Но, други го нарекуваат „LinkedIn кој навистина е корисен“ бидејќи помага да се воспостават бизнис контакти и да се креираат иновативни стартапи.
Во моментов компанијата има 15.000 станари кои живеат заедно во канцеларии, кујни, соби со флипери на популарни локации како Сан Франциско, Амстердам и Лондон. Но, компанијата сака да се прошири и да допре до креаторите од целиот свет преку нова друштвена мрежа WeWork Commons со која, наместо во физички канцеларии, ја спојува заедницата на креативци и претприемачи преку веб.
Меѓу нив е и Игор Бришкоски, македонски програмер кој веќе година и неколку месеци е во САД. Започна како фриленсер, а од пред девет месеци работи во WeWork како софтверски инженер. Задолжен е за Android и веб апликациите, и како целата заедница која наликува на комуна на креативни умови, сака да го промени светот.
„Не знам колку е забележливо кај нас во Македонија, ама тука во Америка работење за голема корпорација не е веќе кул :) сите сакаат да си основаат своја компанија која ќе го промени светот… Но, почнување нова комапнија е тешко, и затоа WeWork помага со нудење на опремени канцеларии каде си опкружен со луѓе кои се во иста ситуација како тебе и си помагаат еден на друг“.
„Првиот месец кога почнав да работам патував скоро 2-3 саати во еден правец, мислам дека тоа беше најтешкиот дел :) се останато беше полесно… Тука е подинамично, нема многу време за чекање и за мислење, многу работи се движат многу брзо и мораш да следиш за да останеш во игра.“.
Toa што Игор го научи во тие неколку месеци работа во WeWork е дека нема едноставен начин за водење на стартап. Тој вели дека најважната работа е да си „најдеш пазар, мали чекори, да бидеш упорен, учи од грешките, не се откажувај и биди храбар“. Ова вели е инспирирано од статијата за Бил Мареј, во која се вели дека култниот актер е еден од најголемите претприемачи поради својата пасија и потрагата во значење.
Јасно е дека за стартапите им е тешко, бидејќи повеќето од нив се млади луѓе кои бараат успех од разни извори. Посебно ако сте од Македонија, тогаш е потешко, вели Игор. Но, има опции за како да се излезе од Македонија, и да се влезе во светската стартап сцена. Преку стартап натпревари, преку проекти за Kickstarter, преку страните како ProductHunt, и секако преку сопствен продукт. Сите компании, без врска каде и да се лоцирани, бараат таленти. Затоа е стартуван и WeWork Commons, и иако чини 45 долари месечно, сепак е уште една алатка за се поврзеш со луѓе кои имаат слични интереси.
„Мислам дека е време да почнеме да размислуваме во Македонија дека има и друга опција освен работа во администрација или работење за некоја друга фирма како оутсорсинг. Не е толку страшно има многу други кои се на тоа место па ни скапо да основаш стартап каде што ќе го работеш тоа што го сакаш (кејтеринг, маркетинг, ИТ се што сакаш) . Гледам дека кај нас полека никнуваат стартапи, али далеку од доволно. би сакал тоа да се смени што побрзо“.







