Како што се очекуваше, пресудата против Facebook од белгискиот суд предизвика реакција и во останатите земји-членки на Европската Унија. Франција му даде три месеци на Facebook да престане да ги следи сите други кои немаат профил на мрежата, а ги следи преку Like и Share копчињата што се поставени на сајтовите.
Можеби помалку чудно, но Франција се обидува и да наложи поголема безбедност за корисниците и тоа преку зголемување на минималниот лимит на потребни знаци за лозинката на социјалната мрежа, односно зголемување на карактерите од 6 на 8, јави BBC. „Заштитата на приватноста на луѓето кои го користат Facebook е во центарот на сè што правиме. Ќе ја зголемиме соработката со CNIL (француска агенција за заштита на лични податоци) и ќе одговориме на нивните грижи“, велат од социјалната мрежа.
Проблемот со следење на корисниците преку datr колачињата и плагините од социјалната мрежа, би можел да биде и во фокусот на законодавците на Европската Унија, а речиси без сомневање ќе има слични мерки и во уште некоја членка на унијата.