Прв поглед на Xiaomi Redmi 3, телефон со солидна цена и одлична батерија

Иако кинескиот стартап Xiaomi сè уште не го освои светскиот пазар, нивните телефони стануваат сè попопуларни во Македонија. Причината за ова е што телефоните на Xiaomi иако се таканаречени entry level телефони, сепак се изработени добро. Меѓу најновите модели е Redmi 3 кој е изработен од алуминиум, доаѓа со 5-инчен дисплеј, и навистина огромна бaтерија што го издвојува од сите уреди со слична цена од околу 11.000 денари во Македонија.

DSC_0050-as-Smart-Object-1

Пакување и дизајн

За разлика од дел од пакувањата на Xiaomi кои се едноставни со кафеаво-жолтеникава боја и логото Mi, Redmi 3 доаѓа во бела кутија, со слика на која се презентирани сите бои на моделите: црна сребрена и златна. Во кутијата има доволно место за комотно да може да се спакуваат, телефонот, полначот и приклучокот кој овозможува да го вклучите во македонските штекери и навистина кусо упатство.

Она што најверојатно е изненадување е телото на телефонот. Задниот и предниот дел се изработени од алуминиум и тоа не се наоѓа често на евтините телефони. Официјалните димензии на телефонот се 140х70х8,5 mm и тежи 144 грама, што е малку потешко од сличните уреди. Екранот е 5-инчен и, според официјалните информации, зазема околу 71 отсто од површината. Под екранот се наоѓаат три физички копчиња за управување со телефонот, а од десната страна се копчето за вклучување и контрола на звук. На левата страна е просторот за SIM-картичка и microSD, кој се отвора со алатче кое е достапно во пакувањето. Задната страна е речиси потполно чиста, а во горниот лев агол е блицот и до него главната камера.

DSC_0066-as-Smart-Object-1

Она што веднаш може да се почувствува е дека изработката е навистина квалитетна, а мал проблем може да биде што задниот дел е малку лизгав, што значи дека треба да инвестирате и во заштита маска. Маските секако се добро решение да се заштити телефонот и да се реши тој проблем со лизгање, иако го кријат дизајнот на телефонот. Телефонот доаѓа во три бои: црна, сребрено-сива(бела), сива и златна.

Redmi 3 доаѓа со 5-инчен IPS LCD екран на допир, со резолуција 720х1280 и 294 пиксели на инч. Иако нема официјален податок за заштитата на екранот, сепак е тешко да се поверува дека нема заштита на стаклото. За среќа викендот беше сончев, па можев да го тестирам екранот на сончева светлина, што покажа дека рефлексијата нема да ви пречи, иако зимското и летното сонце не се исти. Ако мислите дека 5-инчен екран е преголем за вас, Xiaomi како и на претходните верзии на телефонот има додадена интересна функционалност со едноставна гестикулација да го намалите екранот на 3,5, 4 или 4,5-инчи.

DSC_0083-as-Smart-Object-1

Хардверот внатре

Процесорот во телефонот е octa-core Qualcomm Snapdragon 616 составен од четири Cortex-A53 јадра на 1,5 GHz и дополнителни четири Cortex-A53 јадра на 1,2 GHz. Графичкиот процесор е Adreno 405. Snapdragon 616 не е high-end процесор (ова е разбирливо со оглед на намената и цената на телефонот), но е сосем доволен за сите апликации во моментов, иако можеби дел од поновите игрите ќе имаат проблем со лаг. Redmi3 доаѓа со 2 GB RAM и 16GB слободен простор. Ова е и повеќе од доволно за телефон во оваа класа, а доколку имате потреба од повеќе простор има можност за проширување со microSD картичка до 128GB.

DSC_0077-as-Smart-Object-1

Мрежа и разговор

Телефонот има можност за поврзување на Wi-Fi 802.11 b/g/n, Bluetooth v4.1, A2DP, GPS: A-GPS, GLONASS, BDS, а телефонот има и IR-порта и FM-радио. Сепак кога телефонот е во прашање засега можноста за разговор е една од клучните карактеристики. Во неколкуте разговори во текот на тестовите, ниту еден мој соговорникот не се пожали на гласноста на околината, ме слушаа добро, иако намерно го појачував телевизорот. Звукот од другата страна беше чист. Телефонот доаѓа со active noise cancellation со посебен микрофон и се чини дека ова е причината за добриот звук.

Како и најголем дел од телефони кои се наменети за азискиот пазар, и овој телефон доаѓа со можност за dualSIM, а телефонот има 4G/LTE поддршка.

Камера

Redmi3 доаѓа со предна и задна камера. Предната камера е 5 MP со f/2.2 и можност за снимање на [email protected] видео. Предната камера е 13 MP, f/2.0, автоматски фокус и LED-блиц. Камерите се сосем стандардни за телефоните, но секако над остатокот во истата ценовна класа. Софтверот за камерата е едноставен и овозможува фотографирање на неколку сетирани нагодување како: Panorama, Beautify, Timer, Scenes, Gradient и можност за самостојно сетирање или manual.

12669981_10208801553542988_636546270_o

Oперативен систем

Телефонот доаѓа со MIUI 7.1.1 базиран на Android 5.1. Оперативниот систем е едноставен за користење, а доаѓа со неколку апликации од Xiaomi. Како и останатите телефони од Xiaomi и овој доаѓа со Security апликација која е своевиден „hub“ од каде може да се скенира телефонот за злонамерен софтвер, да се ослободи RAM меморијатa или да се променат пермисиите на апликациите. Една од можеби најчудните апликации е Music која ви овозможува да си преземете најголем дел од музиката бесплатно.

Батерија

Речиси е неверојатно да не се прашате каде најдоа простор за батерија со капацитет од 4.100 mAh во волку тенок телефон. Батеријата е еднa од најимпозантните карактеристики на телефонот, а за три дена умерено користење, батеријата се намали едвај од 50 на 35 отсто од својот капацитет. Според некои тестови, батеријата е доволна за 4 дена умерено користење, иако се разбира зависи од многу фактори, од светлоста на екранот до користење на 4G мобилен интернет.

DSC_0062-as-Smart-Object-1

Заклучок

Телефонот ќе ве освои првин со цената од 11.000 денари за која добивате убаво дизајниран телефон со солидни перформанси. Дискутабилно, но најверојатно станува збор за еден од подобрите телефони кои го добивате за цената, а најверојатно надминува добар дел и од телефоните кои се во средната класа.

За жал, доколку одберете постојано да коириститие dualSIM тогаш нема простор за microSD картичка. Фиксната батерија најверојатно нема да биде добредојдена за дел на корисниците, иако навистина е тешко да се пожалиме на батерија со капацитет 4.100 mAh.

(Благодарност до HI.com.mk што ни го отстапија телефонот за рецензија)

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

BI Developer

Matrix Global

Junior QA

види ги сите огласи на kariera.it.mk