Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
Инотек Солутионс е формирана на 15.04.2016 година како фирма за производство на лабораториска опрема, како и автоматизација, дизајн на лабораториски и индустриски процеси и решенија. . Инотек Солутионс ја раководат Александар и Игор Татарски.
Денеска во Инотек Солутионс се вработени 5 лица, со висока стручна спрема, машински и електро инженери, биохемичар и хемичар. Целта на создавањето на ваков тим на инженери е потребата за индустриски решенија и дизајн на производи кои се користат во лабораториска пракса. Ваквата мулти-дисциплинарност на стручна спрема на вработените овозможува создавање на производи во кои се бара поврзување на машински и електро-елементи кои се управувани со сoфтвер за потребите на лаборатории и индустрии. Целокупното производство се базира на производи кои се потребни на клиентите според нивни спецификации и потреби. Најголеми клиенти ни се Универзитети, Центри за јавно здравје, лаборатории и индустрии во Македонија.
Компанијата прави огромни напори целокупното производство, технички и иновативни решенија да ги пласира на пазарите во Западна Европа.
Бидејки нашите производи се докажани со повеќегодишно искуство, најдовме партнери во Германија и В. Британија. Очекуваме од почетокот на 2020 година нашите производи да се продаваат на странските пазари.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Проектот кој е финансиран од страна на ФИТР е наречен АВТОМАТИЗИРАН АВТОКЛАВ. Автоклави или стерилизатори со водена пареа се користат скоро во сите развојни лаборатории кои зе занимаваат со активен биолошки материјал, како и фармацевтската индустрија. Истиот се користи и во болниците за стерилизација на иструменти за операции, текстил, микробиолошки отпад итн. Овој проект се поклопи со нашите планови за развој на производ кој ке се пласира на светските пазари преку една фирма од В. Британија. Самиот производ претставува автоклав од последната генерација на реномираните светски производители до многу подобрувања во однос на параметрите на самиот процес на стерилизација како и можноста на клиентите во реално време да конфигурираат процес на стерилизација.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Бидејќи е автоклавот е во годишниот план за развој очекуваме до крајот на оваа година да ги направиме првите тестирања на истиот. Набавката на сите потребни материјали е завршена благодарение на средствата добиени од фондот, моментално се работи на монтажа на деловите. Очекуваме овој процес да се заврши до крајот на Ноември. Доколку работите течат според предвидениот план производот ќе биде достапен за јавно презентирање до крајот на Јануари 2020 година.
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Финансиската помош од фондот е повеќе од добредојдена. Овој проект (автоматизиран автоклав) бара големи финансиски, човечки и интелектуални ресурси. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на ФИТР за поддршката како и да ги охрабрам другите фирми, поединци кои имаат идеја да учествуваат на повиците. Почетоците се тешки со многу предизвици но, упорноста најчесто е најисплатлива. 85 % од средствата на фондот ќе се употребат за набавка на потребната опрема, како и сертификација на производот.
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Производот е наменет пред се за странските пазари, како и на домашниот пазар. Особено во нашите болници, центри за јавно здравје, институти. Истите ќе имаат можност за одлична цена да добијат сертифициран производ од светски ранг. Сметаме дека со тоа би помогнале да набават опрема која им треба, како и да заштедат пари кои би ги употребиле за набавка и на друга опрема.