Во денешно време, попустите и различни акции се секојдневие. За жал, често се соочуваме со предизвици како нецелосни информации и ризици од измами. За да се надмине овој проблем, тимот на ДевХаб ја создаде fercena.mk. Ова е одлична платформа која нуди транспарентен и сигурен начин за споредба на цени.
За да обезбеди јасна и објективна слика за пазарот, fercena.mk користи напредни алгоритми за да ги собере и спореди цените од различни онлајн продавници. Благодарение на овие податоци корисниците може да донесат информирани одлуки пред следниот шопинг.
Разговаравме со дел од тимот кој работеше на платфромата, а тие ни открија како ја развиле платформата, како го имплементирале AI-то и кои се нивните планови за иднина.

Кажете ни во неколку реченици за тимот кој работи на fercena.mk
Ние сме ДевХаб (www.devhub.mk), стартап основан во 2024 година во Скопје, фокусиран на ИТ консалтинг и развој на софтверски решенија. Иако сме релативно нови како компанија, со тим од млади луѓе, сепак кога ќе собереш, имаме повеќе од 60 години работно искуство, што не е баш малце :) Инаку, работиме со компании од различни индустрии, помагајќи им да ги модернизираат своите технолошки решенија, а истовремено развиваме и сопствени продукти. Еден од тие продукти е токму fercena.mk – твојот водич до најдобрата понуда!
Тимот кој работи на fercena.mk е динамичен и мултидисциплинарен, составен од два софтверски инженери кои се грижат за стабилността и перформансите на платформата, продукт менаџер кој го води развојот во насока на корисничките потреби и менаџер за продажба кој е фокусиран на растот и партнерствата. Дополнително, во зависност од фазата на развој, предизвиците и потребите, имаме соработака со UX/UI дизајнер, дата аналитичар и маркетинг експерт, кои со својата работа придонесуваат да обезбедиме најдобро можно искуство за корисниците.

Што ве инспирираше да го создадете fercena.mk?
Како тим што активно работи во ИТ и дигиталните технологии, постојано ги следиме трендовите во регионот и Европа. Вакви веб-агрегатори за споредба на цени постојат на многу пазари, но во Македонија сè уште нема целосно решение што нуди детален и сеопфатен увид во цените и достапноста на производите. Постојните алатки покриваат ограничен број категории или содржат нецелосни податоци, што ги остава потрошувачите без доволно информации за да донесат информирана одлука при купување. Од друга страна, факт е дека во последно време интернет корисниците сè почесто се соочуваат со онлајн измами, скриени трошоци и двосмислени пораки од непроверени сајтови кои се рекламираат како интернет продавници. Ова дополнително ја нагласува потребата од транспарентна, непристрасна и сигурна платформа што ќе ги штити корисниците и ќе им овозможи да направат вистински избор.
Од таа потреба ја добивме идејата за fercena.mk – онлајн платформа која ќе обезбеди јасни, ажурирани и релевантни информации за цените и достапноста на производите, без дополнителни трошоци за корисниците. Преку едноставен и сигурен процес на онлајн пребарување и купување, да им помогнеме на луѓето да заштедат време и пари, и да ја изградиме довербата во дигиталниот пазар. Со континуирано подобрување на fercena.mk, целиме да поставиме нови стандарди за корисничкото искуство при купување.
Како го избравте и имплементиравте AI-то за чат-ботот?
При развојот на fercena.mk, сакавме да овозможиме интуитивен и корисен начин за навигација низ големиот обем на податоци што ги обработува платформата. За таа цел, започнавме со истражување и тестирање на неколку AI алатки кои можеа да ни помогнат во структурирање, анализа и обработка на податоците, како и во обезбедување на релевантни резултати врз основа на содржината што ја внесува корисникот.
По серија експерименти и анализи, ChatGPT покажа најдобри резултати, особено во разбирањето на природниот јазик и динамичката селекција на релевантни информации. Неговата способност да обработува сложени барања, давајќи јасни и прецизни одговори, беше клучен фактор при одлуката за имплементација. AI моделот е адаптиран и оптимизиран со нашата специфична база на податоци, што значи дека чат-ботот може да ги разбере барањата на корисниците и да им понуди персонализирани и точни информации за производите и цените во реално време. Ова значително го подобрува искуството на корисниците, правејќи го процесот на пребарување побрз, полесен и поефикасен.
Kолку време ви беше потребно за да ja развиете платформата?
Од самата идеја до креирањето на оваа верзија на платформата, ни беше потребно скоро една година, но активна работа имавме околу шест месеци. Процесот на прибирање податоци и нивно обработување започна од самиот почеток, со што ја поставивме основата за функционирањето на платформата.
Првата верзија на fercena.mk, беше пуштена пред три месеци. Во таа верзија интегриравме AI во позадинското работење, а корисниците можеа да пребаруваат и споредуваат цени на околу 50.000 производи од различни категории. Во февруари оваа година, дополнително го имплементиравме AI чат-ботот на кој се работеше изминатиот период, кој сега активно помага во обезбедувањето на персонализирани и релевантни одговори на корисничките барања. Овој развој ни овозможи значителен напредок и ги подобри функционалностите на платформата, правејќи ја уште поефикасна за поширока група на корисници.
Кои технологии ги користевте при развојот на fercena.mk?
При развојот на fercena.mk, користевме различни технологии кои ни помогнаа да изградиме стабилна, скалабилна и безбедна платформа. За прибирање податоци од различни извори, користевме специјално дизајнирани алатки, кои се прилагодени за нашите потреби. Ова ни овозможи ефективно собирање и ажурирање на цените и производите во реално време.
За складирање на податоците, имплементиравме MongoDB, како база на податоци NoSQL, која ни дозволува да работиме со големи количини на податоци, истовремено со висока брзина и флексибилност.
Фронт-ендот на платформата е развиен со Nuxt.js, што овозможува флексибилна изградба на корисничкиот интерфејс и подобрување на корисничкото искуство преку рендерирање на страна на сервер.
За интеграција на вештачка интелигенција (AI), користиме алатки како ChatGPT за креирање на интерактивни и персонализирани кориснички искуства преку AI чат-бот, кој е поставен на платформата за помош при пребарување и споредување производи, обезбедувајќи точни и релевантни одговори на корисничките прашања.
На крај, за да ја зголемиме брзината и ефикасноста на платформата, имплементиравме Redis Cache, кој ни помага да складираме често користени податоци во меморија, намалувајќи го времето за одговор и зголемувајќи ја брзината на целокупното функционирање на платформата.
Како го решавате проблемот со ажурирање на цените од различни продавници?
Ажурирањето на цените и податоците за производите од различни продавници е еден од клучните предизвици при развојот на fercena.mk, со оглед на тоа што прибирањето податоци се врши од многу различни извори, со различни стандарди и структури. За да го решиме ова, од самиот почеток создадовме Dedicated Data Scrapers, кои се оптимизирани да собираат нови податоци и да прават ажурирање на постоечките производи на дневна основа. Но, динамичноста на пазарот и различните технолошки решенија користени од самите продавници, го прават процесот полн со предизвици. Често правиме тестови, а доколку е потребно и рачна проверка и ажурирање на податоците за да се осигураме дека информации се точни и актуелни.
Кои се најчестите повратни информации што ги добивате од корисниците?
Во изминатите 6 месеци, активно собираме повратни информации од нашите корисници преку лична комуникација и анкети за корисничко искуство. Овие анкети ни овозможија да добиеме јасна слика за тоа дали платформата ги исполнува нивните потреби, дали платформата е лесна и јасна за користење и кои аспекти на дизајнот или функционалноста би можеле да се подобрат. Целта на овие анкети е да ни дадат насока за подобрувања во следните верзии на платформата, во согласност со реалните потреби на корисниците.
Некои од најчестите повратни информации беа во врска со недостатокот на копче за купување, бидејќи многумина го поврзаа fercena.mk со e-продавница, очекувајќи можност за директно купување на платформата. Исто така, имаше предлози за подобрување на корисничкото искуство, предлози за нови категории и производи, како и за предлози за прилагодување на боите во дизајнот. Генерално, најголем дел од коментарите се позитивни, корисниците велат дека fercena.mk им помогнала да ја најдат најдоброто понуда за производот кој им е потребен и дека би ја кориселе при следниот купување.
Во текот на месец март планираме да спроведеме уште една онлајн анкета, со цел да добиеме повратни информации од корисниците и да продолжиме со подобрување на fercena.mk

Дали веќе имате планови како ќе ја монетизирате платформата?
Нашиот главен фокус е да обезбедиме бесплатен, транспарентен и непристрасен онлајн сервис кој ќе им помогне на корисниците да донесат информирани одлуки при купувањето. Според ова, примарната цел не е да максимизираме профит, туку да создадеме корисна платформа која има општествен придонес. Сепак, за да може fercena.mk да биде самоодржлива и да обезбедиме нејзин континуиран развој, планираме да имплементираме монетизација преку B2B модели. Некои од стратегиите за монетизација кои ги разгледуваме вклучуваат: API интеграција, Affiliate Marketing, Персонализирани извештаи и анализи и рекламни простори.
Кои се плановите за иднина? Дали планирате да додадете нови функции или категории на производи?
Започнавме со обработка на податоци од трговски маркети во прехранбената индустрија, но постојано работиме на проширување на базата со нови категории и подобрување на корисничкото искуство. Во наредниот период планираме да воведеме:
-Историја на цени – корисниците ќе можат да следат како се движела цената на одреден производ во текот на времето и да донесат подобро информирана одлука кога е вистинскиот момент за купување.
-Споредба на производи – ќе овозможиме директна споредба на повеќе производи од различни продавници според цена, бренд, карактеристики и други релевантни параметри.
-Персонализирани препораки – базирани на претходни пребарувања и интереси, со цел да им помогнеме на корисниците побрзо да ги најдат најдобрите понуди.
Покрај овие функционалности, имаме и уште еден многу интересен план за проширување на платформата, кој засега ќе го задржиме како изненадување – но дефинитивно ќе имаме што да споделиме во следната прилика. 😊
Odlichno! Vo pravo vreme :)