Енергетската криза ги принуди европските телеком провајдери да побараат алтернативни решенија. Deutsche Telekom, Orange, Telefonica и уште 13 европски провајдери побараа од американските технолошки гиганти да ја поделат сметката за надградба на инфраструктурата. Како главни причини се наведени енергетската криза и поставените цели за климатски промени во Европа.
Комисијата претходно побара мислење од двете засегнати страни, од провајдерите, и од технолошките гиганти, за начинот на кој ќе биде финансирана изградбата на 5G-мрежата.
„Цената на планирање и конструкција расте. Цената на оптички кабли на пример се зголеми два пати во првиот семестар на 2022 година. Слично, скоковите на цената на електричната енергија и останатите репроматеријали го погодуваат и секторот за вмрежување“, велат претставниците на телеком операторите.
Инвестициите во секторот на годишно ниво се 50 милијарди евра, но без дополнително финансирање, операторите стравуваат дека ќе бидат пропуштени различни можности за технологијата, претприемачите, но и за корисниците. Ова е уште поважно со оглед на тоа дека супер брзиот пристап до интернет ќе биде потребен за метаверзумот кој веројатно ќе биде следниот чекор во развојот на интернет.
Провајдерите на интернет сметаат дека компаниите како Google, Amazon, Netflix, Facebook на кои отпаѓа најголем дел од сообраќајот мора да помогнат и финансиски. Иако како аргумент овој пат се користи финансиската криза, барањата не се нови. Операторите неколку години лобираат за финансиски придонес на најголемите корисници на интернет сообраќајот. Повеќе од половина од интернет сообраќајот доаѓа од шест компании Google, Facebook, Netflix, Apple, Amazon и Microsoft. Некои од овие компании ја користат инфраструктурата за да понудат конкурентни сервиси како VoIP или TVoIP.
Технолошките компании го одбија барањето, со образложение дека и тие инвестираат во опрема и технологија со која можат да ги пренесуваат содржините што е можно поефикасно.
Иницијативата ја поддржаа и Vodafone, Bouygues Telecom, KPN, BT Group, TIM Group, Telia Company, Fastweb и Altice Portugal, пренесе Reuters.







