САД на крајот на септември воведоа забрана за увоз на возила со хардвер или софтвер произведен во Кина. На почетокот на оваа недела примерот го следеа и државите од Европската Унија, иако со значително поблаги мерки. Европската Унија донесе нова, повисока царинска стапка за електричните возила увезени од Кина.
За разлика од САД кои во целост го забранија увозот, Европа барем засега, значително го повиши данокот при увоз. За некои случаи дополнителниот данок може да достигне и до 45 отсто. Со ова, властите во Европа се надеваат дека ќе успеат да ублажат дел од предностите кои ги имаат кинеските авиопроизводители од субвенциите кои ги добиваат од владата во Кина. Европа го следи примерот на САД кои најпрво за 100 отсто ја подигнаа царината на електрични возила од Кина, а потоа и ги забранија.
Одлуката на Европската Унија која е донесена на 4 октомври предвидува повисока царина до 35,3 отсто. Пред да бидат воведени овие мерки, унијата изгласа 10 отсто повисока царина која ќе започне да се практикува во ноември. Најголем удар ќе биде нанесен на SAIC Motor, кинескиот партнер на Volkswagen.
Во Европа постои загриженост дека цената на повисоките тарифи ќе ја платат граѓаните. Како последица на дополнителните давачки, електричните возила ќе станат поскапи во Европа.
Одлуката е донесена далеку од едногласно. Предлогот го поддржаа десет држави членки на Унијата, пет гласаа против, а дванаесет беа воздржани. Франција, Италија и Полска се дел од државите кои гласаа за предлогот. Германија, која освен што е најголема економија во Европа, е и најголем производител на возила, беше против предлогот.
Како одговор на повисоката царина за увоз на електрични возила од Кина, властите од Пекинг најавија сопствени повисоки давачки. Според најавата на удар се европските алкохолни пијалаци, млечни производи и производите од свинско.
Жртва на мерките веројатно ќе бидат и германските производители на автомобили. Германските производители извезуваат возила во Кина во вредност од 23,8 милиони евра годишно. За споредба, ова е три пати повеќе од увозот на возила од Кина, пренесе Nikkei Asia. Поради ова, веројатно не е изненадување што Volkswagen, Mercedes-Benz, Ford, Audi и Opel/Stellantis побараа од Германија да гласа против воведување на тарифите.
„Нашата индустрија е под притисок на амбициозните планови за намалување на CO2 и кинеската комерцијална офанзива. Во оваа транзиција, политиките што ја поддржуваат побарувачката и обезбедуваат стабилност на правилата се поважни од кога било.“, вели претставникот на Stellantis.
„На германската автоиндустрија и треба повеќе Кина, не помалку Кина. Возилата на иднината се развиваат во Кина.“, вели Фердинант Дуденхоефер, директор на CAR (Center Automotive Research) од Бохум.
Санкциите се удар и за Кина. Кина во јануари 2024 година ја помина Јапонија и стана најголем извозник на автомобили во светот. Властите во Кина се надеваат дека овие високотехнолошки производи ќе помогна во оживувањето на нејзината економија. ЕУ е најголемиот прекуокеански пазар за кинеската индустрија за електрични автомобили.







