Некои договори не треба да се потпишат. За жал, немате секогаш избор. Таква и нашата ситуација кога се наоѓаме во канцеларијата на ѓаволот. Некои договори носат тешки последици. Договори како следниов…

Трката може да започне!
Hell of an Office e прецизен платформер во прво лице каде акцентот е на брза акција и уште побрзо бегство од пеколот. Гледајте на Hell of an Office како на свирепа креација која позајмува гејмплеј механики од Mirror’s Edge, а визуелна инспирација од DOOM. Или не гледајте воопшто така. Едноставно започнете ја играта и навлезете во најлудите пеколни бегства!

Hell of an Office има навистина интересна приказна. Потпишувате договор дека ќе служите на пеколниот господар засекогаш. Но, служењето излегува дека е значително поразлично од она што сте можеле да претпоставувате и за брзо време ќе се најдете во канцеларија која изгледа како и секоја друга, освен фактот дека во неа работат пеколни слуги и суштества кои имаат хефталица место глава.

Првата мисија е да најдете хефталица само за да видите дека нема муниција во неа. Гери е задолжен за муницијата, но Гери го нема ни за лек. Секојпат кога некој вработен не е на работната позиција сосема нормално е да се игра познатата игра Floor is Lava. Во овој случај, меѓутоа, подот навистина е лава, а лавата навистина гори, а горењето навистина боли, а болката… ма, знаете каде одиме со ова…

Hell of an Office има феноменално забавен концепт. Ви се сервираат најразлични мапи каде е потребно да стигнете од точка А до точка Б што е можно побрзо. Патот кој треба да го поминете е поплочан со различни предизвикувачки платформи, башка лавата константно расте, принудувајќи ве да трчате и скокате како луди без глава. Механиките на трчањето и скокањето се толку добро осмислени да е невозможно да не чувствувате адреналинско чувство на несопирлива брзина.


Гери излезе дека решил да се стори епископ на светата хефталица. Има и еден куп следбеници, секоја чест за човекот, би сакале и ние да бевме толку храбри. По земање на муницијата, можеме да ја користиме хефталицата за ракетно скокање од една кон друга вертикална платформа, допринесувајќи никогаш исто да не гледаме на хефталиците. Играта, патем, одлично ве опсипува со индиции кога треба да прелетувате, а кога да ја користите хефталицата, така да во ниеден момент не се чувствувавме изгубени или да ја намалуваме брзината во движењето.

Скокањето и прелетувањето можете да го користите на различни начини за да ја контролирате висината на скокот и брзината на прелетувањето. Па така, доколку скокнете со експоливната хефталка, пролетувањето го секнува вашето вертикално кревање и ви дозволува полесно да дојдете до целта.

Ни се допаѓа тоа што помеѓу неколку рунди Floor is Lava, одново се враќате во концеларијата и ја продолжувате приказната на интересни и непредвидливи начини. Па така, по земање на хефталицата, ја добивме ексклузивната можност да се подружиме со колегите. Работите кои тие ги кажуват? Класика!

Hell of an Office e пеколно добра игра. Ви препорачуваме да ја играте. Развојното студио
43 Studios се има потрудено да понуди супер брз свет со забавни механики на трчање, пролетување, скокање и ред други работи за флуидно преминување пеколни мапи. Играта има и демо доколку сакате да проверите дали ќе ви се допадне играта. Се надеваме дека ќе го проверите демото, а потоа и целата игра. Гери вика дека е добра. Му веруваме на Гери. Гери е супер. Супер сте и вие. Hell of an Office е исто така супер. Не како Гери, ама тука некаде. Што зборувавме? Да, Hell of an Office. Супер игра!

Hell of an Office се одликува и со едноставен, но моќен едитор преку кој можете да правите и вие мапи!
Повеќе детали за играта
- Произведува: 43 Studios
- Издава: Joystick Ventures
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 3 октомври 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 8
- Графика: 8
- Звук и музика: 10







