Европа започна да ги следи Ковид-19 контакти надвор од границите на секоја држава членка. Германија, Ирска и Италија донесоа одлука за соработка, и апликациите за следење на контакти ќе следат контакти и надвор од границите на секоја држава поединечно.
Германската Corona-Warn-App, ирскиот COVID tracker, и италијанската Immuni app ќе ги споделуваат податоците. Ова ќе овозможи следење на контакти за корисници кои се движат преку границите. Апликацијата во овие држави ќе работи исто како во домашната држава.
Во следните неколку недели се очекуваат уште апликации да се приклучат на оваа листа со интероперабилност. Барем 18 национални апликации се компатибилни и можат да бидат додадени, пренесе TechCrunch. Интегрирањето на националните апликации ќе заврши во ноември. Сепак ако некоја држава сака, ќе може да се приклучи и по ноември.
Клучна за интероперабилноста на апликациите е да бидат со децентрализирана архитектура. Единствено овие апликации можат да се приклучат на мрежата. Ова значи дека некои од апликациите на државите членки на Унијата нема да бидат подготвени за интеграција. На пример македонската национална апликација за следење контакти, КоронаСтоп која е со централизирана архитектура нема да може да се интегрира.
Апликациите за следење на контакти по инсталирањето и активирањето на апликацијата преку Bluetooth „комуницираат“ со сите телефони кои ја имаат апликација во близина од 2 метри. Помеѓу овие телефони се разменуваат контактите и се чуваат следните 14 дена. Во случај некој да се разболи од Ковид-19, контактите запишани во апликацијата ќе добијат известување дека биле во контакт со лице заболено од Ковид-19.
Со оглед на тоа дека бројот на заразени со коронавирус е во раст последниве неколку недели, ваквите апликации се повторно актуелни. Во Европа заедно со Британија досега се забележани вкупно над 5 милиони заболени.
Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.