Естонските стартапи достигнуваат нови граници со вселенската технологија

Естонија денес е пионер во дигиталните иницијативи, пришто многумина исто така ја сметаат малата балтичка земја како најнапредното дигитално општество во светот. Но малата земја исто така е рангирана на прво место во поглед на развој на стартапи, а дополнително таа е и дом на 10 т.н. “еднорози” – компании со проценки од над 1 милијарда долари.

10-те еднорози на естонаската стартап сцена ги вбројуваат:

  • добропознатиот Skype (2005),
  • пазарниот лидер во онлајн коцкањето Playtech (2007),
  • електронскиот трансфер на пари Wise (2015),
  • ривалот на Uber, Bolt (2018),
  • софтверот за менаџирање на лидови Pipedrive (2020),
  • платформа за осигурување Zego (2021),
  • сервисот за потврда на идентитет ID.me (2021),
  • платформа за брзо печатење Gelato (2021),
  • KYC платформатта Veriff (2022),
  • и софтверот за омни-комуникација со клиенти Glia (2022).

Она што е исто така интересно е дека земјата има и доста стартапи кои сега се обидуваат да постигнат успех во вселенската технологија, а сега тоа го прават со помош на Европската вселенска агенција (ESA). За таа цел, агенцијата формираше неколку деловни инкубациски центри (BIC) во земјите членки, меѓу кои и во Естонија.

Извор: dealroom.co

ESA BIC Естонија е меѓу најактивните, со повеќе од 20 стартапи за вселенска технологија кои веќе покажаа раст во рана фаза. Естонија е земја членка на ESA од 2015 година, нешто што им овозможи на естонските стартапи да се натпреваруваат во бројни национални вселенски проекти и јавни тендери за имплементација на оваа технологија.

Според Кадри Арак од естонскиот Научен парк Тарту, инвестирањето во човечкиот капитал на една земја е убедливо најважниот аспект кога станува збор за успехот на овие компании во вселенската индустрија.

„Можноста за привлекување на најпаметните умови може да создаде или растури една заедница или земја. ESA BIC Естонија имаше доволно среќа да привлече шест странски основачи и создаде 88 нови паметни работни места во регионот“, вели Арак.

Можностите како оние што ги нуди ESA BIC Estonia помагаат да се создадат и да се развијат овие стартапи, додава Арак.

SKUDO, вселенски стартап кој нуди решенија за сајбер-безбедност, е една од многуте компании кои го започнаа своето патување до ѕвездите преку ESA BIC Estonia. Основачот на компанијата, Стефано Алберико, раскажува за почетоците на SKUDO и неговата соработка со ESA BIC, која започнала пред околу две години.

„Дизајниравме решение за шифрирање целосно содржано во еден FPGA чип, што овозможува заштита на каква било комуникација на податоци (на пример, сателити, дронови, IoT, итн.). Имајќи ја технологијата, ни требаше пристап до пазарот и контакти со клиентите“, вели Алберико. „Договорот со ESA помогна да се обезбеди важна валидација на клиентите. ESA BIC помогна да се обезбеди стимулирачки екосистем за поддршка, финансирање, вмрежување и сеопфатна поддршка“, вели тој, додавајќи дека кога станува збор за развојот на вселенската индустрија во земјите од Балтикот, главниот предизвик е ограничениот буџет што е достапен за вселенскиот сектор.

Естонија исто така прави напори да стане лидер во сајбер безбедноста, правејќи ги технологиите за следење на безбедноста особено активна област за стартапите во земјата.

„Меѓутоа неодамна има движења и во вселенскиот сегмент со иновативни технологии, како што се дигитална комуникација, CubeSat модули итн. SKUDO преговара за нов голем договор каде, во партнерство со CGI-Estonia, ќе донесеме и тестираме наша технологија во орбитирачки сателит, каде што ќе обезбедиме шифрирана врска со податоци (Земја-сателит) врз основа на нашата технологија со FPGA чип“, објаснува Алберико.

Малите инструменти за примена во вселената, како што се камери и спектрометарски инструменти, се уште една област што нуди голем потенцијал за земјите од Централна и Источна Европа.

„Има многу случувања во Естонија и соседните земји кои започнуваат со универзитетски CubeSats, а потоа влегуваат во комерцијални апликации со хардверски компоненти и со користење на податоци од набљудување на Земјата за да обезбедат корисни информации за клиентите“, вели Рауно Гордон, основач на естонскиот вселенски стартап SpaceWave. 

Компанијата на Гордон работи на развивање брза и безбедна комуникација за наносателити, исто така со поддршка на ESA BIC Естонија.

„Нашата компанија прави вселенски хардвер, така што ни требаше одредено финансирање за да започнеме со дизајн на производи. Тоа беше првичната потреба, но придонесот од менторите, експертите од ESA во таа област и помошта од правните професионалци беа повеќе потребни отколку што првично мислевме. Сето ова ни помогна да ја основаме компанијата и да го насочиме развојот на нашиот производ во порелевантна насока“, објаснува Гордон.

Што се однесува до иднината на вселенската индустрија во регионот, Гордон вели дека токму најиновативните компании ќе создадат најголема вредност за инвестирање.

„Краткорочно и среднорочно, вселенскиот сектор може да обезбеди најголема вредност во новите информации, во услугите кои се потпираат на податоците за набљудување на Земјата или обезбедуваат нови решенија за поврзување – како што се IoT или за автономни системи“, потенцира тој. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments