Во бизнис и стартап светот, зборот „еднорог“ претставува стартап во приватна сопственост кој достигнал или надминал вредност од 1 милијарда US долари.
Дефиниција за стартап еднорог
Терминот „еднорог“ го популаризирал инвеститорот Ејлин Ли во 2013-та година и треба да покаже дека станува збор за вистинска, речиси митолошка реткост со која треба да се гледа на овие компании. Бројката на вакви компании во целиот свет е нешто над 1.000.Во стартап екосистемот поради брзиот раст, диструптивниот модел и потенцијалот за голема заработка, овие компании се едни од најинтересните за инвеститорите. Вообичаено компаниите се од технолошкиот сектор (поради лесната скалабилност) и со глобален пазарен фокус, пример:
- софтвер,
- е-трговија,
- вештачка интелигенција,
- fintech.
Некои од најпознатите еднорози во светот се Canva, Uber, Airbnb, SpaceX, Stripe и Robinhood. Вредноста на стартап еднорогот се определува врз основа на инвестициските рунди кои вообичаено ги водат ризичните капиталисти или приватни фондови. Овие инвеститори купуваат удел во компанијата, а секоја инвестициска рунда придонесува кон нејзината вредност. Постигнувањето на статус на еднорог, иако е значаен чекор, сепак не е гаранција за успех, многу фактори можат да влијаат на иднината на стартапот.
Со оглед на тоа дека во целиот свет бројот на еднорози-компании е мал, не е изненадување што во регионот бројот на еднорози не надминува 10. Во Југоисточна Европа со вакви компании можат да се пофалат Хрватска, Грција, Словенија, Романија и Бугарија.
Бугарија
Payhawk – 1милијарда долари
Единствениот еднорог од Бугарија е Payhawk. Стартапот е основан во јули 2018 година од Бојко Краџов, Христо Борисов и Константин Џенгозов. Работи на B2B менаџмент на финансии. Payhawk на финансиските оддели на компаниите им нуди единствена локација од која може да управуваат со финансиите за целиот циклус на трошење; од компаниските кредитни картички, до сметките и фактурите. Покрај кредитни картички, Payhawk нуди систем за управување со платежните сервиси на клиентите.
Седиштето на компанијата сега е префрлено во Лондон, но развојниот тим на Payhawk, и две третини од компанијата се во Бугарија. Payhawk има помеѓу 250 и 500 вработени. Во шест инвестициски циклуси Payhawk успеа да дојде до 239,1 милиони долари. Најголеми инвеститори во компанијата се Eleven Ventures, Earlybird Venture Capital, QED Investors, Greenoaks и Lightspeed Venture Partners.
Романија
UiPath Inc. – 37 милијарди долари (IPO)
Романската компанија UiPath е највредниот еднорог во регионот. Основана е во 2005-та година во Букурешт, Романија. Основачи на компанијата се Даниел Динес и Мариус Тирца. Од април 2021-та, UiPath е јавно претпријатие.
Денес седиштето на компанијата е во Њујорк, а имаат помеѓу 1.000 и 5.000 вработени.
Компанијата работи на дизајн и развој на софтвер за автоматизација на роботски процеси (robotic process automation). Технологијата која ја развиваат овозможува тренинг на роботи за автоматизирање на здодевните задачи кои би требало да ги извршуваат луѓе.Последниот инвестициски циклус за компанијата заврши во февруари 2021-ва година. Најголеми инвеститори во UiPath се Earlybird Venture Capital, Accel, CapitalG, Sequoia Capital, Coatue, Global Secure Invest, Alkeon Capital…
MultiversX – 1 милијарда долари
Вториот романски еднорог MultiversX (порано Elrond) е блокчејн проект кој се обидува да го донесе метаверзумот поблиску до корисниците. Компанијата е основана во мај 2018-та од Бенџамин Минку, Луциан Минку и Луциан Тодеа.
Компанијата започна со идеја за изработка на глобален, транспарентен, брз, финансиски систем отпорен на инфлација кој ќе биде достапен за сите. Резултат на нивната работа беше Maiar App (денес xPortal) и криптовалутата eGold (EGLD). Стартапот работи на 3 поврзани производи: xFabric – блокчејн модул кој е целосно прилагодлив и може да се користи за неколку минути; xPortal – платформа за аватари во метаверзумот и сѐ што е финансиско и социјално; xWorld – мрежа на интероперабилни метаверзуми. xPortal е дигитален паричник кој овозможува директен трансфер на пари помеѓу корисниците, алтернатива на PayPal или Google Pay. Во два инвестициски циклуси компанијата собра 1,9 милиони долари. Најголеми инвеститори во компанијата се Binance Labs.
Хрватска
Rimac Group
Веројатно најпрепознатливото име на листата е хрватскиот производител на хипер автомобили е Rimac Automobili (сега Rimac Group). Компанијата започна во 2009-та година во гаражата на Мате Римац. Седиштето на компанијата е во гратчето Света Недела, Хрватска. Денес Rimac има помеѓу 1000 до 5000 вработени.
Компанијата е позната по своите хипер-автомобили Concept One и Nevera, но е вистински технолошки гигант кога електричните возила се во прашање. Rimac произведува компоненти за различни производители. Батериите на Aston Martin Valkiyrie, Koenigsegg Regera, Jaguar E‑type Zero и SEAT Cupra e-Racer се дизајнирани во Хрватска. Во 2021-ва година компанијата се преструктуира. Тогашната Rimac Automobili се подели на Bugatti Rimac и Rimac Technology. Двете компании се под Rimac Group. Сопственоста на Bugatti Rimac е 55% на Rimac и 45% на Porsche. Rimac Technologies е 100% во сопственост на Rimac.
Компанијата има 10 инвеститори и досега собраа 975,8 милиони долари. Дел од инвеститорите во Rimac се Camel Group, Porsche Ventures, Hyundai Motor Company, Kia Motors, Goldman Sachs, SoftBank Vision Fund.
Infobip
Уште едно познато име кое доаѓа од Хрватска е Infobip. Стартапот е основан во 2006-та година од Силвио Кутиќ и Изабел Јелениќ. Хрватскиот еднорог е со седиште во гратчето Водњан, а денес имаат повеќе од 3,500 вработени во 70 земји ширум светот.
Компанијата е креатор на клауд комуникациски услуги за бизниси, организации и телекомуникациски провајдери ширум светот, а сѐ започна со идеја за создавање на виртуелна заедница за жителите на Водњан. Покрај ова работат и во други различни сектори, како роботика. Infobib е креатор на програми за поддршка на стартапи од регионот. Од 2022-ра година Infobip е сопственик на Netokracija.
Компанијата во 2 инвестициски циклуси собра 800 милиони долари. Најголеми инвеститори во компанијата се One Equity Partners, Ares Management и BlackRock.
Грција
PeopleCert – 1,1 милијарди долари
Првиот еднорог Грција го доби со стартапот PeopleCert. Компанијата е основана во 2000-та година од Бајрон Николаидес. Денес имаат помеѓу 200 и 500 вработени.
Платформата на PeopleCert нуди проценка и сертификати за професионални вештини. Фокус се вештини како проектен менаџмент, онлајн безбедност, трансформација на бизнис. Компанијата нуди тестови во 200 држави и територии, на 25 јазици.
PeopleCert досега направи две аквизиции, на AXELOS и на DevOps Institute.
Viva Wallet – 1,5 милијарди долари
Вториот грчки еднорог, компанијата Viva Wallet е основан во 2010-та година од Харис Каронис, Макис Антипас и Панос Цакос. Седиштето на компанијата е во Атина, а имаат помеѓу 500 и 1000 вработени.
Viva Wallet е прва целосна-клауд европска необанка. Имаат филијали во 23 држави во Европа и се член на Visa и Master Card за стекнување и издавање услуги. Обезбедуваат услуги за прифаќање картички на бизниси од сите големини преку иновативни Smart Android терминали и Android Viva.
Минатата година компанијата продаде 49 отсто удел на JP Morgan за 989,5 милиони долари. Со ова достигна вредност од 1,5 милијарди долари.
Словенија
Outfit7
Можеби не го препознавате името Outfit7, но без сомневање ќе ја препознаете мачката која зборува – „Talking Tom“. Компанијата е основана во јули 2009 во Љубљана од Само и Иза Логин. Денес седиштето им е во Ил-де-Франс, а имаат од 50 до 100 вработени.
Иако започнаа со креирање на апликации, Outfit7 стана супер успешен како креатор на видеоигри за iOS и Android. Најпопуларната игра „Talking Tom Cat“ е креирана неколку месеци по основањето, и по неколку неуспешни проекти. Играта е едноставна. На екранот на телефонот има мачка. Мачката го повторува она што го кажува корисникот, но како да вдишала хелиум. Talking Tom and Friends франшизата 19 месеци по креирањето е преземена 300 милиони пати. Во 2022-ра бројот на преземања надмина 18 милијарди.
Во 2017-та година United Luck Holdings Consortium го купи студиото за 1 милијарда долари. Само Логин стана директор на компанијата, а Иза Логин остана советник.