Што е Kick, новата платформа која ги собира најпопуларните Twitch стримери

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

За само неколку дена два од најголемите креатори на Twitch се префрлија на Kick. Феликс „xQc“ Ленфеил и Кејтлин „Amouranth“ Сирагуса отсега ќе стримаат и на новата платформа. Од претходно на платформата се присутни Тајлер „Ninja“ Блевинс, Хикару Накамура и Ејдин Рос.

Сепак, во моментов се актуелни xQc и Amouranth, како поради популарноста, така и поради висината на договорот. За договорот на Кејтлин нема детали, но Феликс следните две години ќе стрима за 70 милиони долари + 30 милиони бонуси. Иако е присутен на Kick едвај неколку дена xQc веќе го следат 320 000 корисници, Amouranth веќе достигна 70 000. Овие бројки не ни може да се споредуваат со бројот на луѓе кои ги следат на Twitch, на пример xQc го следат 11,8 милиони, а Amouranth 6,4 милиони.

Иако немаат договор за ексклузивност, Twitch не дозволува истовремен стрим со друга платформа, па ова е едно од ограничувањата.

Што е Kick

Ако отидете на Kick сега и ако игнорирате што пишува во URL-то и логото, тешко да може да направите разлика со Twitch. Платформата е речиси копија на Twitch. Корисниците покрај стримовите имаат можност да праќаат текст пораки; има снимени видеа и клипови. Стримерите се поделени во категории: игри на среќа, само разговор, или според игрите кои ги играат Diablo 4, Fortnite и слично.

Една од работите кои се различни со Twitch е што компанијата која е во сопственост на Amazon не дозволува игри на среќа / коцкање кои се на нелиценцирани сајтови. Тука игрите на среќа не само што се дозволени туку си имаат и категории.

Платформата е лансирана на 1 декември 2022 година. Основачите на платформата се анонимни, а основачите на Stake.com Бијан Техраини и Ед Кравен се барем дел од најгласните поддржувачи. Stake.com е крипто кладилница која нелегално функционира во САД. Стримовите на кои има обложување на Stake.com се забранети на Twitch.

Поради анонимноста на основачите веќе се шират различни приказни како дека Техраини и Кравен самите се основачи, а ангели инвеститори помогнале за креирање на Kick.

Еден од првите стримери на Kick е Тајлер Фараз Никнам познат како Trainwreck. Trainwreck одлучи да се префрли на Kick откако Stake.com беше забранет на Twitch.

Подобри услови за креаторите на содржина

Договорите кои ги добија xQc и Amouranth се само дел од приказната. Kick е една од платформите кои на стримерите им нудат најдобри услови. Од претплатите 95 отсто одат кај стримерите, а 5 остануваат за Kick. YouTube има 70/30 поделба, а Twitch од неодамна додаде 70/30 поделба, иако најголем дел од стримерите нема да се квалификуваат, и ќе останат на 50/50. Покрај високиот удел од заработувачката, правилата за користење се јасно напишани, па стримерите знаат што смеат, а што не смеат да прават.

Како и на Twitch, за монетаризација и на Kick стримерите треба да бидат дел од affiliate-програмата. За ова е потребно стримање 5 часа, и над 75 следачи на каналот. Стримерите се исплаќаат на секои помеѓу една и четири недели – ова зависи од државата во која е лоциран стримерот.

Целта е да се привлечат помалите креатори на содржина и да им се овозможи да ги монетаризираат своите канали со што би останале на платформата. Со тоа не само што гледачите би се задржале на платформата, туку не би имале никаква потреба да одат на некој од конкурентските стримови.

Во опасност ли е Twitch

Засега не е лесно да се процени како растот на Kick ќе влијае на Twitch. Сепак најголема предност на оваа платформа е што е хостирана и е во сопственост на Amazon. Kick бидејќи нема сопствена инфраструктура за серверите ќе треба да му плати на Amazon, па без разлика од која платформа доаѓаат стримовите Amazon ќе заработува.

Дел од коментарите барем во моментов не се наклонети кон Kick. Платформата ја нарекуваат измамничка, а договорите, предобри за да бидат вистинити.

Ова не е првпат некоја платформа да потпишува договори со стримери за баснословни суми. Претходно Mixer (платформа во сопственост на Microsoft) потпишуваше осум цифрени договори со  Тајлер „Ninja“ Блевинс и Мајкл „shroud“ Грзесиек. Само неколку години подоцна Microsoft одлучи да го затвори Mixer. Дали Kick ќе биде поиздржлив ќе видиме во иднина.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments