Зошто одбра да го користиш Twitter и Facebook за интервјуа со гостите?
Mи се виде интересен концептот што Лери Кинг го тераше додека одеше неговото шоу Larry King Live на CNN. Уште тогаш си реков дека ќе му го украдам! :) Шега на страна, процентот на корисници на социјални мрежи кај нас како и во САД е на завидно ниво и навистина е штета да не бидат сите тие инволвирани во процесот на креирање на емисијата. Интерактивноста која ја нудат Twitter и Facebook е како измислена за ваков вид емисии.
Објасни ни го процесот? Кои прашања ги одбирате, кои не? Има ли правила, шема…?
Гледачите кои се заинтересирани за муабетот, сакаат да постават прашање или пак да дадат некаков коментар испраќаат пост на Twitter (@edennaeden) или Facebook (facebook.com/edennaeden), има луѓе кои тоа го следат, одбираат неколку најинтересни прашања или коментари и пар пати во текот на емисијата ми ги носат во студио за да ги поразговараме со гостите. Нема никакви правила за тоа кои прашања ќе ми бидат доставени, оние што се најмногу повторувани или пак оние што сметаме дека ќе предизвикаат најинтересна реакција кај гостинот или слично, се тие што ќе бидат поставени.
Како ти го користиш Twitter и Facebook? Дали лично би се активирал во интервјуа или јавни настани преку друштвените мрежи?
Па мислам дека треба повеќе да бидам активен. Се трудам што почесто да има нешто напишано, објавено, ама знаеш како е, колку ти дозволува работата. Уредник сум на забавната редакција во А1, во еден период кога се работи под засилено темпо заради веќе доволно јасни причини, па слободното време надвор од телевизијата е знатно намалено последниве месеци. Воопшто, за било која активност на социјалните мрежи не можам да кажам дека не е во ред. Зависно од тоа кои се твоите интереси, можеш да се информираш за нови настани, да се вклучиш во дебати, да коментираш настани итн. Се додека имаш доволно време да посветиш на истото. Мреживе се фантастична работа. Вистински свет во мало!
А како им се допаѓа на гостите? Сигурно очекуваат прашања од еден, не од стотина?
Па добро, колку и да се на број тие што поставуваат прашања, горе-долу ќе бидат тие, истите прашања. Интересно е да се види како реагираат на коментарите и Facebook анкетите на пример, бидејќи тогаш ги соочуваш со едно мислење на сите. Односно, мислењето на сите поединци сведено во еден просек. Некогаш имаш позитивна реакција, некогаш само насмевка, ама кисела…
Дали ќе продолжите да ја поканувате публиката почесто да се вклучи во интервјуто, дали мислиш дека честите прашања од публиката ќе бидат добри за интервјуата? Или се само како додаток на интервјуто?
Па генерално, тие се зачинот во јадењето. Во секој случај не може да се пушти цело интервју да се води преку прашања од социјалните мрежи. Како сакаш гледај, нема да имаш повеќе од 50% употребливи прашања. Има многу што се повторуваат, многу што не се ни за прашување и сл. Значи прашањата треба да поминат некаков филтер пред да му се постават на гостинот. Оваа формула сега засега се чини одлична. Па кога CNN уште не ја менува со Пирс Морган, мора да е добра! :)
За кој гостин имаше најмногу прашања? Имаш некоја бројка?
Има супер фидбек за гостувањата на отпаднатите кандидати од Македонскиот Идол. Што не е за чудење. Идолот од почетокот до сега создаде цела тинејџерска армија следбеници кои редовно висат на Facebook и омилена активност им е да лајкнат или искоментираат нешто за нивните омилени пејачи, па ова им доаѓа како вистинска посластица – директно да го прашаат својот идол нешто. Верувам дека и јас да бев дете сега, тоа ќе ми беше ептен кул работа!
Што мислиш за влијанието на друштвените мрежи во Македонија? Посебно Facebook.
Огромно е. Нема збор. Македонија се буди и заспива на Facebook. Недостигаат паметни луѓе кои таа маса ќе ја искористат. Секако не за киднапирање и криминални дејанија, туку за паметни работи како едукација и поттикнување дискусија. Позитивните страни на социјалните мрежи најчесто се занемаруваат и корисниците се заситуваат и задоволуваат со оние неважните и помалку идиотски особини на истите. Како беше она… procrastiantion, така? :)
Подолу е Еден на еден интервјуто со Игор Џамбазов, каде дел од прашањата беа поставени од Facebook и Twitter публиката.