Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, обелодени дека телефонски разговарал со извршниот директор на Apple, Тим Кук. Во разговорот му предочил и дека голем успех во неговото претседателствување ќе биде враќањето на фабриките на Apple во САД.
Apple претходно објасни дека враќањето на фабриките назад е многу тешко. Не само што кинеските работници се поевтини, туку се и повешти. Доколку се вратат назад цената на телефоните би можела да достигне 1.500 американски долари. Сепак г. Трамп вети даночни олеснувања за компанијата, отстранувања на некои од законите што ќе ја олесни и поевтини изработката на телефони и електроника.
Работната рака во Кина која без сомневање е многу поевтина е само дел од проблемите. Вистинските проблеми ги објави MIT летово. Фабриките во Кина ги склопуваат уредите од компоненти кои се произведени во Кина, Јапонија и Тајван. Цената на компонентите во телефоните, на пример, за iPhone 6s е 230 долари, работната рака во Кина е помеѓу 4 и 10 долари за телефон, во САД е проценета помеѓу 30 и 40. Во продажба телефонот чини 750 долари.
„Ми се јави Тим Кук од Apple, му реков: Тим, вистинско достигнување за мене е ако те убедам Apple да изгради голема фабрика во САД или многу големи фабрики во САД, наместо во Кина или Виетнам. Наместо да одите на местата каде што одите, произведувајте ги уредите овде.
Ќе ви овозможиме големи даночни олеснувања, ќе мора да отстраниме некои од законите. Законите го прават ова неможно.“, пренесува дел од изјава на г. Трамп The Next Web.